89
КУЛТУРНА ИНТИМНОСТ (2)
07.06.2005.
Логиката на држава која се конституира и одржува
исклучиво врз националното често води во дестабилизација на државата.
Има многу примери за тоа. Минатиот пат, потпирајќи се на книгата
“Културна интимност” од Мајкл Херцфелд, пишував за одредени
конституциски петна на грчката држава, петна кои водат во мошне
опасни националистички, па дури и расистички насоки.
Еден од најмрачните примери каде води стопувањето на етничкото,
националното и расното е Германија од првата половина на дваесеттиот
век; но дека германското национално лудило е подготвувано барем
педесетина години претходно сликовито покажуваат и следниве зборови
кои славниот Французин Ернест Ренан, за време на војната од 1870/71,
му ги упатува на својот германски адресат, Давид Фридрих Штраус:
“Вие (Германците) наместо либерална политика го развиоривте барјакот
на археолошката и етнографската политика; оваа политика ќе ве уништи.
И соодветната филозофија што ја создадовте и пренесовте на полето на
политиката ќе ви донесе само проблеми. Словените ќе се одушеват од
тоа... како можете да верувате дека Словените нема да ви го направат
она што вие им го правите на другите?... Кога еден ден Словените ќе
почнат да полагаат право на Прусија, Померанија, Шлезија и Берлин, и
тоа зашто тие имиња имаат словенско потекло, кога на Елба и Одра ќе
го прават она што вие го правевте во Мозел, што ќе речете тогаш?
Нацијата не може да се поистовети со расата.”
Се чини дека грчката современа политика сосема ги презема
деветнасетвековните концепти за археолошката и етнографската
политика како темелна државотворна политика. Таа политика се потпира
врз една многу снажна интимна култура на крвта и тлото, при што во
популарниот говор се поткрепуваат идеите за вродените (гнисиос,
гр.) идентитети. Се разбира дека таквата политика и таквата
“културна интимност” можат да создадат несогледлив хаос.
Но и во потесна интелектуална и теориска смисла, таквите сфаќања
создаваат категоријален хаос. Како да се дефинираат Евреите кај кои
идентитетот нужно не ги поврзува потеклото, верата, јазикот и
територијата?
Затоа сознанието на Бенедикт Андерсон дека етносот е метафоричка
конструкција (а сите ние живееме во замислени заедници) во Грција ги
растресува темелите на колективната онтологија. Андерсон всушност
имплицира дека самиот термин етницитет, кој има грчко потекло,
семантички е сосема несигурен, особено во денешна Грција. Грчкиот
јавен дискурс, како што вели Херцфелд, не ја допушта можноста од
двосмисленост во дефиницијата на етносот, чиј основен модел е самата
грчка нација, но токму таа семантичка непроменливост им дава
најразбирлив модел на другите културни и општествени ентитети кои се
борат да пронајдат начин да го изразат својот колективен идентитет.
Наместо плуралистичка визија тој нуди само можност од создавање сè
поголем број меѓусебно непријателски “националности”.
Ова е важно да се согледа и од нашата сопствена, македонска
перспектива:
за да имаат шанса да успеат проектите за некакво
национално еманципирање потребни ни се одредени форми на културно
самоиспитување.
Ова е важно да го сфатат и македонските Албанци кои
под превезот на борбата за повеќе граѓански и индивидуални права (поврзани
со етничките права) всушност тераат најсоголено есенцијализирање на
националното, т.е. сведување на комплексниот човечки идентитет
исклучиво во етнички рамки. За жал, кај нас се извонредно ретки
политичарите или интелектуалци Албанци кои принципиелно стојат на
граѓански позиции и кои, на пример, се грижат за повеќе права на
Ромите или хомосексуалците, на пример.
Се разбира, во ваквиот балкански контекст во кој живееме, многу
тешко е да се напуштаат државотворните и националните концепти од
минатото, кои всушност се европски. Сведоци сме дека од
есенцијализирањето на националното тешко се откажуваат дури и
зрелите европски демократии, кои пред стотина години се соочувале со
предизвиците со кои денес се соочуваме на Балканот (сфатен како
некаква малкуцка заостаната Европа во мало!). Но, се чини дека друг
пат, освен оној на интеграциите, на поделената сувереност и
редефинирањето на сопствените идентитети, не постои. Дувлото можеби
е топло, омразата кон другиот и различниот понекогаш можеби
обединува - но тоа дефинитивно не се сегашните балкански и европски
агенди. Ако таквите патолошки “културни интимности” во Европа одново
станат незаобиколен политички фактор - Господ нека ни е на помош,
пред сè нам овде, на Балканот.
Балканското национално еманципирање сфатено како културно
самоиспитување треба да ја најде врската на локалното со
националното и глобалното; според Херцфелд, таквиот труд може да им
ги врати гласовите на обичните луѓе, но, од друга страна, на тој
начин полесно ќе го препознаеме она обичното кај моќните. Во тој
процес би престанале да бидеме жртви на измамата која ја нуди
исклучително рестриктивното и политички мотивирано претставување на
опкружувањето; наместо тоа, би разбрале дека самите сме општествени
агенси кои можат да влијаат врз тоа културно и општествено
опкружување. На крајот на краиштата, локалноста, слично како и
глобалноста, се “произведува”: локалните разлики не се дадени и
природни туку се последица на одредена општествена машинерија која
создава и оживува идентитети и разлики.
Наша задача е, меѓу другото, да не упаднеме во фанатизмот дека
полагаме право на историјата. Мораме да инсистираме на можноста од
повеќекратни одговори и двосмислености. Секоја историја е селекција
на настани, секоја е вештачка и конструирана. Тоа изгледа толку
очевидно што грчкиот фанатизам во поглед на историјата ретко каде
наоѓа позитивен прием.
Еден од начините да му се спротиставиме на теророт на
есенцијализирањето е стратегијата, вештината или начинот на мислење
кој Херцфелд го нарекува: борбената средина на теренот;
борбена затоа што секогаш ќе биде загрозена од нашата желба да
изведеме конечен заклучок и херметички да ја дефинираме; средина
затоа што настојува да ја избегне претераната детерминираност
својствена за бинаризмот; и терен затоа што е втемелена врз
непосредните емпириски податоци директно од теренот.
Ни претстои и своевидна дефамилијаризација. Ни претстои одвојувањето
од есенцијализмот на родот, од сведувањето на светот на бинарни
позиции: ние и тие. Точно е, луѓето размислуваат со помош на
спротивности, тие се корисни за класифицирање на проблемите; но,
опасно е кога средствата за класификација стануваат замена за
мислењето.
Историјата на 20 век ја покажа стравотијата на есенцијализирањето на
националната држава. Од таа стравотија настана и идејата за Европска
унија. Дали таа идеја ќе преживее и ќе се облагородува и дали новиот
век ќе најде соодветни одговори на некои стари и тешки прашања - тоа
дефинитивно зависи и од нас, овде.
|