Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


84

ЦРВОФИЛИЈА

22.03.2005.

Уште еднаш потфрливме на испитот наречен избори. Во формална смисла, како лош организатор, виновна е државата, а најмногу владеачкиот партиски слој кој ги држи клучните државни механизми. Тие не ги исполнуваат двата клучни атрибути за добра влада кои уште четвртиот американски претседател, Џејмс Медисон, ги воспостави пред двесте години: најпрвин, владата мора да е способна да ги контролира оние со кои владее, а потоа мора да биде способна да се контролира себеси.

Лошото владеење на нашата власт е евидентно, но ќе мораме да погледнеме и во друга насока ако сакаме навистина подлабоко да ѕирнеме во “вистината” за нашите реални капацитети да градиме толерантно демократско општество. А бидејќи деновиве по обичај се изнаслушавме помалку и повеќе втемелени констатации за неспособноста на власта (за жал, и на државата, која теориски никако не смее да се поистоветува со власта; но кај нас државата и власта често речиси се поклопуваат, така што не постојат контролни механизми за оној што владее), избрав да пишувам за нашата погенерална неспособност, како општество, да организираме функционална демократија.

Демократијата, како што велеше Аристотел, е “мешан режим”. Во неа, се разбира, постои избрана власт и народот ја има главната моќ, но постојат и уставни закони и права, независно судство, политички партии, цркви, бизниси, приватни здруженија, професионални елити... Демократијата всушност е мошне комплексен механизам со многу делови и актери кои не го поминуваат решетото на изборите. Целта на многуте вакви недемократски институции и групи (не директно избрани од народот), како што вели американскиот новинар и писател Фарид Закарија, е да се ублажат јавните страсти, да се образуваат граѓаните, да се води и регулира демократијата и со тоа да се обезбеди слободата.
Да бидам конкретен: кај нас изградбата на либерално демократско општество сè уште ја очекуваме исклучиво од избраната власт. Гледајте го хистеричното однесување на опозицијата, и во континуитет и особено сега на локалниве избори. (Груевски, на пример, со своето афективно и незрело реагирање влече тешки политички хипотеки уште од смртта на претседателот Трајковски; речиси секоја негова политичка реакција е резултат на површни, емотивни и кратковиди проценки. Со тоа не само што не придонесува кон развојот на демократската култура кај нас туку ризикува понатамошно уситнување на неговата партија.)

Опозицијата, значи, по кој знае кој пат не успева да си ги смири често деструктивните страсти, а “независните” кандидати, пак, не успеваат да ја воспостават скапоцената линија на раздвојување (заради која и ги добија гласовите!) во однос на искомпромитираната опозиција и го прифаќаат хистеричниот вокабулар во кој има сè освен самоконтрола и елементарно себесогледување.

Многу загрижува и напаленоста на медиумите, дополнително зајакната со ирационалното поистоветување (на цела Македонија, еј!, комплет со нејзината стара и нова историја!) со обвинетиот за воени злосторства Љубе Бошковски. Таа ужасна приказна, кога јавното мнение се поистоветува со обвинети за воени злосторства, во Србија и во Хрватска ја гледаме десет години, а сега, делумно како фарса, ни дојде и дома. Најужасно во целата работа е тоа што ние Хашкиот трибунал го прогласуваме за Божји суд кој нè суди сите, за сè, и во минатото и во иднината; а со тоа само покажуваме дека самите сме неспособни да носиме тешки одлуки за правдата, одговорноста и историјата, и да стоиме зад тие одлуки. Се разбира, на памет не ми паѓа да го бранам Хашкиот трибунал за неговите несмасности и за политички непромислените проценки, но мислам дека топката сепак е во нашиот двор: нема белки дефинитивната и в камен врежаната “вистина” за конфликтот во Македонија и, воопшто, за нашата судбина, да ја чекаме парафирана од Хашкиот трибунал!? Македонски Албанци во Хаг сигурно ќе има - таа колонија таму веќе ја нарекуваат “Југославија во мало” - но и тој факт нема да нè ослободи од одговорноста самите да си донесуваме одмерени одлуки и во однос на историјата и во однос на иднината.

“Интелектуалците” во македонскиот јавен простор се приказна за себе, постојано во потрага по нов господар. Голем дел од нашите политичари одамна ги гледаме во светлината на старата мудрост: “Што и да зборуваат, зборуваат за парите”. Но, ова со таканаречените интелектуалци станува бетер: “само следи ја трагата на парите”; сè повеќе загрижува корумпираноста (која не е само морална) на овдешните скулптори, филозофи, социолози, писатели, историчари, карикатуристи... Политичката травестија во голема мера станува травестија на умот, на политичкото, на идеолошкото, каде што сè е сплеткано во одвратна каша која нè влече надолу...

Има еден “школски” виц со поширока метафорика: Студентот по биологија, неподготвен за испит, решава да го положи знаејќи ја слабоста на својот професор. Професорот докторирал со тема за црвите. Студентот од целиот испит ги подготвува само лекциите за црви. На испитот, првото прашање што студентот го добива е за слонот; и почнува студентот: слонот е голем цицач, живее во Азија и Африка, и толку е голем што дури и едно негово уво илјадници пати е поголемо од црвите. А црвите се делат на.... Белградскиот новинарски доајен, Божидар Андреиќ, ваквото упикување го нарекува црвофилија. Нè прашуваат за слонови, ние дрдориме за црви. А со нас владеат професори кои ги игнорираат слоновите.

И тука доаѓам до една од поентите: наш проблем не е само секогаш алчната власт, туку немањето критична маса за стабилно да се дооформи концептот за граѓанска демократија во кој моќта е дифузна, распределена на многубројни важни и одговорни актери. Нас во голема мера нè гуши она што ја убива Србија веќе петнасет години: паланечката свест и немањето капацитети да се изврши модернистичкиот пресврт. Во Македонија се соочуваме со едно разурнато општество со пропадната средна класа која има конфузни либерални вредности. Но и кај повисоката класа постојат значајни групации кои не ги прифаќаат либералните вредности и сè уште “се возат” на авторитарни, традиционалистички и антиевропски модели. Затоа елитата е поделена и неспособна да формира силен и стабилен трансформациски блок кој ќе може да осигура цврсти темели за воспоставување демократско и пазарно општество.

Нервозните реакции, неконтролираните страсти, неодмереноста, немањето самокритичност... - сето тоа покажува дека ние сè уште живееме со еден родовско-племенски менталитет. Исидора Секулиќ велеше дека “паланката е ќелија во која слободниот човек го гушат господарот, соседот, обичајот, критиката”... Гледајќи ги нашиве помали и поголеми моќници како некритички се туткаат во своите трла наречени партии, кланови, семејни кругови, наши деца итн. - човек се гуши, навистина, и баш и нема волја да избира меѓу “црвофиличарите”.