Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


91

ЗАБРЗАНОТО ВРЕМЕ

05.07.2005.

 

Неодамна во едно истражување се појави речиси фрапантен податок дека дури 97 проценти од македонските граѓани го подржуваат влезот на Република Македонија во Европската Унија. Тој податок подеднакво е поттикнувачки и за малкумината наши реално и сериозно проевропски ориентирани политичари и за Брисел - бидејќи веројатно не постои европска земја со поголема поддршка за евроинтеграциите.
Од другата страна на сликата за општонародниот консензус, се разбира, се наоѓа темната опачина: сите ние добро знаеме - а ако не знаеме, чувствуваме - дека потребата за влез во ЕУ е потреба некој да нè заштити и некој да внесе малку ред и предвидливост во нашите хаотични животи носени навака-натака од сосема непредвидливите текови кои речиси никој не ги контролира но многумина сакаат да ги манипулираат.
Живееме во време на аномија. Зборот го создаде францускиот социолог Емил Диркем кој во 1897 година се обидуваше да ги разгледува причините за самоубиство. Човек посакува да се убие, според Диркем, кога му исчезнуваат сите правила (nomoi) и кога во неговиот свет веќе не постојат норми и потпорни точки.
Ентони Гиденс, пак, зборувајќи за глобализацијата која најнепосредно ги обликува нашите животи, зборува за Runaway World, за еден свет без потпирка, свет излезен од шините, избеган, во неконтролиран трк...
Но, спротивност на “Забрзаниот свет” е “Неподвижниот свет”. Несомнено е дека времето на промените едновремено е и доба кога се создаваат некакви поинакви претпоставки за други состојби на стабилност. Кога доаѓа новото тогаш старото на некој начин заминува, но на разни начини тоа и останува, само помалку видливо. На пример, сосема е веројатно границите кои паднаа 1989 година да се појават на некои сосема нови места. Тоа впрочем и се случува, некаква реконфигурација на светот, нешто што впрочем отсекогаш се случувало, но во новиве времиња многу позабрзано.
А сепак, како што вели славниот либерален филозоф Ралф Дарендорф, исчезнувањето на познатите структури достигна степен што многумина вознемирува: “Рака под рака со глобализацијата го доживуваме распадот на правдата и редот и во сопствената земја и во другиот дел од светот. Тоа би можела да стане најважната тема на нашето време и веќе денес тоа е најголемиот тест за секоја политика на слободата. Бидејќи во светот без потпирка луѓето бараат нови врски, кои отвораат големи прашања кога најпрвин се тежнее кон слободата.”

Меѓу другото и затоа Европа е голема тема и меѓу другото и затоа Македонците речиси немаат друг излез освен да ја промислуваат сопствената политика на слободата во рамките на новите интеграции, регионални и европски. Различностите во светот веќе не се темелат во автономноста и сувереноста туку во меѓуодносите. Во тие меѓуодноси се создаваат нови фигури на значења, други поредоци и поинакви структури на моќта. Отвореноста кон туѓите културни влијанија веќе не подразбира осиромашување на локалните култури. Баш напротив! Како што вели Ханерц, отвореноста на луѓето може да им даде пристап кон технолошките и симболичките средства кои ќе им овозможат да се занимаваат со сопствените идеи и да управуваат со сопствената култура на нов начин.
Многу добро се уверивме, во периодот на последниве петнаесет години, дека “независноста” и “сувереноста” честопати се исклучива придобивка на локалните криминализирани политичари, демагози и силеџии, кои сосема независно од каква било контрола, под превезот на партиската или државната сувереност, пљачкосаа и подведоа под сопствените шепи сè што може да се грабне. И подвижен и неподвижен имот. И живо и мртво. И сегашноста и минатото. Грабежливи се и кон иднината.
Најмногу токму во име на иднината, наша обврска е да им доакаме на новите феудалци, економски диктатори и монополисти, макар и на начин обврската да им се потсечат добро развиените канџи да ја споделиме и надвор од локалната средина, со помош на ЕУ, да речеме. Тоа не нè ослободува од одговорноста директно да се соочиме со овдешните паши. Ама значи дека имаме право да се умрежуваме и да бараме помош надвор од намерно стеснетите локални хоризонти.
Еден од начините да им застанеме на пат на оние кои земјава ја претворија во бордел за лудите и збунетите е најпрвин самите да се здружуваме, по најразноразни основи. Таа култура на здружување, која треба да се негува и оздола и која е одговорност и на граѓаните - не само на елитите - ќе придонесе за веродостојноста на институциите што допрва ќе треба да ги градиме, за сопствена заштита, за контрола, за процедури... Ни требаат институции не само за да се вклопиме во европските системи туку кои нас самите ќе нè ограничат и насочат и кои нараснатите антагонизми ќе успеваат да ги направат плодоносни со помош на насочувања.
Но, над сè, и институциите и законите треба да ги штитат луѓето, нивниот живот, нивните човечки права и демократијата. Зашто во моментов кај нас најниска цена има токму елементарниот човечки живот, а обезвреднети се и трудот и достоинството. Во такво монструозно општество Македонија почнува да се претвора.
Гледав некни на две различни телевизии два различни прилога кои овде ги вкрстувам: едниот зборува за некаква нова македонска фондација која ќе го поттикнува наталитетот кај православните Македонци. Буџет немаат, само добри желби и некакво ЦД. Трогателно и јадно. Вториот прилог е од ХТВ: Хрватите купиле флота од шест хеликоптери за брза помош кои за десет минути стигаат каде било на хрватската територија. Предвидуваат дека со таа инвестиција годишно ќе спасат околу сто животи. И трета работа која ја надоврзувам на двеве: живеам во Дебар Маало, на Ленинова. На раскрсницата меѓу Ленинова и Орце Николов само последнава година сведок сум на дваесетина сообраќајки, некои од нив драматични. Не знам за човечките жртви, но материјалните штети се огромни. Сигурно неспоредливо поголеми од поставување семафори. А такви места, каде што со мали инвестиции ќе се превенираат големи штети и ќе се спасуваат непроценливи животи, само во Скопје има барем десетина. И поставувам прашање: што со живите Македонци, православни и други?! Претураат по контејнери, немаат работа, немаат сини картони, а и да имаат, џабе им се. Немаат речиси ништо пред себе, освен една по сите основи дискредитирана политичка елита околу која се собрани цели купишта други демагози и ловци во матно...
Семафор ни треба, надземни и подземни премини, патеки за шетање, велосипеди, скромни но достапни здравство и образование... И, повторувам, ни треба почитување на човечкиот живот, на трудот, на достоинството...
Затоа луѓето гледаат во ЕУ како во последна шанса за Македонија, кога веќе локалните моќници произведуваат само очај и безнадежност. Затоа европската идеја е важна за Македонија, но важна е и како некаков глобален патоказ во едно доба кое баш и нема премногу заеднички патокази.