95
ЗА ДЕВОЈКАТА, БИКОТ И ЛИМЕСОТ
06.09.2005.
Во низа наврати
пишував дека Европа е македонската судбина и дека ние во моментов
како држава (а во голема мера и како култура) ни приближно немаме
никаква друга геопололитичка варијанта освен обединувањето во
Европската Унија. Но, ќе направиме голема грешка ако патот во Европа
го сфатиме исклучиво како диктат, како наложена догма, без на тој
пат и во таа идеја да ги вложуваме сопствените идеи, искуства и
преиспитувања. Таа задача, да мислиме критички и со своја глава, не
ни ја налага само сопственото национално, културно и политичко
достоинство, туку таа задача ни ја налага и самата европска историја
со своите многубројни противречности и конфузии кои сè уште силно
зрачат и сè уште во значајна мера го отежнуваат европскиот проект.
Но, за да не трупам здодевни фрази и суверенистички декларации (за
кои постои голема можност погрешно да бидат сфатени), малку ќе се
послужам со историјата и со метафорите.
Повеќето од нас знаат дека името Европа е митско име на една девојка
во која се вљубил таткото на боговите, Ѕевс. Ѕевс нејзе всушност ја
обљубил или силувал, покажувајќи ù се во форма на бик. Но, она што
помалку се знае е дека потеклото на името на европскиот континент е
од постар датум и нема врска со старогрчката митологија. Етимолошки,
зборот “Европа” е изведен од асирскиот збор “ерп”, што означува
нешто мрачно, темно, матно: нешто што се наоѓа таму каде што сонцето
заоѓа. “Асис” кај Асирците значело светло, она што осветлува: она
што е таму каде што сонцето излегува - Азија. Оттаму и ние денес
зборуваме за Запад (земјата на заоѓањето) и Исток (земјата на
изгревот).
Го потенцирам овој момент на “мрачноста” на Европа зашто европската
историја во голема мера е мошне сурова, крвава и мрачна, особено
кога станува збор за нејзиниот постојан стремеж кон територијални
проширувања. Дури може да се рече дека она што денес е
неприкосновена европска агенда (мир внатре и проширување кон надвор,
кое во голема мера служи за токму да го зајакне мирот, т.е.
границите) всушност е стожерниот елемент на европската идеја низ
историјата; од Пјер Дибоа, во 14 век (кој во својот славен текст “За
обновата на Светата земја” се занимава со можноста да се надмине
судирот помеѓу царството и папството како европска задача, со цел
најпосле да се оствари освојувањето на Светата земја), па преку
“Големиот план” (Grand Dessin) за преобликување на Европа од 1632
година, сè до Наполеон и Хитлер, клучна европска идеја е да се
пронајде врската помеѓу обезбедувањето мир на внатрешен план и
експанзијата кон надворешниот свет.
И ден денес Европа го исцртува својот лимес, наследен од Римското
царство. “Лимес” е римскиот геополитички инструмент за освојување и
подоцна за заштита на освоените територии. Најпрвин употребуван како
поим за патишта кои водат во тешко проодни области, терминот “лимес”
го променил значењето во последните векови на Римската империја,
станувајќи политичка и воена концепција: преодна зона помеѓу
царството и варварите, помеѓу постојано населените и номадите,
помеѓу законот и самоволието.
Македонија е една од многубројните нестабилни и флуктуирачки
европски граници кон Исток. Затоа за нас има непроценлива важност да
се најдеме од “оваа” страна на лимесот, но со свест дека картите на
светот не се поделени еднаш засекогаш и дека светлината и темнината
низ историјата ја менуваат својата местоположба речиси во ритмот на
деноноќијата.
Ќе ја завршам оваа мала политичка историско-метафорична поука со
современ пример, од земја од која многу може да се научи. Пред
зградата на универзитетот во Љубљана има интересна бронзена
скулптура на која се прикажани Ѕевс и Европа. Но, за разлика од
митот, каде Ѕевс ја игра улогата на опасен насилник, овде улогите се
малку изместени: леконогата ќерка на Феникс, со пожудно извадениот
јазик, танцува над бикот-Ѕевс и ширејќи ги нозете на таткото на
боговите му ја покажува својата женска невиност. Не е силувана, не е
грабната, туку Европа во оваа сцена само го заведува моќниот бик.
***
Ќе се обидам малку поконкретно да ја разработам горната идеја,
поттикнат од идеите на хрватскиот теоретичар Винко Гргурев.
Евроскептицизмот нема баш висока цена во преовладувачките европски
интелектуални и политички кругови. Евроскептицизмот го
поистоветуваат со национализмот, провинцијализмот, затвореноста и
немањето храброст да се влезе во еден радикално поинаков политички
концепт кој низ идејата за интеграции и споделен суверенитет треба
да им ја одреди иднината на европските земји. Евроскептицизмот како
да е резервиран за “заостанатите”, за “кочничарите”, за “анахроните”
кои главно се наоѓаат екстремно лево или екстремно десно на
политичкиот спектар.
Но, има едно навистина важно “но” кога станува збор за
евроскептицизмот: на неговата друга страна се наоѓа евродогматизмот.
Догматизмот подразбира безрезервно прифаќање на одредено стојалиште.
Догматизмот не трпи критика и инсистира на аподиктичност.
Скептицизмот, од друга страна, ги критикува и ги проблематизира
работите, што, пак, е еминентно европско интелектуално наследство!
Од Платон и Аристотел, преку Декарт, до Хјум и Кант, скептицизмот
всушност означува предвесник на рационализмот. Рационализмот,
наспроти догматизмот, е столб на западната цивилизација и на
европскиот проект.
Меѓу другото и од тие причини потребно е да олабавиме во критиката
на евроскептицизмот и да побараме негова афирмација; критиката и
проблематизирањето на европскиот проект се императив, а не ерес. Не
смееме да си дозволиме лесно отфрлање на евроскептицизмот зашто тој
чин всушност подразбира отфрлање на секоја критика кон Европската
Унија, т.е. подразбира нејзино догматизирање.
За нас, дополнителна причина да се замислиме над термините кои имаат
јаки политички зрачења, е што нашата позиција во однос на
меѓународните институции најчесто е вазалска, да не речам
колонијална. Впрочем, македонската елита слично, догматски и
аподиктично, се однесуваше и во времето на социјализмот; ретко кој
суштински се обидуваше да ги промислува тогашните идеолошки норми,
иако цели купишта луѓе магистрираа и докторираа на теми поврзани со
социјализмот и самоуправувањето, но без макар и во назнаки да ги
доведуваат во прашање наметнатите идеолошки принципи. Од таквата
“елита” ја добивме и оваа тунелски мрачна транзиција која трае еве
веќе петнаесет години. Таа догматска и опортунистичка елита, во
ваква или онаква форма, сè уште владее со општествениот живот во
Република Македонија и трагикомично е што истата таа елита која беше
и социјалистичка и националистичка и “државотворна” (па и
“рамковна”) сега треба да го подготви, идејно, културно, политички и
на сите други начини, нашиот влез во ЕУ.
Пред триесетина години имаше теоретичари кои истакнуваа дека
источноевропските политички бирократии објективно се најголеми
сојузници на своите најреакционерни западни “непријатели”. Она што
тогаш беше имплицитно, вели Винко Гргурев, изби на виделина во
деведесеттите години: “Транзицијата, во крајна линија, е процес во
кој мултинационалните центри на политекономската и воената моќ за
своја цел го прогласија преземањето на сите потенцијали на
“новодемократските” земји, заради поефикасна репродукција на
сопствениот капитал. Станува збор за колонијализам прекриен со
демократска фразеологија”.
Уште еднаш повторувајќи го, значи, сопственото мислење дека
Република Македонија во моментов, за жал, нема никаква друга
стратегиска алтернатива освен ЕУ, се залагам, сепак, за малку
порелаксиран и покритички однос кон Европа, и заради нашата
самодоверба но и заради потребата благородната идеја за обединетиот
континент да продолжи да живее и надвор од дневните агенди на Брисел
и од здодевните бирократски реторики.
Најпосле, евидентно е дека водачите на ЕУ во моментов имаат важни
стратегиски недоумици, а богами и граѓаните на Европа имаат јасно
изразени сомнежи во однос на иднината. Белки тоа е доволна причина и
ние, хронично периферните, малку повеќе да се замислиме над
работите.
|