Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


102

ГРАДОТ КАКО КУЛТУРЕН КАПИТАЛ

13.12.2005.

 

Урбаните проблеми на градот Скопје од ден на ден стануваат сè поголеми и одамна веќе е поминато времето кога сериозни луѓе на сериозно ниво треба(ше) да разговараат и за краткорочната и за подолгорочната стратегија за развој на градот. Одвишно е и да се набројуваат проблемите бидејќи секој ден се судираме и се давиме со нив: слаба инфраструктура со тенденција кон распаѓање, ниски стандарди за живеење (фушерајски новоградби и огромен број дивоградби, окупирани и руинирани тротоари, немање паркинзи, осветлување, подземни и надземни премини...), ниска урбана култура на граѓаните, загаденост, ѓубре, исчезнување и приватизирање на јавните простори...

Се разбира, еден новински текст на ограничен простор не може да ја дофати целата лепеза причини зошто животот во Скопје за повеќето негови жители е неквалитетен, но ќе се потрудам да обрнам внимание само на неколку аспекти кои градот го поврзуваат со културата и културната политика.

Велам, културата, образованието и инфраструктурата претставуваат клучни точки околу кои големите европски градови успешно се преобразуваат од индустриски во постиндустриски. Како што индустријата беше оската на развој на големите европски градови во 20 век, така денес културата извонредно многу влијае врз стратегиите за развој на европските градови. Пропаста на тн. “држава на благосостојба” во текот на осумдесеттите години придонесе и градовите да ги менуваат своите стратегии за развој и да ги напуштаат потрошените модели.  Денес, на пример, откако европските градови доживеаја големи кризи на тн. “институционална култура”, конкретните градски и државни политики ја препознаваат независната сцена како еден од главните генератори на идниот развој. Всушност, целокупниот развоен потенцијал на современите градови денес веќе не може да се одвои од човечкиот и социјалниот капитал што го создаваат различните практики на самоорганизираното дејствување на граѓаните. Современиот живот на градот станува место каде што различностите се проникнуваат и каде што мноштвата различни интереси учат да се усогласуваат и да го збогатуваат животниот контекст. Се разбира, тоа почитување и афирмирање на разликите има и своја економска логика, која е посебно силна и поттикнувачка токму во големите градови.

За жал, тие важни тенденции на европските градови кај нас сè уште малку луѓе ги препознаваат, особено малку меѓу оние што одлучуваат, коишто ги имаат моќта и парите. Иако ние и објективно немаме доволен број компетентни луѓе кои одговорно можат да решаваат за развојните стратегии на градот и државата, факт е дека и малубројните поупатени не се доволно искористени во лавиринтите на политичките трговии со луѓе и стоки. Да, понекогаш нашата јавна сцена наликува на римски пазар на робови, во една малку метафорична смисла, бидејќи реален и јак независен сектор, невпрегнат во политичко-економските дубари, речиси и не постои, или барем е недоволно видлив.

И од тие причини културната политика е битна: таа може независните актери да ги направи повидливи, да ја зголеми понудата на берзата на идеи, да ги одржува јавните простори пред незаузданиот галоп на приватизацијата...

На Скопје му се случува истото што им се случува и на многу други градови во транзиционата источна Европа: преминот од суперјавна, комунистичка, во суперприватна, транзитна ситуација. Во суперприватната позиција јавниот простор ја губи својата цел. Јавното добро просто исчезнува зашто не се вклопува во новата денационализирана ситуација. Се разбира, последиците се катастрофални за квалитетот на живеењето; самиот град е првенствено јавен простор а не инфраструктура раслоена во приватни енклави; ние живееме едни со други, а не сме капсули на сингуларност приштекани кон глобалната мрежа. Најпосле, можна ли е воопшто демократија без постоење јавен простор?! (Да не го разглобуваме прашањево понатаму од урбанистичкото ниво зашто допрва ќе заглавиме; но, само патемно да прашаме: дали и во другите општествени сегменти - па и во медиумите! - бескрупулозната приватизација и личните интереси воопшто водат сметка за јавното добро?!)

Заради сите тие отворени прашања нам ни се потребни разумни и авторитетни луѓе кои ќе донесуваат разумни и остварливи стратегии за развој. Има и доволно успешни европски примери од кои можеме да учиме. Во Амстердам, на пример, речиси сосема е изедначена положбата на независната и на институционалната културна сцена. Главен критериум за финансирање се програмите и квалитетот на проектите. Во Даблин, веројатно најпросперитетниот европски град во моментов, младите се препознаени како креативна сила за развојот пред сè на културните индустрии: музика, филм, дизајн итн. Градот издвојува мошне големи средства за проекти, најмногу во врска со проширувањето на информатичките технологии, а мошне е важна и улогата на Универзитетот како еден од генераторите на културниот развој. Барцелона, од друга страна, е извонредно успешен пример како со помош на независната културна сцена и со помош на инфраструктурата сосема се регенерираат различни и често запуштени делови од градот. Слични, нам поблиски, иницијативи од кои може многу да се научи се случуваат и во Љубљана, Загреб, Солун... Во Загреб, на пример, во тек е основање културна фондација која би собирала средства од различни извори, пред сè од градот и државата, а со цел да се зајакне независниот културен сектор. Причина повеќе да се основа таков фонд е и што на тој начин многу полесно ќе може да се учествува во барањето пари од европските фондови кои често инсистираат на паритет, т.е. на финансирање од неколку страни.

На крајот, за поживо да ги илустрирам тезите, ќе спомнам два конкретни примери, од кои првиот е личен: веќе четири години работам во културниот центар Точка, кој веројатно е главната точка на скопската независна културна сцена. За четири години во Точка се случиле над 200 културни настани, од сите видови, и ни гостувале стотина луѓе и од земјава и од странство. Во Точка работат десет луѓе, а годишниот комплетен буџет (со кирија, плати, хонорари, проекти, печатење - сè комплет) изнесува околу 80.000 евра. И речиси сите тие пари досега сме ги добивале од - странци!

Од друга страна, како за споредба, ќе наведам една институција што се финансира од даночни пари: Уметничката галерија Скопје со своите три велелепни објекти Даут Пашин амам, Чифте амам и Мала станица само во последниве неколку години од државата има добиено неколку милиони евра исклучиво за градежни работи врз објектите! Претпоставувате дека во сите три џиновски некрополи на македонската култура, распространи на десетици илјади квадратни метри простор, годишно не се случуваат повеќе културни настани отколку што се случуваат во Точка во текот на половина година! (Се разбира, не им завидувам на вработените во Уметничката галерија зашто и тие се жртви на еден сосема погрешно поставен културен систем кој не умее ниту на елементарно ниво да ги одмери капацитетите, ресурсите, приоритетите, целите, стратегиите... Знам десетици извонредни уметници кои немаат скапан денар, кои би биле мошне поттикнати дури и со мала грижа на државата кон нив - откуп на слики, на пример - додека милиони и милиони евра заробуваме во бетон и цигли во кои никој не влегува.)

По илјадити пат мора да се повтори: Европа мораме да ја препознаеме овде, меѓу себе, и овде, меѓу себе, мораме да се обидеме да бидеме подобри, поправедни, поблагородни и поекономични. И мигот и иднината ги креираме самите. Кога тоа стварно ќе го сфатиме тогаш веќе нема, како лепрозни, да се тресеме дали ќе ни биде допуштен влезот во тврдината.