Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


85

ОПШТЕСТВЕНО ПРЕТПРИЕМНИШТВО

05.04.2005.

 

Што да се прави?! Повеќето од нас, секојдневно, си го поставуваме тоа прашање, соочени со животните неизвесности. Добро знаеме како на прашањето одговори оној што прв го постави, со сета бомбастичност (и метафоричка и дословна!), Владимир Илич Ленин: тој ја предводеше Октомвриската револуција од 1917 година, револуција која го промени светот и ја одбележа историјата на 20 век.

Новиот век ја задржа актуелноста на старото прашање, но револуцијата на 21 век ќе биде сосема различна од онаа на Ленин.

Еден од изворите на револуционерниот потенцијал денес се нарекува општествено претприемништво. Револуцијата што ја носи зголемениот општествен ангажман е многу подифузна од досегашните револуции и е поврзана со созревањето на нас самите како поединци способни да го обликуваат своето непосредно опкружување. Таа тивка револуција која едновремено се одвива на многу места на земјината топка е поврзана со развојот на т.н. цивилен или граѓански сектор.

“Во денешните општества се раѓаат нови поколенија водачи. Тоа се луѓе кои својата креативност и животната страст ја вложуваат во создавањето подобар свет. Тие тоа го можат бидејќи променетата политичка стварност ширум светот создаде нови можности за вклучување на граѓаните. Како општествени претприемачи, тие луѓе пронаоѓаат нови начини како да им пријдат на проблемите и да ги решат”, вели Дејвид Борнстеин во книгата “Како да се промени светот”, во која токму се пишува за силата на новите идеи.

Што прават општествените претприемачи? Носат електрична енергија во оддалечените делови на Бразил, прават систем за праведна трговија со кафето каде најголем дел од парите оди за сиромашните производители, во Индија имаат 24 часовна служба за итни интервенции за помош на децата што живеат во беда, во Унгарија создаваат мрежи од центри кои им даваат помош на инвалидите, во Јужна Африка работат на подобрувањето на пристапноста на книгите и читањето, во Вашингтон отвораат можности за студирање за посиромашните студенти...

Релативно мали групи посветени луѓе успеваат да ги менуваат стојалиштата и практиките не само во сферата на екологијата, заштитата, културата туку и во бизнисот и во политиката. Затоа и зборуваме за поинаков тип претприемачи, кои имаат општествена одговорност; будејќи ја креативната сила и во луѓето околу нив, тие со себе носат преобразувачка енергија за целото општество.

Појавата на општественото претприемништво може да се гледа како врв на еден извонреден развој кој се гледа ширум светот последниве три децении. “Зачудувачки е што само пред 25 години вон САД имаше само неколку невладини организации вклучени во развој и социјална работа, а сега на целата земјина топка постојат милиони граѓански организации”, вели Петер Голдмарк, претседател на Рокфелеровата фондација од 1988 до 1997 година. “Зошто се развија толку брзо? Затоа што семето беше тука, а земјата беше добра. Имате неуморни луѓе кои сакаат да се занимаваат со проблемите со кои постоечките институции не се снаоѓале добро. Тие луѓе излегоа од застарените рамки и со тоа беа поттикнати да осмислат нови организациски форми”, вели Голдмарк.

Индонезија, на пример, пред 20 години имала само една независна организација за заштита на околината. Денес имаат повеќе од 2000. Индија има над еден милион граѓански организации. Помеѓу 1988 и 1995 во бившите комунистички земји од средна Европа основани се 100.000 граѓански групи. Во Франција, во деведесеттите, секоја година беа основани по 70.000 нови граѓански здруженија, четири пати повеќе отколку во шеесеттите.

Граѓанските здруженија можат да бидат и одличен придвижувач на зголемено вработување: во градот Њујорк, на пример, во деведесеттите, вработеноста во граѓанскиот сектор растела за 25 проценти, додека вкупната стапка на вработеност пораснала за само 4 проценти. Една друга студија за осум развиени земји покажа дека помеѓу 1990 и 1995 вработеноста во граѓанскиот сектор растела два и пол пати побрзо отколку во вкупното стопанство.

Промените се евидентни: и владините и меѓународните организации ги прифаќаат и сметаат на советите на граѓанските групи. Деловниот сектор со нив сè почесто заснова маркетиншки партнерства. Самите влади почнуваат да сфаќаат дека нивната централизирана и хиерархизирана организација не може ефикасно да се справи со постојано менувачките предизвици на развојот, на новите бизниси и воопшто со бурните и не секогаш доволно видливи промени во општествата.

Постои уште една важна причина зошто е важно да се развива граѓанското општество: заканата од тоталитаризам. Демократијата и тоталитаризмот всушност не се сосема различни режими затоа што т.н. широки народни маси понекогаш знаат самите да ја изберат тоталитарната варијанта. Најефикасен лек против заканата од здивеаната демократија која завршува во тоталитаризам - е развојот на цивилниот сектор. Според мислењето на чешкиот историчар Јан Тесар, разните форми на тоталитарни диктатури во 20 век (нацизмот, сталинизмот) произлегле од политичката нестабилност и од неразвиената структура на цивилното општество.

Сево ова е важна поука и за Република Македонија која особено засилено последниве години се соочува со суштинските прашања за насоките на својот развој. Една од работите што охрабрува е развојот на цивилниот сектор кај нас. Од година на година тој расте и ангажира сè повеќе умни и креативни луѓе. Знам неколкумина во тој сектор кои со посветеноста, знаењето и страста навистина успеваат да ги придвижат луѓето и да ги променат работите околу себе. Но, на цивилниот сектор неопходна му е поддршката од државата. Не само заради реално големите потенцијали за вработување во тој сектор, не само заради зголемувањето на ефикасноста на одредени општествени акции, не само заради префрлувањето на дел од тешките одговорности, туку и заради самата демократија, заради опстанокот и иднината на самата држава. За среќа, последниве години постојат знаци дека дури и нашите бавни политичари и државни службеници почнуваат да ја согледуваат важноста на граѓанскиот сектор.   

Ќе завршам со охрабрувачките зборови на Борнстеин: “Се разбира, не е секој и не сака секој да биде општествен претприемач, исто како што не сака баш секој да започне сопствен бизнис. Но речиси секој денес има можност да учествува во тој нов сектор. Токму затоа што толку брзо расте и во толку различни насоки, можностите се ширум отворени за луѓето со различни интереси и за оние кои имаат различни вештини. За секој човек кој било кога рекол Ова не чини или Може и подобро! - за секој кој ужива во тоа да ја промени постоечката состојба, да го стресе системот - ова се добри времиња. Ова е вистинскиот момент.”