Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


101

ОБРАЗОВАНИЕТО КАКО ПРИОРИТЕТ

29.11.2005.

 

Пред неколку месеци неколкумина новинари го нападнаа министерот за финансии, Никола Поповски, за една изјава која во најмала рака бара дискусија. Се сеќавате, откако добивме нога од НАТО за скорешно приклучување, Поповски рече дека буџетот на РМ можеше да биде поинаков изминативе години, т.е. дека реформите во одбраната, кои бараат значајни пари, не мораа да бидат на врвот на реформските приоритети.

После таа изјава ионака не баш популарниот Поповски (чуварот на касата и не треба да биде претерано популарен!) беше изложен на критики дека реформите мора да се случат, сега или за неколку години, дека одбраната мора да се приспособи кон НАТО стандардите, подобро побрзо отколку одложено итн.

Се разбира, критичарите на Поповски имаа право, но само делумно, само во ограничена смисла. А бидејќи сега е период во годината кога се актуелни расправите за буџетот мислам дека е разумно уште еднаш да ù се навратиме на темата, но од малку поинаков ракурс.

Велам, прашањето заслужува дискусија зашто една од суштините на политиката лежи токму во определувањето приоритети. Парите никогаш нема доволно, дури и во најбогатите општества. Политиката секогаш крои и прекројува, политиката е онаа која одредува каде парите се најитни, каде најдобро ќе се оплодат, каде ќе го зајакнат општеството. Трагичен факт е што, и покрај радикалниот раст на државниот буџет последниве години (што исто е големо политичко прашање за дискусија), просто е бесконечен списокот на македонски институции на кои им се неопходни поголеми средства, за реформи, за подобро работење, за прифаќање европски стандарди итн.

Погледнато од таков агол, изјавата на Поповски имаше многу смисла; иако, повторувам, државниот буџет и листата на приоритети секогаш се произволни политички одлуки подложни на расправа, тешко дека некој нема да се согласи дека образованието, земјоделството или судството во моментов се меѓу највисоките приоритети на државата.

За да го илустрирам тоа, ќе се задржам на образованието, за кое сметам дека кај нас е најзапуштениот сектор, а чие значење за целокупниот развој на општеството просто е непроценливо.

Клучен цивилизациски тренд последниве децении е замената на трудот со знаење и капитал. Една од последиците на тоа е што во развиените земји полека исчезнува (додуша, често селејќи се во најсиромашните земји!) цела една општествена класа која некогаш се нарекуваше работничка и чија моќ често драматично ја менуваше историјата последниве неколку века.

И кога, значи, постои глобален процес трудот да се надоместува со знаење и капитал, тогаш е важно да се обидете да го следите тој процес на преобликување на трудот и да се обидете со знаење да ја покачите вредноста на трудот. Се разбира, тоа значи дека е потребно да се инвестира во образованието и во истражувањето.

“Политичарите сè уште не разбираат”, пишува Роберт Б. Рајх, “дека вистинската технолошка актива на некоја земја се наоѓа во способноста на нејзините граѓани да ги решаваат сложените проблеми на иднината. Нивното знаење и нивните вештини (а не, како досега, технологијата и капиталот) ја одредуваат благосостојбата на некоја земја. Парите и фабриките, информациите, машините и симболите на компаниите веќе не се врзани за конкретни територии, а оние кои имаат знаење и искуство врзани се уште помалку.”

Можеби највлијателните светски социолози во моментов (кои патем имаат и големо политичко влијание врз актуелните влади во Англија и Германија), Ентони Гиденс и Улрих Бек, на пример, сметаат дека врвен политички приоритет не се субвенциите во стопанството туку знаењето и образованието на граѓаните. Парите треба да се вложуваат во образование на граѓаните за тие да можат да се снајдат и ориентираат во новите транснационални подрачја и во противречностите на глобалниот светски систем.

Еве што вели Улрих Бек: “Еден од големите политички одговори на предизвикот на глобализацијата треба да гласи вака: изградба и доградба на образовното и научното општество; продолжување - не скратување - на образованието; образованието не треба да се фиксира само кон одредени работни места туку процесите на образование треба да се насочат кон широко применливи вештини: со овие одредби не ги подразбираме само “флексибилноста” или “учењето цел живот” туку ја подразбираме и социјалната компетентност, способноста за тимска работа, способноста да се артикулираат и разрешуваат конфликти, разбирањето на културата, умреженото мислење, соочувањето со несигурностите и парадоксите на Втората модерна...”

Учењето кај младите, на пример, веќе не може да биде, како некогаш, “флексибилно повнатрешнување на однапред зададени норми” туку многу повеќе од тоа. Според Мајкл Братер, сосема треба да се промени фокусот на образованието на младите: “Активно ориентациско средиште треба да биде изградбата на сопственото јаство. Секој млад човек денес мора да учи потпирајќи се најмногу на себе со цел да биде подготвен да учествува во сосема отворени и непредвидливи процеси.”

Учењето се поврзува со земањето на животот во сопствени раце, со преземањето ризици. Учењето едновремено се проширува и се ослободува од сопственото гето.

Се разбира, не тврдам дека нашите проблеми во образованието се исти со оние во Германија или Англија. Некои наши основни училишта работат во услови од кои би се засрамиле и во 19 век, а повеќето наши факултети според стручното знаење што се нуди не се ниту на нивото на европските средни училишта. Без оглед на тоа, и таму, во далечната ЕУ, и овде, иста е потребата радикално да се промени пристапот и клучните принципи на образованието. Затоа е многу важно фокусот - и буџетски! - следниве години да го ставиме врз образованието во сите негови видови, институционални и помалку институционални. Најпосле, стабилен раст може да се добие само со постојани вложувања во образованието - тоа е многу пати потврдена економска вистина.

Со еден збор, политиката сè уште е многу важна, и покрај тоа што многумина нè убедуваат дека глобализацијата означува своевиден крај за политиката и дека економскиот менаџмент е единствената валидна политика во моментов. (Додуша, значаен дел од нашите политичари би имале тешкотии компетентно да водат проект, а камоли да донесуваат крупни политички стратегии! Но, тие се нашите претставници, не?! Меѓу другото и затоа ни треба повеќе демократско образование: конечно да научиме да не избираме некадарни!)  

Да завршам: веројатно најголемото политичко прашање во Македонија е дали следниве години ќе продолжи трендот од буџетот да се одвојуваат 30 или 40 проценти за одбрана и полиција и само 10 проценти за образование. Тоа прашање нам ќе ни ја одреди и поблиската и малку подалечната иднина!

Се разбира, за негде да се инвестира потребно е да се создаде соодветен контекст, поволно опкружување; само така инвестициите можат да бидат квалитетни и да остават плод; на неподготвен терен можете да истурите милијарди и тие ќе пропаднат како во дупка без дно. Земајќи го предвид и тој факт, повторувам, крајно време е да му посветиме поголемо внимание на образованието.