Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


88

КУЛТУРНА ИНТИМНОСТ

24.05.2005.

 

Важно е да се каже: проблемот со името “Македонија” не е само билатерален туку и поширок регионален проблем, со оглед на историјата на Балканот и со оглед на сегашните геостратегиски мешетарења во регионов, како од страна на локалните играчи така и од страна на “големите сили”.
Ова е важно да се знае зашто повеќето сценарија за иднината на Балканот работите ги гледаат поврзано; клучни се три точки: (не)зависноста на Косово, судбината на федерацијата Босна и Херцеговина и статусот на сегашната државна заедница меѓу Србија и Црна Гора. Република Македонија и делумно Република Хрватска тука служат за тргување и за детализирање на “големата слика”.
Извесно е дека решението води кон ЕУ, т.е. кон пацификација на регионот со негово приклучување во ЕУ. Во моментов изгледа дека се спорни само временските рамки и тактиката како да се стигне до целта. Конвој или железничка композиција? Прво Хрватска, па Македонија, па Србија и Црна Гора, па Босна и Херцеговина, па Косово - или топтан?!
Но, тоа не е тема на текстов. Тема за денес не се логичните, рационалните аспекти на политичките случувања во нашиот регион туку оние делумно ирационалните, “темни”, “културни” приказни кои секогаш имаат големо влијание врз развојот на настаните. Ирационалноста на проблемот, на пример, е една од главните причини зошто голем дел од светот политичкиот конфликт околу името го смета за билатерален проблем меѓу две земји. Во текстов малку ќе се обидам да прочепкам по “темната” страна, особено по темната страна на оној што го наметна проблемот и што сè уште со чудна страст го држи во игра. За таа цел ќе се послужам со тезите од мошне интересната книга на антропологот Мајкл Херцфелд, “Културна интимност, Социјалната поетика во националната држава” (1997), книга која главно се занимава со феноменот на културната интимност во Грција, но чиишто импликации се мошне важни за целокупниот концепт на европските интеграции.
Културната интимност е поврзана со прашањата на моќта, идентитетот, затвореноста, политичката манипулативност, национализмот... Културната интимност на некој начин ги маскира односите на моќта во една заедница и дури ја укинува можноста лостовите на моќта да бидат јасно препознаени и дефинирани. Кога антропологот или етнографот ја проучува културната интимност тој се обидува да ги препознае оние аспекти на културниот идентитет кои се сметаат за извор на надворешната непријатност, но едновремено на членовите на заедницата им даваат чувство на сигурност заради припадноста кон општеството, чувство на блискост со основите на моќта која во еден момент на луѓето може да им дозволи одреден степен на креативна непослушност, а веќе во следниот да придонесе кон успешно застрашување.
Културната интимност ја сочинуваат таканаречените национални црти - американската непосредност, британската истрајност, грчкото трговско умеење, израелската директност, македонската питомост, српското јуначење... Тоа се стереотипи на јаството со кои членовите на заедницата божем се шегуваат на сопствена колективна сметка...
Некогаш културната интимност знае да отиде во застрашувачки насоки; необичниот филм “Догвил” на Ларс фон Трир е генијален пример за патологијата на културната затвореност која се претвора во хорор; но имаме и други примери: кај нас се постигна висок степен на “културна интимност” со можни бескрупулозни убијци; во Србија постои голема општествена идентификација со моќните гангстерски одреди на смртта кои го ликвидираа дури и српскиот премиер; во Италија пред десетина години во јавноста исто така се доведуваа во прашање луѓето кои го ризикуваа сопствениот живот во борбата против мафијата - им се префрлаше дека се склони кон една мошне перфидна форма на нешто што во Италија се нарекува фурбериа (општествено уважен идиом за лукавство)...
Но, да се вратиме кон проблемот со името.
Дејвид Сатон вели дека страстите што ги разбуди борбата околу името Македонија можат да се разберат само во светлината на тесните взаемни врски помеѓу афектот, територијата и јаственоста во традиционалната трансмисија на имињата. Оној што именува - поседува; постои стара врска помеѓу името и сопственоста. Спајсер, на пример, укажува на примери на нативни народи во Америка чиишто самоозначувачи (етноними), недостапни за надмениот надзор на сеопфатните државни структури, предизвикуваат токму интимно чувство на јаство. Интересно е и она што го пишува Херцфелд: “Денес Грците себеси обично се нарекуваат Еллинес, Елини. Тоа име грчката држава од почеток официјално го усвои наспроти фактот дека тоа име мошне долго, речиси до самото стекнување на независноста, беше непознато за повеќето жители; почесто користен назив беше Ромии, кој алудираше на византиското (т.е. источноримско) и подоцна отоманското наследство. Грците себеси често се нарекуваат Ромеи кога сакаат да го нагласат непочитувањето на официјалната култура и нејзините вредности.”
Интересно е што самата Грција исто така речиси од своето конституирање до денес има проблем со сопственото име. Во фрустрирачка сенка на славното минато - конструирано главно од нејзините самопрогласени “заштитници” меѓу големите сили - Грците отсекогаш на своето име морале да му го додават зборот “модерна”.
Херцфелд смета дека длабоко во грчкото општество постојат мрачни конститутивни петна, но дека опасноста потекнува од динамиката на самата грчка политика: “Во Грција денес присуствуваме на благ пораст на стремежот за самоопределување; но тоа не е последица само на надворешни притисоци туку и на државното произведување на етницитет. Дотолку, во Грција проблемот се компликува со фактот што етницитетот и нацијата се стопени во еден термин, етнос. Затоа е голема можноста да дојде до катастрофа и затоа далеку е надминато тесно демографското ниво на проблемот. Затоа грчкиот пример е интересен за споредување, а и поради фактот дека грчките реакции на ставовите на малцинствата претерано се одредени со дискурсите на ориентализмот и евроцентризмот: Словените се комунисти и, како такви, не се сосема Европјани; припадниците на повеќето други малцинства не се христијани и претставуваат опасност која се заканува од Исток...”
Херцфелд го спомнува и грчкиот попис кој има вградена фалинка: стремежот да се исклучат другите, македонското малцинство, на пример. Со тоа повеќе се придонесува кон создавањето на чувството на исклученост отколку каква било пропаганда од Скопје или Солун, вели Херцфелд: “Сосема е можно во пописот појасно отколку каде било да се покажува парадоксалната динамика која на државата ù допушта да произведе најсериозна закана за сопствената хегемонија. Таа закана е последица на взаемната зависност меѓу официјалните и популарните идиоми на идентитетот, ситуација која исто така снажно влијае врз парадоксалната динамика на културната интимност.” Логиката на националната држава често води во дестабилизација на државата.
(продолжува во следната колумна)