97
ЕФЕКТОТ НА ПЕПЕРУТКАТА
04.10.2005.
Уште Меклуан, еден од првите медиумски теоретичари,
пред педесетина години, зборуваше дека во новото електронско
информациско опкружување луѓето толку интензивно стануваат меѓусебно
поврзани што секој почнува да знае сè за секого. “Станавме
неотповикливо инволвирани едни во други, и одговорни едни за други”,
беше клучната реченица на Меклуан.
Тие процеси денес се стократно зголемени. До тој
степен станавме планетарно исповрзани (ко црева, како што се вели,
како газ и гаќи, споени со видливите и невидливите “црева” на
технологијата, политиката, културата) што на сопствена кожа почнавме
да го чувствуваме прочуениот и некогаш толку апстрактен израз од
физиката на хаосот: “ефектот на пеперутката”. Лепетот на крила на
пеперутка во Африка, преку низа хаотични дејства, може да предизвика
цунами во Азија, на пример. Како што едно сронето зрнце песок или
една капка вода можат да предизвикаат лавини и поплави.
Ми се чини дека за слични нешта пишува и Салман Ружди
во својот најнов роман, “Кловнот Шалимар”. (И самиот Ружди, патем, е
еден од симболите на таа нова планетарна исповрзаност: сите поважни
светски весници ги одбележуваат излегувањата на новите книги на
човекот кој денес едновремено е симбол и за огромниот јаз помеѓу
Западот и Исламот, но и за споеноста меѓу Истокот и Западот. Еве, за
Ружди, една интересна забелешка на Јовица Аќин: “Никој не е пророк
во своето село, вели Мухамед. И тој самиот, тврдејќи дека е божји
пратеник, мораше, 622 година, да го напушти родното место, Мека, и
дури, како странец, во Медина, да го заснова исламот: “Исламот го
започна странец и ќе го заврши странец” - тој е “Рај за Странци”,
гураба, според Коранот. Хиџра, преселбата, во исламот има
темелно значење. Во тој поглед, постои ли поголем муслиман од Салман
Ружди чијашто изгнаничка верзија се искажува во постојаното
преселување, во маскирањето и криењето пред потрагите и потерите?”)
За она што го поттикнало, значи, да го напише својот
нов роман, Ружди вели:
"Пред
четири години никој не ни насетуваше дека приказната за Њујорк и
приказната за Ал Каеда ќе бидат поврзани. Веќе не е истото како кога
ги пишував “Децата на полноќта”, каде што зборував за Индија и
Пакистан и немаше потреба да пишувам за другиот дел од светот за да
ја раскажам приказната. А сега сè повеќе чувствувам дека ако сакате
да раскажете приказна за убиство во Калифорнија, на крајот
завршувате раскажувајќи приказна за многу други времиња и места за
да му дадете смисла на тој настан на тоа место”.
Денес е многу веројатно дека некое
дете од Газа, кое талка помеѓу урнатините предизвикани од
израелските бомби, во своите парталави раце ги држи клучевите на
судбините на илјадници Њујорчани, да речеме. Денешната
испреплетеност знае да биде и многу подиректна, понепосредна; на
пример, најмоќните и најбогатите западни компании значаен дел од
своето производство преселиле во најсиромашните земји на светот.
Конците на поврзаноста меѓу најсиромавиот на светот и најбогатиот
денес, парадоксално, се видливи повеќе од кога било порано, иако
јазот помеѓу најсиромавиот и најбогатиот е поголем од кога било
порано.
На политички план, на пример, тоа значи дека приемот
на Македонија во ЕУ зависи од безброј ситни треперења, трговии и
односи на сили како во ЕУ така и во самата наша држава. А треба да
се напомене дека тие односи на сили никогаш не се фиксирани туку се
во постојани флуктуирања, превирања и нови конфигурации. Дали цел
еден европски регион со педесетина милиони жители ќе отиде во оваа
или онаа историска насока можеби ќе зависи од неколку десетина
илјади гласачи, Французи, да речеме, кои идната година ќе го
избираат својот претседател. Иднината, пак, на цела една голема, би
рекол, потенцијално светска сила каква што е Турција зависи од
политичките калкулации на неколкумина во европски рамки речиси
безначајни австриски политичари?! (Се разбира, свесен сум дека
прашањето на приемот на Турција во ЕУ допира многу повеќе слоеви и
интереси и дека е едно од најголемите планетарни политички прашања,
но постојат историски ситуации кога едно влакно на вагата претежнува
навака или натака.)
Можеби процесите и не ни се толку јасни, но евидентно
е дека светот забрзано се менува. Она што го гледаме не е само ново
зацртување на културната карта, како што вели Клифорд Герц, туку
измена на самиот процес на картографирање. “Нешто се случува со
начинот со кој мислиме за начинот на којшто мислиме.” Од една страна,
нашите локални заедници сè побрзо се преобразуваат бидејќи во нив
постојано се внесуваат “оддалечености”; од друга страна, и самите
наши “лични” или “локални” или “средишни” искуства во голема мера се
посредувани и веќе не ни “припаѓаат”. Тие процеси радикално го
менуваат нашето разбирање за она што 'светот' всушност е. Тоа
менување важи и за 'појавниот свет' на поединецот и за поширокиот
универзум каде што се одвива општествениот живот. “Иако сите ние
живееме во локалниот живот, појавните светови главно се вистински
глобални”, вели Ентони Гиденс, давајќи совет: “Глобализацијата
навистина е феномен на денешнината. Беспредметно е да се тврди дека
е ужасна. Таа едноставно е тука и го одредува начинот на којшто
живееме. Точка. Ние мораме да ја претвориме во наша предност.”
Сличен е и мојот заклучок. Две работи најјасно
произлегуваат од тезите за општата поврзаност: едната е дека веќе
никој сам не си ја одредува судбината; сите станавме неотповикливо
инволвирани едни во други и одговорни едни за други; втората работа
е дека секој мора да дејствува на својот дел од теренот бидејќи
понекогаш и најмалиот напор дава ефекти. Само да не се седи со
скрстени раце! Залудо работи, залудо не седи. Затоа имаат смисла
сите наши борби, страсти, акции. Некаде, некогаш, тие нешто ќе
помрднат. Можеби промените ќе настапат доцна во однос на нашите
намери и можеби нема да се случат на местата каде што посакуваме -
но несомнено е дека сите учествуваме во менувањето на светот.
|