Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


103

БОРБЕНИ И МУДРИ

27.12.2005.

 

Во 1999 година, кога Бучковски беше, ако добро памтам, некаков член на државна изборна комисија во време кога ни се случуваа скандалозните претседателски избори, импресионираше начинот на кој тој се бореше за правдата; тогаш неговата борбеност не само што беше симпатична туку предизвикуваше респект, пред сè зашто таа борбеност тогаш успеваше да остане сталожена и разумна дури и во катастрофалната атмосфера на насилство во која се случуваше изборниот фалсификат. Ми се чини дека тогаш Бучковски стана неприкосновено вториот човек во СДСМ - заради храброста, решителноста, но и смиреноста во тогаш мошне зовриената атмосфера која можеби ја најавуваше и чудната војна од 2001 година.

Во меѓувреме Бучковски не само што како министер за одбрана ја протурка најсериозната криза во Македонија од осамостојувањето, туку авансираше и во (дали неприкосновено?!) прв човек на сè уште најмоќната партија во нашата држава.

И не само тоа; Бучковски денес е премиер на државата во која таа функција практично е водечка политичка функција во која е концентрирана убедливо најголемата моќ.

И тука почнуваат проблемите на Бучковски, како всушност и на многуте негови колеги и претходници: проблемот на (не)дораснатоста за толку високи функции. И на тој проблем повеќе-помалку му е посветен текстов.

Велам, значи, дека однесувањето на Бучковски коешто пред само неколку години беше сосема прифатливо и респектибилно на едно ниво, денес тоа веќе не е. Велам дека не можете со исти манири на однесување да шетате по политичките скалила. Велам дека статичноста е самоубиствена за политичките кариери, како што впрочем и многу пошироко е прилично бесполезна во еден свет кој за свои врвни вредности ги претпочита флексибилноста и постојаните промени.

Да бидам појасен: Бучковски, како премиер на сите граѓани на земјава, не смее како питбул секојдневно да се џавка со Груевски и со опозицијата; не смее цела година пред изборите да прогласува почеток на изборна кампања и сосема непотребно да ги подгрева страстите и да ја одвлекува во сосема непродуктивен правец толку потребната општествена реформска енергија.

Компетитивноста на Бучковски - пред која некогаш, повторувам, симнувавме капа - денес е сосема непродуктивна и мора да се скроти. Оној што ќе ја скроти (а тоа сигурно не може да биде Бранко Црвенковски од под чиј тесен шинел Бучковски всушност и е излезен) можеби ќе успее да ја реформира СДСМ во малку понадежна партија, пред таа неславно да се растури по урнекот на ВМРО. (Но, дури и да остане хомогена, СДСМ е на патот да го изгуби влијанието, пред сè заради многу лошото политичко салдо што ù го остави на Македонија во десетте години владеење. Да не зборувам за оваа ужасна атмосфера на депресија која владее во земјава и која речиси ни за милиметар не успеа да ја помрдне кандидатското членство во ЕУ.)

Како и да е, судбината на СДСМ, за среќа (а само пред пет или десет години не беше така!), веќе не е фатално поврзана со судбината на државата и барем во тој поглед, многу бавно, ние сме точка понапред.

Од сега натаму наша првенствена грижа треба да биде каузата на демократијата и развојот. Суетните мачоистички борби меѓу Груевски и Бучковски, меѓу СДСМ и ВМРО, треба да бидат комични реликти на минатото, како двобоите меѓу Љубчо и Бранко. Таа политичка матрица би требало да ја архивираме во фиоките на нашата политичка адолесценција како држава.

Промената на политичката матрица кај нас всушност треба да претставува еден коперникански пресврт, пред сè во насока на позабрзаното интегрирање во вредносните стандарди на ЕУ. Тој коперникански пресврт всушност треба да ја претвори Македонија во долгороч      ен проект, а не во пеливанска борба на премачкани селски фраери, какви што се изнагледавме годиниве низ партиите, и какви што сè уште доминираат со нашата општествена сцена. Македонија веќе не смее да игра на ситно, од денес за утре! Македонија мора да ја напушти изборната борба како борба на живот и смрт. Таа филозофија всушност и го создава нашиот многу груб контекст во кој едни немилосрдно пропаѓаат за миг, а други стануваат богаташи преку ноќ. Во таквиот контекст ништо всушност не трае и нема никаква вредност.

Повторувам, ако Бучковски сака тепачка со Груевски, нек формира техничка влада, нек распише вонредни избори и целиот до гуша нека ù се посвети на партиската работа. Како премиер не може цела година да работи исклучиво за СДСМ! Тоа едноставно не е прифатливо политичко однесување и не само што непроценливо ù штети на државата туку и на СДСМ. Таа партија во својата краткотрајна историја веќе направи некои неверојатно крупни грешки, кои скапо го чинеа целото општество. Се сеќавате, заради кусогледоста и ситните дневни ќарови СДСМ пропушти да организира предвремени избори 1996 година, кога мнозинството граѓани го бараа тоа. СДСМ многу важни стратегиски одлуки, во периодот по осамостојувањето, му ги препушти, занимавајќи се со полукративни дејности од типот шверц и приватизациони пљачки, на остарениот, инертен и безидеен Киро Глигоров. СДСМ направи катострофална грешка и во 1997 година спрема разумните албански барања за високо образование. СДСМ падна на тоа дереџе дури и мошне опасниот Љубчо Георгиевски да изгледа ко спас за Македонија од лошата бесконечност во која до 1998 година гниевме со СДСМ и ним сличните (Стојан Андов, на пример; а гниењето ни продолжи, за жал, и по 1998, комплет со старите фигури од типот на Андов, Тупурковски итн).

И сето тоа го трпевме зашто СДСМ всушност ја застапуваше македонската животна филозофија: купи ден, помини. Без визии, без стратегии, без подолгорочни цели, без храброст да менуваш реално а не само на хартија, произведувајќи купишта опортунисти и послушници кои зад себе по правило оставаат мртво море, т.е. го оставаат главно непробуричкано нашето општествено мочуриште...

Заради сето тоа, ниту СДСМ ниту Бучковски имаат право и понатаму да нè буткаат во нивните натегнати и безсодржински битки во кои по правило латералната штета е најголема: сите ние ги плаќаме нивните често бандитски пресметки околу пленот (зарем не ви личи борбата да се приватизира ЕСМ на бандитска пресметка околу огромен плен?! Самиот Бучковски - целиот облепен со муви, ко да има медена капа! - правеше такви алузии во однос на апетите на ВМРО!). Да заклучиме: Бучковски оваа важна година, во која влегуваме, мора да ја одработи како премиер. Ако ја одработи добро, дури и да ги изгуби изборите, ќе има одредени кредити и во сопствената партија и на следните избори. Политиката е долга борба, некогаш се калкулира дури и со повеќе изборни циклуси, со десетлетија. Ако ништо друго, оваа држава и територија, барем со историјата во последниве стотина години, заслужи некој однатре, сериозно и одговорно, да се грижи за неа и да го проектира нејзиното постоење барем неколку децении нанапред.

Сево ова го велам дури и со трошка добронамерност кон СДСМ и ВМРО. Тие две партии денес, како резултат на своите поразителни политики, немаат ни една четвртина од бирачкото тело. Ако продолжат со своите често идиотски, во себе затворени, борби, набрзо ќе паднат уште пониско, на сметка на новите партии и новите пребези.

Во секој случај, над сите партиски борби стои нашиот влез во ЕУ и обврските што ги имаме на тој пат. Оној што на граѓаните ќе им заличи на сериозен, оној што гледа далеку и што суштински ја гледа Македонија во ЕУ (а не само недоветно потпрена на големата цицка!) - тој ќе има шанси во македонската политика подолгорочно. Се чини дека времето на фајтерите од типот на “мачоистичката четворка” (Љубчо, Бранко, Груевски и Бучковски) полека одминува. Ни требаат не само нови политичари, туку поинакви политички парадигми, поинакви начини на размислување. Тогаш и бизнисите ќе станат посериозни, тогаш и капиталот ќе почне да влегува во земјава, тогаш кога веќе нема да мислиме само од денес за утре и тогаш кога ќе имаме доверба пред сè во себе, а не во распашаните авторитарци што го генерираат нашето мрачно и силеџиско секојдневие.

Несомнено дека во државава постојат луѓе кои имаат доволно енергија и знаење да ги придвижат работите кон подобро. Но, дали ги има доволно и дали имаат доволно енергија и знаење да ги симнат од тронот “анахронистите” - е, тоа веќе е големо прашање. Се разбира, “анахронистите” работат на сопственото уништување - и нивните партии и земјава се пример за тоа - но драматичното прашање е дали ние сè уште имаме време и простор за пропаѓање?! Искрено, не би сакал годинава да ми заврши со 'ржењето меѓу СДСМ и ВМРО, а уште помалку да ги слушам нивните завивања целата следна година.