94
ТОТАЛИТАРИЗАМ И ТЕРОРИЗАМ
23.08.2005.
Пред неколку дена на македонски јазик, во издание на Евро Балкан
Прес, две години по нејзиното англиско издание, се појави една мошне
интересна книга: Терор и либерализам од американскиот новинар Пол
Берман. Иако книгата е рекламирана како најдобар филозофски и
политички водич за ерата која започна по 11 септември 2001 година и
како најмудриот одговор на хипокризијата на левицата и десницата во
однос на војната со теророт, нам книгата може да ни биде важна како
навистина репрезентативен приказ на американското политичко
расположение, и тоа пред сè во интелектуалните либерални кругови.
Што се однесува, пак, до хипокризијата, мислам дека и книгата на
Берман не е поштедена од неа (некои левичарски критичари Берман го
нарекуваат соЦИАлист!); но овојпат ќе го прескокнеме критичарскиот
момент и ќе се концентрираме да објасниме зошто четивото на Берман
ни е важно нам, овде во Македонија.
Книгата Терор и Либерализам би требала да им биде интересна не само
на нашите политичари и новинари (затоа што нуди навистина
далекусежни политички анализи кои имаат важни геостратегиски
импликации) туку книгава може да заинтригира и еден поширок
интелектуален слој во кој припаѓаат уметниците, писателите или
луѓето кои се занимаваат со верски прашања. Токму за овие последниве
книгата на Берман може да биде особено провокативна зашто тој во
мошне широки потези зборува, меѓу другото, за теолошките борби во
рамките на исламот и за врските помеѓу политиката, религијата и
културата. “Културњаците”, пак, можат да бидат испровоцирани од
Берман зашто тој важни историски и политички преломи во западната
цивилизација наоѓа токму следејќи ги влијателните уметнички и
филозофски дела на Ниче, Бодлер, Виктор Иго, Хенри Џејмс...
Своевиден водич низ книгата, на пример, е Албер Ками; “се наоѓаме во
апсурдна ситуација”, вели Берман, “момент каков што би посакал Албер
Ками; имаме причина да бидеме исплашени, но не е добра идеја денес
да се биде исплашен”.
Во тие зборови ја наоѓам можеби и главната причина зошто книгава е
важна и за нас кои петнаесеттинава години ги поминавме главно во
страв од уште полошо; вистина е: многу лошотилици проголтавме
изминативе години, но многу и самите создадовме; а стравот, се чини,
денес веќе стварно не е добра идеја.
Главната теза на Берман всушност е на Ками: тоталитаризмот и
тероризмот се едно исто. Ако ги откриеме корените на тоталитаризмот
ќе знаеме како да се справиме со тероризмот. Берман прави чекор
понатаму кога тврди дека деструктивната моќ на современиот исламски
фундаментализам всушност потекнува од западните обиди да се
воспостави тоталитаристичко општество, сеедно дали во неговата
десна, фашистичка форма, или во неговиот комунистички лик. Исламот,
се разбира, изворно не е злокобен повик на нетрпеливост кон другите
религии, но негови влијателни толкувачи, особено во поново време,
при проучувањето на исламските норми во голема мера се инспирираат
од западниот нихилизам и радикализам кои поснажно се појавуваат кон
средината на 19-иот век.
Тоталитаризмот е една од клучните формативни идеи на 20-иот век.
Тоталитарните движења во голема мера црпеа сила од апсурдите на
либералниот оптимизам од 19-иот век; 1914 година е одличен пример:
на почетокот на таа застрашувачка Прва светска војна “тоталитарните
мислители знаеја како да протестираат и презираат, а либералните
мислители премногу лесно се обременуваа со хипокризија, заблуди и
скриени мотиви; тоа беше војна во која едноставноста, која е моќна,
им припаѓаше на тоталитарците, а комплексноста, која е слаба, им
припаѓаше на либералите”.
Дали денес, по речиси сто години, имаме слична ситуација?! Берман
мисли дека исламскиот фундаментализам е следниот голем
тоталитаристички предизвик со кој Западот ќе мора безмилосно да се
пресмета, сè бранејќи ја светоста на либералната идеја. Берман,
речиси како Буш (кого многу благо го критикува на пар места во
книгата), мисли дека Европа е премногу конформистичка и декадентна и
дека најмногу во Америка лежи “силата на слободата”, т.е. силата да
се одбрани либералниот концепт за општествено уредување.
Берман воопшто не звучи шупливо и демагошки како што често звучат
интелектуално не премногу софистицираните идеолози на Буш. Берман,
ми се чини - можеби и заради литерарниот нерв и уметничката
поткованост - е далеку и над нивото на Хантингтон со неговите
сомнителни тези за културолошки и религиски војни; најпосле, Берман
е левичар, т.е. либерал, според американската терминологија, и
оттаму веројатно и произлегува убедливоста на неговата
аргументација.
Еве, на пример, како аргументира Берман, читајќи го низ светлината
на Ками, престижниот исламски интелектуалец, Тарик Рамадан: поривот
за бунт, т.е. просторот што во западната верска традиција го
заземаат скепсата и сомнежот, е главната точка каде што се
разидуваат исламот и западната цивилизација, смета Тарик Рамадан. За
разлика од Западот каде голема важност имаат скепсата и сомнежот,
според Рамадан (во толкување на Берман), во исламот покорноста е над
сè. Во исламот не постои искушение за бунт. Берман вели: “Покорноста
пред Бога му овозможува на исламот да создаде, барем потенцијално,
унифицирано и морално општество. Покорноста е патот кон социјалната
правда, задоволувањето на душата и хармонијата со светот”.
Во таа покорност, се разбира, лежи големата опасност на фанатичниот
тоталитаризам. Еве што вели Абдула Азам, идеолошкиот претходник на
терористичката групација Ал Каеда и учител на Бин Ладен: “Степенот
до кој расте бројката на учени маченици е степенот до кој нациите се
ослободени од нивната дремка, спасени од нивното паѓање и разбудени
од нивниот сон. Историјата се испишува само со крв. Славата ги гради
своите палати само со черепи. Честа и почитта можат да се изградат
само врз темелите од осакатени и мртви тела”.
Многу такви реченици од влијателни исламски интелектуалци цитира Пол
Берман во својата книга. Но, тој ја воспоставува и клучната
релација: “...Сигурно ќе кажете дека ова не може да биде западен
начин на зборување - овој начин, сепак, е егзотичен! Но тоа е истиот
оној начин на кој зборуваа германските лидери пред шеесет години. Ни
болшевиците не се плашеа така да зборуваат. Viva la Muerte!,
извикуваше генералот Франко. Ова воопшто не е егзотично. Ова е
тоталитарниот култ на смртта. Ова е она ужасното што се провлекува
повеќе од осемдесет години”.
Ние во регионов исто така добро ја познаваме некрофилската реторика
која често се крие зад декламирањето на верата. Добро знаеме дека
зад етничките чистења во Босна или Хрватска стоеше - понекогаш
премолчана, понекогаш директна - поддршката пред сè на српската
православна црква; но и католичката црква во Хрватска знаеше да ги
затвора очите и да го стимулира прогонот на верски поинаквите. Добро
научивме, бидејќи споделувавме иста земја: “прво одат попови, па
лопови, па топови”.
Кај нас, во Македонија, книгата на влијателниот американски
аналитичар може да биде мошне интересен патоказ во актуелните борби
за власт во рамките на Исламската верска заедница. Книгата на Берман
недвосмислено јасно застанува на позицијата дека Западот не смее да
го толерира исламскиот верски фундаментализам во ниедна варијанта.
Доколку во овдешниве борби за власт победат порадикалните исламски
струи, тоа пред сè лошо ќе влијае врз подолгорочните каузи на
исламот на овие простори; но исламскиот радикализам може и во
поширока смисла да ги доведе во прашање позициите на исламот во
Европа, на пример. Затоа во мигов е потребна голема политичка и
верска мудрост пред сè овде на Балканот, каде што најнепосредно се
допираат исламот и христијанството. Таа мудрост е потребна не само
за да ја стабилизира кревката европска периферија, туку и да понуди
нови крупни стратешки визии за посуштествено сплотување на
различностите на континентот. Доколку овде во Европа успееме да ги
намалиме политичките, верските и културните тензии тоа ќе биде
значаен сигнал дека светот сепак не го чекаат нови верски војни и
нови тоталитаристички закани.
Книгата на Пол Берман, Терор и либерализам, можеби не е идеалниот
помирувач меѓу “цивилизациите во судир”, но е на линијата на
помирување и на поголемо меѓусебно разбирање меѓу Истокот и Западот.
Најпосле, напозитивните зборови за книгата ги искажа бившиот
политички затвореник и борецот за поголема демократија во арапскиот
свет, Саад Един Ибрахим: “Предноста на Берман е во тоа што влече
паралели и аналогии за да ги направи муслиманите дел од историјата,
да го направи нашиот регион дел од светот, зашто тој тоа и е, тоа
треба да биде, и тоа е она што ќе продолжи да биде”.
|