90
СРЕБРЕНИЦА
21.06.2005.
Деновиве се навршуваат десет години од геноцидот во
Сребреница. Тогаш трупите на воениот злосторник Ратко Младиќ
извршија масакр над 7000 цивили, муслимани, главно мажи и момчиња.
Од историјата знаеме: од варварство до цивилизација потребен е век;
од цивилизација до варварство потребен е само еден ден. Тој ден на
просторите на нашата некогашна земја се случи на 11 јули, пред десет
години, во Сребреница. (Во симболичка смисла зборуваме за еден ден и
едно место: Сребреница е кондензација на низа настани кои се
подготвуваа многу порано, но кои фатално историско забрзување добија
со доаѓањето на Милошевиќ на чело на Србија, 1987 година). Тој ден,
значи, иако е симбол на монструозниот режим на Милошевиќ кој беше
главниот протагонист на крвавото распаѓање на СФРЈ, сепак е само
еден од, за жал, многубројните примери во 20 век дека човекот умее
да биде пострашен од најзбрлавениот ѕвер.
“Ние сè уште не сме опоравени од мрачното доба”, вели Вил Дјурант во
својата Историја на цивилизацијата: “несигурноста буди алчност,
големиот страв поттикнува суровост, сиромаштијата ги потхранува
незнаењето и валканоста, валканоста создава болести, незнаењето раѓа
лековерност, празноверие, окултизам - и сето тоа сè уште живее во
нас; а догматизмот, кој како гангрена се развива низ разни форми на
нетолеранција и инквизиција, само ја чека можноста или дозволата за
угнетување, убивање, пустошење и уништување. Во таа смисла,
модерноста е само плашт префрлен преко средновековноста, која
скришум опстојува; а во секоја генерација, цивилизацијата е со напор
создаден продукт и несигурна обврзувачка привилегија на проголтаното
малцинство”.
Ете затоа мислам дека Сребреница нè обврзува сите, особено нас што
живеевме во поранешната СФРЈ, но ги обврзува и сите други Европјани,
бидејќи Сребреница е само кулминација на една страшна дваесетвековна
европска политика која може да се повтори, како што предупредува
Дјурант. Впрочем, кога Тадеуш Мазовјецки после масакрот во
Сребреница поднесе оставка на местото специјален пратеник на
генералниот секретар на ОН за човечки права, го даде следново
образложение: “Веќе не можам да се преправам дека можам да ги
заштитувам човечките права под ова знаме. По Сребреница, јас, како
Полак, во Европа се чувствувам помалку сигурен.” Вацлав Хавел на 19
октомври 1994 година, отворајќи еден споменик во знак на сеќавање на
транспортите на Евреите во концентрационите логори, но алудирајќи на
силеџиската српска политика во тоа време, рече:
“Ако не сме способни
на злото да му погледнеме в очи и да му се спротиставиме од самиот
почеток, ризикуваме подоцна да бидеме немоќни. Секогаш кога му
попуштаме на силеџијата, тоа попуштање ја содржи опасноста тркалото
на ужасот повторно да се заврти.”
Во Сребреница плански, организирано и методично беа убивани
припадниците на другата етничка и верска заедница. Тоа беше злостор
не само против човечноста туку и етничко чистење и геноцид. Во
пресудата на Меѓународниот кривичен суд за бивша Југославија на
генералот на војската на Република Српска Радослав Крстиќ од 19
април 2004 година стои:
“Целта беше да се истребат 40.000 босански
Муслимани кои живееја во Сребреница, група која беше симбол на
босанските Муслимани во целата БиХ... Силите на босанските Срби во
моментот кога се впуштија во реализација на геноцидот беа свесни
дека извршуваат трајна штета врз босанските Муслимани. Жалбениот
совет со потполна увереност изјавува дека правдата со соодветни
формулации ја осудува огромната и трајно нанесената штета и дека
колежот во Сребреница го нарекува со вистинското име: геноцид.
Одговорните ќе ја носат оваа стигма, и таа ќе служи како
предупредување за во иднина на сите оние кои ќе помислат да направат
такво гнасно дело.”
Трагедијата на Сребреница нè обврзува да кажеме дека војската на
Младиќ на сите можни начини беше помагана од центрите во Белград, и
логистички и финансиски и со регрутирање на луѓе. Се случи дури и
тоа муслиманите кои од Сребреница се обидоа да избегаат во Србија да
бидат вратени назад, спротивно на сите меѓународни норми, за
ладнокрвно да бидат убиени во најголемиот злостор на тлото на Европа
по Втората светска војна.
Обврзани сме да го чуваме сеќавањето на тој злостор зашто во целиов
регион, особено во Србија, но и кај нас, постои јасна и дури
преовладувачка тенденција да се релативизираат злосторствата и да се
“урамнотежат жртвите”. Во релативизирањето на злосторството не само
што отсуствува почитта кон жртвите туку се отвора можност за нови
злосторства и бескрајни одмазди. Затоа соочувањето со геноцидот во
Сребреница пред сè е српска обврска и тежок историски долг не само
спрема невините муслимански жртви туку и спрема многубројните српски
жртви во суровите балкански војни во текот на 20 век. Плукањето на
муслиманските гробови (постои еден застрашувачки српски слоган:
“Нож, жица, Сребреница”) значи плукање и на сопствените многубројни
жртви кои настрадаа, на пример, за време на Втората светска војна во
фашистичката Независна држава Хрватска предводена од злогласните
усташи. Да се изедначат, на пример, партизаните и фашистите денес е
невидено не само политичко туку и хуманистичко и цивилизациско
слепило. А нивелирањето на злосторствата никогаш не е добра политика
- тоа сознание е многу важно и за Република Македонија, иако и овде
паметта влегува на едно а излегува на друго уво, а зборовите на
мирот и толеранцијата одекнуваат како камења фрлени во празен бунар.
Сеедно. Пак ќе потсетиме дека умниот учи и од туѓите искуства, а
будалата исклучиво од своите. Пак ќе потсетиме дека во Србија
изминативе дваесетина години не се случи само историско салто
мортале туку и салто морале; не само политичко и национално
помрачување туку и морално самоубиство. Затоа ќе ги потсетиме во
многу нешта мизерните македонски и албански елити да не ù се ситат
на српската интелектуална и политичка елита која мора да се соочи со
Сребреница како со парадигма на злосторот и на историската срамота.
Нашите политички и интелектуални елити, за жал, исто така се
излезени од истиот националистички шинел кој Србија ја прекрива со
мрак еве веќе речиси дваесетина години.
А како уште едно предупредување за тие наши саможиви и анахрони
елити, за крај, ќе ги цитирам мудрите зборови на неодамна починатиот,
во длабока старост, француски филозоф Пол Рикер, кој претставуваше
еден од последните живи симболи на изминатиот век: “Вишокот помнење
повлекува со себе и некаков вид заборавање. Барајќи ја правдата,
загрозените малцински групи никогаш не ги забораваат понижувањата
или победите, но злото што тие самите го направиле секогаш го
забораваат. Се осмелувам да речам дека култот на колективното
помнење создава услови за слепило кон несреќите на другите. Во таа
смисла, историјата е поправедна од помнењето, во онаа мера во која
изискува дистанца и проширена точка на гледање: историјата секогаш
претпоставува споредување, додека во помнењето, по правило, нема
споредби со ништо и со никого.”
|