86
СПЛАВОТ НА МЕДУЗАТА
19.04.2005.
“Овде сè прилично потсетува на распаѓање, но сепак сè
е сосема во ред”, вели Елфрида Јелинек, минатогодишната добитничка
на Нобеловата награда за литература, зборувајќи за мртвилото што ја
навјасува земјата во која живее, Австрија.
Македонија е малку поинаков случај: овде сè потсетува на распаѓање,
ништо не е во ред, а работите сепак некако функционираат, на
најминималното ниво на одржување. Понекогаш целава земја ми изгледа
како сплав, како остатоци по бродолом кои хаотично плутаат по морето
сонувајќи брег. Дури го немаме ни понекогаш лудачки ризичниот
ентузијазам на Луѓето од чамците (Boat people) од најсиромашните
земји кои од немајкаде во најимпровизирани пловила се обидуваат да
стигнат до некакви посакувани брегови. Како желчиња кои, пак, се
обидуваат да го најдат спасот во спротивната насока, итајќи кон
океанот.
Многумина страдаат, се разбира, и меѓу луѓето и меѓу желчињата. Со
толку ограничени ресурси, без јасни ориентири и цели,
бескрупулозноста на привремено спасените, на сплавот, понекогаш
расте до човекојадство. И тоа секојдневно го гледаме: борба на секој
против секого, почнувајќи во политичките трла па пренесувајќи се
надолу, низ сите општествени слоеви.
Зарем не наликуваат на интерни борби за ресурсите по бродоломот
денешните политички борби околу пленот (директорски места,
вработувања итн.), по локалните избори?! Се сеќавам, пред пар години,
новинарите се подбиваа со името на партијата Демократска алтернатива,
ДА: “Акционерско друштво”. Но, таа лесна шега допира прилично далеку
и длабоко; не зборува само за тогашниот карактер на посочената
партија, нејзиниот недостиг од каков било идеолошки супстрат, туку
шегата зборува и за начинот како кај нас се сфаќа политичкото
здружување: во полош случај партијата наликува на банда (“ганг”), а
во попитом дејствува како претпријатие. За несреќа, кај повеќето
партии на македонската политичка сцена на несреќен начин се споени
соголените економски мотиви за здружување со маалскиот сентимент (кој
има и други свои облици освен гангстерскиот: тајфа, клуб итн.). А
бидејќи нашето општество политички и организациски се наоѓа во
некаква прилично неодредена фаза на развој (при што стравот,
алчноста и паниката ги разгоруваат манихејските страсти и го
сведуваат јавниот живот на дузина вулгарно поедноставени слики за
“нас добрите” и “нив лошите”), тогаш е јасно зошто “гангстерските”
облици на здружување, тие сентиментални тајфи, се “основните клетки”
на нашето во многу нешта патогено општествено ткиво.
Еден друг нобеловец, кому деновиве му ја одбележуваме
триесетгодишнината од смртта, Иво Андриќ, вели дека на овие простори
животот се сочувал “но по цена која е повисока од самиот живот,
бидејќи снагата за одбрана и одржување е позајмувана од идните
поколенија, коишто се раѓаа(т) задолжени и оптоварени”.
Од одредена историска дистанца Андриќ сфатил уште една за нас важна
работа: дека историјата, особено во турбулентните периоди, ја црпи
својата енергија од несреќата на поединечните човечки судбини.
Неодамна починатиот голем српски новинар, Стојан Церовиќ, имаше
слична теза: можеби нашиот проблем и не е толку во склоноста кон
смртта и деструкцијата туку во немањето доволно живот и страст
работите да ги менуваме кон подобро за сите?!
Се разбира, намерата на текстов не е да кукумјавчи над злосреќната
ни судбина туку да понуди малку енергија наспроти мртвилото што нè
опкружува. На крајот на краиштата, проблемот што го имаме и не е
само наш; гледајќи ги деновиве, на пример, младинците кои собираа
потписи за поддршка на хашките обвинети (под паролата: “Љубе сме
сите ние”, како што и Караџиќ беше сите Срби и Готовина сите Хрвати,
пред некоја година), ми паѓаат на ум некои блиски истории и некои
други дијагнози за нашите и за општите премрежиња.
Во тој контекст, на читателите, особено на оние помладите, сакам да
им укажам на текстовите на еден од најголемите и најнеобичните
револуционери на 20 век, Ги Дебор (1931-1994), кој со своите
радикални критички текстови беше предвесник на бунтот од 1968 година
а неговата книга “Општество на спектаклот” - според субверзивниот
капитал што го поседуваше и сè уште го поседува, еве и десет години
по самоубиството на Дебор - беше споредувана со “Капиталот” на Маркс.
Една од главните тези на Дебор е дека нашиот современ живот е
претставен како огромна акумулација на глетки. “Сè што некогаш било
непосредно доживувано, денес е оддалечено во претстава.” Нашата
реалност е реалност на слики и на исфорсирани симболи. Наспроти
реалниот очај, големата беда, смртта и тешките последици од војните
и насилствата, нас повеќе нè интересираат телевизиските вести од
нашата лична мизерија. Таква е, за жал, и нашата младина. Просто
како сите ние брзо да патуваме покрај сопствените животи.
Повикот на револуционерните млади ситуационисти од шеесеттите беше:
“Не очекуваме ништо од она што самите не можеме да го измениме”. Се
обидувам, значи, почитувани читатели, сопствените позиции и
активности да ги приближам кон таквиот став; затоа, во крајна линија,
и го користам просторот на весников: да придвижам барем мали енергии
на промена. Да придонесам барем малку и кај нас да се појават,
особено кај помладите луѓе, таков тип иницијативи кои работите ќе ги
преземат во свои раце, без бескрајните калкулирања и коленичења пред
мама, тато, богатите, моќните и силеџиите.
Време е во одредена мера да ја развластиме партиската каста која ги
цица најплодотворните сокови на општеството. Време е суштински да го
плурализираме и демократизираме не само политичкиот амбиент (за
секој украден даночен денар треба маста да им ја вадиме!) туку да
внесеме сосема нови актери во играта на моќта: граѓанскиот сектор,
немонополскиот бизнис сектор, можеби реформираните синдикати и
медиуми кои сите заедно треба, и формално и неформално, да ги
стимулираме на соработка и на притискање на отуѓената партиска
номенклатура. Ни претстои, значи, не само нова примена на стариот
повик на Руди Дучке за “долгиот марш низ институциите” туку и
напорна работа во сферата во која посебно сме забегани, сферата на
најнепосредните човечки односи.
Иако сум свесен и за она што го рече соборецот и другарот на Дебор,
Раоул Ванеигем: “Сето речено, мислено и напишано станува сè повеќе и
сè поопасно небитно за животот”.
Сепак, велам, па макар изгледало апсурдно, некој сè уште треба да ја
брани минималната смисла на реченото, напишаното и замисленото.
Друго можеби и нема.
|