92
ПОЛИТИКАТА НА СУВО
19.07.2005.
Гордиевиот јазол на актуелните македонски борби
за моќ во моментов не би можел да го разреши ни Александар
Македонски лично! Толку работите изгледаат заплеткано. Тешко се
согледува кој е со кого, а евидентно е дека многумина се против
некого. Дури и самата политика, сфатена како посеопфатна општествена
грижа, како да издишува врз врелата почва на суровата стварност;
политиката кај нас во моментов е толку сардисана што постои само
како вештина на деловно-економски маневри во однос на спротивните
тајфи и кланови.
Пред налетот на новата рунда од распределбата на
капиталот разбиени се и партиите; веќе немаат какви било идеолошки и
политички принципи, а дополнително однатре се поделени заради
судрените економски интереси.
СДСМ, владејачката партија, е најдобра
илустрација за внатрешниот хаос и за напукнатите брани што едвај под
контрола ги држат последните легислативни норми пред работите во
земјава да експлодираат во анархија или диктатура (или во некоја
перверзна комбинација од двете, на што делумно наликува наликува
нашата сегашност).
Судирот Бучковски-Црвенковски, т.е.
премиер-претседател, дури и да е фингиран, дури и да е во функција
на рано предизборно маневрирање, дури и да е чудна резултанта на
разни поситни судири во СДСМ, исто така ја илустрира општата
разбиеност која почнува на самиот врв и се шири надолу токму како
некакво распрскувачко стакло кое сè уште стои меѓу актерите и
публиката, меѓу поданиците и владетелите. Распрскувањето на таа
стаклена пајажина може да разбие многу илузии, но може и да создаде
толку срча што по неа тешко ќе чекорат и стаорците...
Претседателот Црвенковски никогаш во кариерата не
делувал поизгубено, иако паметиме негови колосални грешки од
неколкуте премиерски мандати. Неговите сегашни грешки не
произведуваат голема и директна општествена штета, но создаваат
умртвена атмосфера. Сликата за претседателот последниве месеци е
дека тој е окупиран со спортско-забавни манифестации на кои остава
впечаток на фрустриран и неизживеан малограѓанин без посериозни
животни и културни репери. Дури и неговите ретки потези што имаат
некаков политички набој (споменик за Тито, веронаука, визи за Косово...)
изгледаат парадно и празно; неговите мавтања со лажната “цврста рака”
речиси по ништо не го разликуваат од депласираните националистички и
популистички чаталења во опозициониот табор.
Но, човек со леснотија не може (иако мора, заради
неговата врвна одговорност) да го обвини дури ни евидентно
дезориентираниот Црвенковски; кој знае што сè се тркала зад завесите
и напукнатите стакла?! Можеби токму гледајќи како набабрува јазолот,
а не можејќи да го разреши, Црвенковски, преку музика и спорт,
избира да кокетира со овдешниот тажен и лажен џет сет?! (Се разбира,
сликата на тривијалниот Црвенковски може да залаже зашто тој добро
ја владее славната политичка стратегија на патка: одозгора треба да
изгледаш смирено и достоинствено, а одоздола, под водата, со нозете
треба да веслаш триста на сат!)
Сегашната улога на Црвенковски, значи, не ме
загрижува толку од политички причини колку од културни; Црвенковски
(слично како до скоро Љубчо Георгиевски) како да станува симбол за
една цинична и опортунистичка општествена свест која со помош на
церемонијализирањето на културата владее и ја формира нашата груба и
тривијална стварност.
Затоа за момент ќе излеземе од таа стварност.
Затоа за момент ќе ја баталам бесполезната опседнатост со овдешните
пеливански натпревари (толку добро сите се испомачкани со зејтин што
просто се лизгаат низ рацете на законот!) и ќе продолжам со темата
која во моментов во Македонија предизвикува проѕевање и досада:
Европа.
Неодамна Славој Жижек, на една закачка упатена
кон него од страна на десничарскиот премиер Јанез Јанша, одговори
дека му е поважна анализата на три минути филм отколку демагошки
сфатената судбина на словенечката држава: “Сакам да живеам во држава
каде што можам да се занимавам со минутите на добриот филм, а не со
судбината на Народот, и во држава во која ќе завршам поголема работа
така што ќе се занимавам со добри филмови отколку да бидам евтин
предизборен патриот”.
Славој Жижек, значи, во еден од своите последни
текстови во Гардиан, вели дека европското “не” во Франција и
Холандија всушност е НЕ за отуѓената и бирократизирана европска
елита, и политичка и медиумска. Жижек, во моментов еден од
најпровокативните светски политички мислители, се залага за можноста
политиката сè уште да биде жива и отворена, да предизвикува дебати и
постојани преиспитувања на еднаш-засекогаш-дадените-насоки. Дека на
луѓето очајно им треба изгубената живост на политиката најдобро
покажува што само и токму во таа точка, во потребата прашањето за
тоа што е нова Европа да остане отворено, во моментов се спојуваат
популистичката европска левица и десница.
Во доцната доба на својот живот Фројд, соочувајќи
се со мистеријата на женската сексуалност, го поставува славното
прашање Was will das Weib?” - што всушност сака жената? Дали
заплетот со европскиот устав, се прашува Жижек, ја поставува истата
дилема: што сака Европа?
“Да го речеме тоа грубо: дали сакаме да живееме
во свет во кој единствениот избор е оној помеѓу американската
цивилизација и кинеската, авторитативно-капиталистичка, која е во
експанзија? Ако одговорот е НЕ, тогаш единствената алтернатива е
Европа. Третиот свет не може да произведе доволно силен отпор спрема
идеологијата на американскиот сон. Според сегашната светска
констелација, тоа може да го направи само Европа. Вистинската
опозиција денес не е помеѓу првиот свет и третиот свет. Таа
опозиција всушност се наоѓа помеѓу, од една страна, првиот и третиот
свет (американската глобална империја и нејзините колонии) и вториот
свет, Европа”, вели Жижек. Кон мултикултурната американска глобална
империја лесно се интегрираат пред-модерните локални традиции. Она
што е тешко ефикасно да се асимилира е европската модерност.
Затоа сакам да верувам дека дури и во
македонскиве стеснети предмодерни или едвајмодерни локални рамки
можно е да се бориме за нешто што не го нуди нашата локална елита.
Да се бориме за нешто што е отаде СДСМ, ВМРО, ДУИ, Трифун и Пенов,
првиот, вториот и третиот пат, Мобимак, Космофон, Веро, Окта,
Макпетрол, Пивара, Вардар, Силекс и Башкими... Тоа нешто токму е
самото право на борба, на глас, на гадење спрема постоечкиот поредок
и неговите актери и теми. Нам ни требаат и нови претпоставки и нови
теми и актери, во прв ред политички, но и економски и културни.
Идејата за Европа барем делумно може да помогне
човек овде да не се чувствува толку сам и изолиран, или барем да не
се чувствува толку несреќен во неизбежната изолираност. Не зборувам
за ескапизам; баш обратно: зборувам за учество и борба против
надминатите шеми. Наместо по цел ден анестезирано и глупо да ги
гледаме и да ги озборуваме пеливаните, можеме да се потрудиме нашите
сопствени стремежи, идеи и интереси да ги внесеме на јавната сцена.
Оваа колумна, меѓу другото, служи за да ги охрабри таквите обиди.
|