Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


83

НАШТАНЦАНИ ЛИДЕРИ-СКУЛПТУРИ

08.03.2005.

 

Изборите насекаде се претвораат во манипулирање со јавноста, наместо да претставуваат борба за што пореално проценување на актуелната состојба во општеството. Се разбира, и “реалната проценка” е нешто главно субјективно, но произлегува од мноштвото понудени можности и од пресекот (или просекот) на многубројните судрени интереси.

Кај нас, значи, имаме дополнителен проблем (освен глобалниот: дека политиката сè повеќе станува шоу бизнис и сервис само на богатите); имаме ограничена политичка понуда чија скудност токму придонесува земјава да изгледа потоната во безидејност, неактивност и самосожалување.

Понекогаш изгледа дека пазарниот систем (во кој улетавме речиси и не сакајќи) всушност и не нуди избор: за некоја година целата плата (ако имаме среќа да ја добиваме) ќе мораме да ја даваме за телефон, струја и вода (сега само за телефон даваме четвртина од платата; а СДСМ за тоа уво не го боли; добро се вградени во цената - како што во моментов добро се вградуваат околу продажбата на ЕСМ); за супер мизерната политичка понуда од типот Љубчо Георгиевски, Ѕинго, Трајанов... подобро да не зборуваме: ако тие фаци сè уште се некакви политички опции - господ нека ни е на помош... Но, и другите понудувачи делуваат потрошено и офуцано, и тоа веројатно ќе го видиме низ ниската излезност. Доколку излезноста сепак биде над педесет проценти за тоа ќе бидат заслужни независните кандидати и зголемените ингеренции на локалната власт.

Од друга страна, изборите се своевидни огледала: сликата во нив не е блескава, но тоа таму сме ние; нашите водачи - и тие се некаква резултанта од нас. Соочувањето со сопствената грдотија во огледалото може да биде и позитивна, ако придонесува да се фатиме во костец со незадоволителната слика за себе.

Наспроти општата испумпаност, можеби зачудува што во земјава повеќе енергија имаат малубројните  задоволни и моќни од мнозинството губитници; тоа можеби е сомнителна медиумска слика, но можеби е и дел од реалноста: мнозинството како сè уште да чмае и сè уште се обидува да се препознае во сè поотуѓените политички икони што се штанцаат, како лажни обврзници, по разноразните кулоари на моќта.

Како може, на пример, Трифун Костовски, еден толку блазиран, неенергичен и во суштина нехаризматичен лик да претставува симбол на интегрирање на незадоволниците и губитниците од медиокритетското и инертно владеење на коалицијата предводена од СДСМ?! Каков е тој обединувачки опозициски лик кога дури и пословично бледиот и укочен Пенов делува ко сјајна фигура произлезена од агенциите за односи со јавност и правење упицанети кукли од кал?! (Ставаш троа безлична глина во тоа калапите и оттаму излегуваат блескави порцелански насмевки, брилијантни извештаи за сработеното, стајлинг, ноншалантност, донаторско срце, емпатија за целиот страдалнички свет со посебен акцент на децата, а башка излегуваат, од калапите, и третокласни “академски” скулптури кои подеднакво ги “обичаат” и Костовски и Пенов, а кои најдобро зборуваат за нивниот уметнички и урбанистички вкус, а богами зборуваат и за вкусот на овдешната преовладувачка недоквакана малограѓанштина која сè уште се препознава во анахроните - згора и лошо преведени и изведени - уметничко-урбанистички концепти од 19-иот век...)

Добро, гледаме дека Трифун Костовски личи на здодевна смотаница и нема кој знае каква лидерска енергија (впрочем, повеќе-помалку, и Пенов тоа го нема(ше), пред малку да го оспособат во агенциите за јавност и керамика). Но, впечаток е дека Костовски не е способен да направи мала и ефикасна екипа дури ни за кампања, за стајлинг и за односи со јавност, екипа која барем ќе знае да испорача слика на водач ако веќе реалниот водач им изгледа толку плошно и млитаво. Кампањата на Костовски делува дезориентирано, без план, без ударни пораки, без дух и без енергија. Башка, невидена срамота е што зад каузата на Костовски кукавички се крие еден не баш незначителен дел од тн. “скопски естаблишмент” (главно составен од социјалистичките пулени и нивните вечно незрели наследници), нечујно незадоволен од квачката СДСМ, пред сè затоа што не ги играат доволно во распределбата на пленот. Такви луѓе околу Костовски има ко плева, и сосема е легитимно да ги има и да се борат и за власта и за пленот - доколку би застанале зад Костовски со име и презиме. Вака - беда и срамота, ко хиени што чекаат некој да одработи...

Во однос на таквата беда околу Костовски нормално дека Пенов изгледа прифатливо. Иако е неприфатливо овој ужасен град на ѓубришта и на отворени шахти, во моменти на тотално ескапистичко лудило, Пенов да го нарекува велеград. (Тој исчашен од реалноста ескапизам, инаку, е карактеристичен токму за забеганите моќници и задоволници, во што владејачите во земјава редовно се претвораат како што се ближи крајот на мандатот.) Да е само несреќниот камени мост кој сè уште, и по десет години, е раскопан и оштетен (а е симбол, потсетувам, на целата транзициона несреќа што го сардиса градов, а богами е и симбол за нарушените меѓуетнички, културни и комуникациски односи во Скопје), Пенов не би смеел ни да помисли на трет мандат. А самиот факт дека мостот сè уште е раскопан токму од страната на Турската чаршија најдобро го илустрира она што посериозните критичари на Пенов, главно од албанскиот блок, упорно го повторуваат: ако за некого Македонија е до Групчин испаѓа дека за Пенов Скопје е до половина Камени мост; и алал нека ни е плоштадот покрај целиот хаос од другата страна на мостот...

Се разбира, токму во име на реалноста (која само подразбира усогласување на што поразличните слики), фер е да се каже дека градот Скопје, како и сите градови во државава, страда од немање пари, со што во старт се оневозможени какви било посериозни инвестиции. Но, и тоа за владеачката коалиција требаше да биде само дополнителен поттик поенергично да го работат процесот на децентрализација и реално да се откажат од дел од својата економска моќ со децении концентрирана во еден ограничен круг на скопски дувла... Но, ете, токму коалицијата на која Пенов ù припаѓа, не сака или не може да го прекине маѓепсаниот круг на немоќ во кој земјава се гуши и пропаѓа... Понекогаш изгледа како просто никој во Македонија да не сака да преземе никаква историска одговорност, без оглед на дневните конјуктури... Таквата состојба на духот на нацијата е загрижувачка, а ако локалниве избори уште еднаш ја потврдат таа слика, тогаш, барем во смисла на уште еден алармантен сигнал, ќе имаме некаква полза од нив.