Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


80

РЕВОЛВЕРОТ НА ГЕРИНГ

24.01.2005.

 

“Таа влијае на нервите, прави да посакам да кажам пријатни и глупави нешта и да ги помилувам главите на оние кои создаваат таква убавина и покрај тоа што живеат во овој ужасен пекол. Но сега ничија глава не треба да се милува - би можел да останеш без раката. Затоа треба да ги удираш во глава, сите по ред, без милост.”

Во обичен муабет, бегло допирајќи го прашањето на музиката, за веднаш потоа да се струполи во немилосрдната реалност на политиката, горните зборови му ги рекол Ленин на Максим Горки, 1921 година.

Дванасет години подоцна изречени се едни други славни зборови, погрешно припишани на нацистичкиот злосторник Херман Геринг: “Секогаш кога ќе го слушнам зборот култура, се фаќам за својот браунинг!” Често цитираната реченица всушност ја напишал, во една своја драма од 1933 година, Ханс Јост, за време на нацизмот високопозициониран писател.

Во поново време култната реченица доби своја посовремена парафраза од сликарот Ричард Сера: “Секогаш кога ќе го слушнам зборот култура, се фаќам за својот паричник!”

Уште еднаш, значи, како што ветив минатиот пат, пишувам за односот меѓу политиката и културата. Се разбира дека во горе наведените реченици и тоа како ја гледам нашата ситуација. Посебна инспирација ми се зборовите на Ленин; имам впечаток дека тие неверојатно прецизно, и во поетичка и во политичка смисла, го допираат нашиот актуелен македонски миг.

Она малкуте песнопојци, според степенот на својата естетска и етичка дискредитираност, речиси дека заслужуваат само удирање по главите, како и повеќето од нас, кои ја избравме неблагодарната работа вака или онака да пееме “среде ужасниов пекол”. Скоро да нема глави за милување - да, тоа е добра дефиниција за пеколот; а таа страшна човечка деградација што ни се случува и безмилосното уништување на сите посуптилни и пофини вредности и принципи, се разбира дека токму ја прават безнадежно пеколна иднината на земјава. Пеколна дури и за тие со паричниците, но тие дур сфатат...

Во моментов престанувам на поконкретен начин да зборувам за овдешните посвежи културни инспирации што ми ги привикуваат “мудроста” на Ленин и браунингот на Геринг... Тоа го правам за уште еднаш да не упаднам во насекаде околу нас расфрланите септички јами (каналите кон пеколните удолници, баш, каде што и се моделираат фигурите, пред да зашибаат низ тобоганот); лани нагазив во пар такви лајнаријански стапици, така што годинава - или, ете, барем во моментов - хомо поетикусот, тој наш чуден двојник од зборови (кој знае да биде и од гомна, да потсетиме), за момент истапува пред хомо политикусот. Всушност на поинаков начин танцува (инаку збран во едно, нели?), меѓу отворените скопски шахти, сите нам толку добро познати.

Нашиот миг, значи, ми наликува на стаорски час (ете ги, со малите муцки ѕиркаат од шахтите и, согледувајќи го часот, се растрчуваат низ срчата на нашата разбиена стварност, предизвикувајќи една зашеметувачка елиотовско-ленинистичка музика...). Стаорски час е едно од немајкаде-имињата на инаку безименото време од легендите, ниту ноќ ниту утро, време кога - а ова е поентата, слушнете ја - луѓето сакаат да бидат излажани. Во тоа доба од денот, имено, лагата се вклопува во човека како стрела во рана, нежно и тивко.

“Како низа од сенки одразена во матното и течно огледало на подоцнежното причинување...” - такви се движењата во стаорскиот час, низ кој самото време неподвижно се мрешка како затворено во некаква магматична внатрешност... - само нејасни еха, значи, преплет на стилови, нели, цитати, постмодерна (друго име за неподвижноста, за стаорскиот час?!), текстот како цртеж составен од патот на канџиџките на изгубениот стаорец, кој црта и пее, едновремено, кој умира и пее, така, излезен од шахтата...

И фура политика, сепак, јасно е, сетете се на поетите од времето на Ленин и Гебелс... И од тој, одново, политички ракурс - јал на денот јал на ноќта, сеедно - пак ви велам: времево ни е опасно зафркнато, просто се мртвосуваме во своите погрешни претстави, предводени (ние, чопорот стаорци, од тој кавалџијата?!) од своите идиоти-идоли и не-баш-бистри-арбитри...

“А тие претстави, сметаше таа, можно е да се разберат како форми на имагинацијата на едно општество, форми во коишто, како во погрешно одлиени калапи, делумно се вклопува конкретната стварност...”, вели, пак, еден од поетите-современици, Владимир Тасиќ (дали безбедно избеган од овдешниве канализациски лавиринти, таму во Канада?!) во својот штотуку награден роман, Дожд и хартија.

И за други работи зборува Тасиќ: за џуџињата што имаат свое мало царство и свои мали војни... За бендот што едно време го сакавме и кој има прекрасно дадаистичко име: Ајнштирценде нојбаутен (слободно преведено: “Нови куќи што се рушат”)...

Рушењето е креативно, нè учеа Ајнштирценде нојбаутен, кои пак учеа од ситуационистите (кои ја подготвија 68-та година), кои пак учеа од дадаистите, кои беа современици на Ленин (Цара, дадаистичкиот предводник, бил комшија со Ленин, во Цирих, некаде пред Октомвриската револуција).

Ако некому текстов му делува шашардисано-ошумоглавано, шта да се прави (исто велеше Ленин): ги истражувам врските меѓу културата, политиката и економијата, она што го ветив минатиот пат. Башка, повикувам и на акција, скриено, додуша, метафорично, колку што е - ако воопшто е? - дозволено да се обидуваш да истапуваш од “консензуалната халуцинација” во која сме вплотени ко во големи гомнени топки кои баш се спремаат за сечкања и одливци, на тоа безграничната перпетуум мобиле трака врз која се штанца сè: и Тасиќ и Ленин и Геринг и Максим Горки и Славко Јаневски и Елиот комплет со стаорците и безмерните и низ еоните расфрлани артефакти на целокупната македонска култура предводена од, ко што реков, слепците-кавалџии... Се разбира, не зборувам само за угледниците, моќните, министрите и боранијата околу нив, слабобистрите-арбитри и идиот-идолите, туку зборувам за сите нас комплет, за целиот амбиент, за одливците од гомна, за скулптуралниот хаос од мртовци меѓу кои акаме ко аветизирани стаорци комплет со електродите на глава избегани од козметичката лабораторија...

Го видовме револверот од првиот чин... И повеќе-помалку знаеме што се очекува во третиот чин... Башка од тоа, како циници кои бездушно брзо патуваат покрај сопствените животи, се тешиме дека Зеноновата стрела бескрајно лета, дека сево ова, целиот наш ужас, се само невклопливи одломки од испресечен филм... Но утехите се слаби.