Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


93

БЛИСКИТЕ ПРИЈАТЕЛИ СЕ ДАЛЕКУ?

09.08.2005.

 

Викендов, прелистувајќи го печатот како подготвка за сопствениот вторнички текст, налетав на една извонредно разумна мисла на некогашниот фински претседател Урхо Кеконен: “Умните земји имаат пријатели блиску, а непријатели далеку”. Ете ја поентата на текстот што сакав да го пишувам, за нарушените македонско-српски односи.

За разлика од Скандинавија, значи, на Балканот сè уште владее онаа чудна меѓудржавна логика која вели дека секој сосед е непријател, додека пак соседот на нашиот сосед (нашиот посреден комшија) - ни е пријател! Според таа исчашена логика, испаѓа дека наши непријатели се Србија, Грција, Бугарија и Албанија, додека пријатели ни се Хрватска, Романија, Турција итн. Иако звучи лудо, факт е дека значаен дел од оваа меѓудржавна филозофија за цркнувањето на комшиските крави има своја историска и геостратешка веродостојност.

Но, работата е, по ѓаволите, да се ослободиме од прангите на лошата балканска историја! Токму како Скандинавците! Наместо да отвораме заеднички амбасади со Србите, Хрватите, Босанците, Албанците, Бугарите (како што тоа го прават Норвежаните, Финците, Данците и Швеѓаните) и на стотици начини во светот да се обидуваме да се пробиваме заедно (зашто секој одделно едвај сме видливи, а и пари немаме), ние се истоштуваме во меѓусебни сплетки и сопки, трошејќи ги на глупости ионака скудните ресурси. Сите нам ни требаат блиски и доверливи пријатели, а не непријатели што дишат во врат и премеруваат туѓи меѓи. Белки за толку имаме капацитет, во 21 век, по сите војни и по сите искуства кои регионов го претворија во европско слепо црево.

Викендов и феноменалниот српски карикатурист, Коракс, имаше одлична карикатура, на истата тема: претседателите на Хрватска и Србија, Месиќ и Тадиќ, се гаѓаат со топови од кои наместо ѓулиња излегуваат човечки черепи... Ако во Европа, после онолку застрашувачки и релативно скорешни страдања успеаја да се помират Германија и Франција, Полска и Русија, Ирска и Британија, Чешка и Германија, Турција и Грција... - нема никаква причина тоа да не можат да го направат Србија, Босна и Хрватска, т.е. сите земји од некогашната СФРЈ.

Србија има големи и сериозни проблеми, и на внатрешен политички план, и економски, а особено на надворешен и меѓудржавен план. Многу веројатно е дека Србија ја чекаат воени репарации за злоделата направени во Босна и Хрватска. Црна Гора, впрочем, веќе почна да ја обештетува Република Хрватска за злосторствата што црногорските резервисти ги направија околу Дубровник 1991 година. Србија го има и проблемот со Косово. Со својот најголем проблем, страшното наследство што го остави кобниот Слободан Милошевиќ, Србија дури и не сака да се соочи, на некој начин дури и продолжувајќи ја, преку Коштуница, политиката на најмонструозниот балкански политичар во поновата историја. Иако Србија во моментов е мошне слаба ниеден разумен човек не смее да ја злоупотребува слабоста на таа држава. Не треба никогаш да се заборави примерот на во Версај исфрустрираната Германија која ја загуби Првата светска војна; пониженоста на Германија го доведе Хитлер на власт а тој ја направи Втората светска војна. Многу нешта во Србија во моментов не ветуваат ниту убави ниту брзи расплети...

Позицијата на Република Македонија во случајов, за среќа, е специфична. Не само заради длабоките стопански и културни исповрзаности (кои долго и тешко се градат, а лесно се рушат со кавгаџиски и примитивни министри), Македонија мора да ù помогне на Србија едноставно затоа што во моментов таа е постабилна држава!  Значи, нашата помош не треба да произлегува од нашиот страв туку токму обратно: од нашата сигурност и од нашата искрена вера дека пријателите служат да помогнат во неволја.

Можеби ова сфаќање изгледа идеалистичко до глупост, но цврсто верувам дека политиката во себе содржи и значајни дози на идеализам, дури и кога манипулира со него. Да не беа важни идеализмот и подолгорочните визии и решенија, светот ќе го водеа исклучиво книговодители и менаџери! Затоа искрено верувам дека ние треба да им помогнеме и на слабото Косово и на дезориентираната Србија, зашто само така добиваме легитимитет и нам некој да ни помогне. На крајот на краиштата, ако не веруваме макар малку во идеалистичките принципи на политиката, ние никогаш нема да стигнеме во ЕУ!

Зборот ми е дека треба да најдеме начин да го ослободиме јуродивиот свештеник Јован Вранишковски. Не зашто се плашиме од српскиот бес или зошто ја потценуваме опасноста од овдешните злокобни инсталации на Српската православна црква и на српското разузнавање (кое во еден свој дел сè уште игра на картата на растурање на Македонија), туку зашто успеваме да видиме потаму од ирационалноста на актуелната српска политика. Јуродивиот треба да го ослободиме и зашто мислиме на иднината, зошто ни е многу важно добрососедството, а најпосле и зашто еден значаен дел од нас се христијани што треба да учат да го вртат и другиот образ, а патем да ги гледаат и раските и балваните, и тоа пред сè кај себе.

Се разбира, дури и нашата волја и вера дека можеме и овде на Балканот најнепосредно да придонесеме и за духот и за практиката на големата европска идеја, не нè ослободуваат од аналитичката и од критичката размисла. Србија ја води мошне лоша и опасна влада предводена од конзервативниот националист Коштуница. Таа влада толку многу ги затега односите на сите страни што најлошото можеби допрва следи, откако радикалите ќе го преземат сега речиси сосема, од Коштуница, подготвениот терен. Како што вели бившиот министер во владата на Ѓинѓиќ, Жарко Кораќ, во Србија никогаш, по демократските промени 2000-та година, црквата не играла волку голема политичка улога како денес. Она што особено загрижува е што една делегитимизирана влада својот подуништен авторитет го компензира со мошне запалива реторика, затскривајќи се зад црквата. Во тој случај, вели Кораќ, проблемите во Србија штотуку почнуваат, со оглед на тоа што следнава година претстојат крупни политички искушенија и значајни политички одлуки: “Така останува стравот дека владата, разнишана со финансиските афери и со неефикасноста, во новиот патриотизам ќе го побара својот псевдолегитимитет. Профитот од таквата стратегија ќе го искористат други. Црквата и националистичката опозиција, пред сè. Како резултат на тоа уште повеќе ќе се намали просторот за разумни одлуки во претстојниот период. Во општеството се создава атмосфера дека само јаките потези политички се прифатливи. Дека само заканите, одбивањата и уцените можат да доведат до соодветни решенија.”

Пред Република Македонија, значи, стојат полни раце работа. Задачата не е само да се намали бесмислената тензија со Србија (како што тоа полека го правиме со Косово), туку да се создава терен за многу подолгорочни политички решенија кои ќе го стабилизираат регионов. Еден од начините тоа да го направиме е ни во најцрните политички сништа да не го следиме патот што Србија го оди повеќе од петнаесет години.