Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


96

ТРИТЕ ПРОЦЕНТИ

20.09.2005.

 

Најважното прашање во нашата земја во моментов е прашањето на економскиот раст. Се разбира, тоа прашање е извонредно сложено, поврзано со низа други, така што во текстов ќе се обидам да осветлам некои аспекти на тоа прашање кои и немаат директна врска со економијата но кои значајно влијаат на економските процеси.

Најпрвин ќе изнесам една можеби проблематична теза: економскиот раст е резултанта на волјата на луѓето во едно општество, волјата да работат, но пред сè да се менуваат и самите себеси и својата околина. Ми се чини дека растот од три насто (ако е толку?!) изминатата година во Македонија го направиле веројатно не повеќе од 10 до 15% од вработените. Мнозинството од 70-80% главно било околу нулата и главно за залага за статус кво, додека најмалку 10-15% влечат уште подлабоко кон дното со својата лоша организација на работењето.

Прифаќањето на промените, ми се чини, е клуч за позабрзаниот економски раст. И тоа прифаќање не на новите догми на денот туку на постојаните промени, бидејќи светот сè позабрзано и од ден на ден се менува. Флексибилноста станува една од најголемите општествени вредности директно поврзана со економијата.

Раст од 10 проценти (кој го има Кина последниве години, кој го имаа Грција и Шпанија до пред некоја година) приближно за седум години ви го дуплира бруто општествениот производ. Тоа е драматична промена! Замислете Македонија петнасет години (што воопшто не е нереално) да имаше раст од 10 проценти! Ќе бевме четири пати побогати отколку што сме сега! Просечната плата ќе беше осумсто евра! (Кој ја памти Грција пред триесет години и кој ја гледа денешна Грција - знае што зборувам.) Но, таа хипотетична Македонија речиси немаше да има врска со сегашнава издишана и летаргична земја. Во таа Македонија наместо сегашните неколку стотици или, во најдобар случај, неколку илјади реално моќни луѓе, ќе имавме неколку десетици илјади доволно независни и влијателни и моќни луѓе. Многумина луѓе во таа хипотетична Македонија немаше да ги имаат своите децениски монополи, а моќта ќе беше многу подисперзирана.

Како и да е, и после во многу нешта залудните петнаесет години, одново треба да нагласиме: услов мнозинството граѓани да го прифатат драматично забрзаниот економски раст е најважните структури во општеството да ја прифатат неминовноста од постојаните и големи промени во сите сфери. Тоа значи дека значајни промени ќе се случуваат насекаде: во образованието, правосудството, културата, медиумите...

Ќе нафрлам само неколку мошне интересни податоци за да илустрирам дека драматичните промени се случуваат на светско ниво и дека токму затоа е важно ние да го прифатиме императивот на тие промени, за тотално да не испаднеме од меѓународниот поредок. Ќе се задржам само на две области, туризмот и комуникациите, бидејќи неколку стручњаци на Македонија ù советуваат интензивирани вложувања токму во овие сектори.

Знаете ли дека туризмот според големината е третиот стопански сектор во светот, веднаш зад оружјето и дрогата? Според светската туристичка организација туризмот сочинувал 12% од вкупното светско стопанство во 2001 година. Растот во туризмот од 1950 до 2000 е зголемен за дваесет пати. Средоземјето, на пример, во текот на 1955 година го посетиле 100.000 луѓе. Во 1970 година бројот пораснал на два милиони а во 1990 на шест и пол милиони. Растот продолжува, а целото Средоземје е претворено во постојано градилиште.

Воздушниот сообраќај во текот на деведесеттите растел помеѓу пет и седум проценти годишно. Повеќето светски аеродроми се претворени во перманентни градилишта. Подолгорочно, тоа создава шокантни промени: проценката е дека до 2010  вкупниот број на патници во светот ќе порасне од сегашните 1,8 милијарди на 2,5 милијарди годишно.

Комуникациите се следното шокантно подрачје на развој. На радиото му биле потребни 38 години од моментот кога било измислено до моментот кога допрело до 50 милиони луѓе. На телевизијата за тоа ù биле потребни 13 години. На интернетот му беа потребни 4 години.

Дури и кај нас тие промени се забележливи. Ни требаа децении да стигнеме до бројката од петнаесетина фиксни телефони на сто жители. Со револуцијата на мобилната телефонија ние само за неколку години дојдовме до тоа секој полнолетен жител во Македонија и голем дел од малолетниците да имаат мобилен телефон.

Слично е со бројот на автомобилите. Последниве пет години бројот на регистрираните коли во Скопје двојно е зголемен (за жал, не е зголемена и патната мрежа).

Да резимираме: нужно е да ги прифаќаме промените, да им одиме во пресрет, да ги насочуваме и да им се прилагодуваме.

Но, најважно од сè е да си ја одредиме нам подносливата брзина на развој. Драматичниот развој некогаш знае да биде и опасен; последиците од големото забрзување понекогаш се понегативни од позитивните придобивки. Ќе го изнесам примерот на славниот теоретичар на системите, Грегори Бејтсон (од мошне интересната книга “Тиранија на моментот” на Норвежанец Томас Хилан Ериксен). Алегоријата на Бејтсон зборува за еден супер коњ, развиен од најострите умови во науката, тн. полиплоиден коњ. Тој коњ е двојно подолг, двојно поширок и двојно повисок од обичниот коњ. Се разбира, тој тежи осум пати повеќе од обичниот коњ. Тој не може да стои исправено, бидејќи скелетот му е само четири пати посилен од скелетот на обичен коњ. Утробата му е постојано изложена на опасноста да биде сварена, бидејќи кожата му е два пати подебела од на обичниот коњ, додека површината е само четири пати поголема. Тој воедно е хронично гладен и задишан, бидејќи хранопроводот и душникот само четири пати му се поголеми во однос на обичниот коњ, а телото е осум пати потешко.

Таа басна Бејтсон изворно ја раскажал кон крајот на 1970-ите, предупредувајќи на претераното одушевување со генетските манипулации. Но, како што вели Ериксен, таа басна зборува и за сложеноста воопшто и можеби за старата тема на Маркс и Енгелс, за преминувањето на квантитетот во квалитет.

Значи, да повторам, прашањето за економскиот раст на Република Македонија е извонредно сложено прашање. Се разбира, во прв ред тоа е политичко прашање, но на него, на специфичен начин, одговара и целокупниот естаблишмент во земјава. А бидејќи прашањето е еминентно политичко можеби многу критикуваниот министер за финансии, Никола Поповски, всушност изнесува политичка и поширока општествена проценка, дека максималниот капацитетот за развој на земјата е само три проценти годишно?! Мене ми се чини, гледајќи токму политички и земајќи ја предвид лошата атмосфера во земјава (за која и Поповски е одговорен), дека министерот за финансии реално ги проценува нашите можности. Тешко можат да се насетат сили во естаблишментот кои имаат доволно сила и доверба за да ги поттикнат граѓаните малку повеќе да запнат во изградбата на земјава. Но, на чисто психолошко ниво: не сакам да верувам дека сме осудени на сегашнава мизерија. По ѓаволите со реалните политички проценки! Не сакам да верувам дека Македонија е баш толку многу инфериорна во однос на Грција, Бугарија, Хрватска... И ќе се потрудам барем она што јас го работам следниве години да се развива со стапка повисока од три проценти.