81
КУЛТУРАТА Е МАЈКА,
А ИНСТИТУЦИИТЕ СЕ ДЕЦА
08.02.2005.
Во
последните неколку текстови на ова место, повеќе-помалку, се трудев
да ја образложувам токму важноста на културата за општествените
процеси; се трудев да објаснам дека дури и економскиот развој е
културен процес. И дека развиеноста или неразвиеноста на општеството
најчесто не му се наметнати однадвор туку тоа самото ги избира.
За
полесно ориентирање, понудив и некои дефиниции за тоа што се
подразбира кога се вели “култура”. Но бидејќи изминатите дефиниции
делумно се заборавени, денес, за потребите на текстов, нудам нови.
Поимот култура, на пример, ги опфаќа идеите на некоја заедница за
тоа што е вистинито, добро, убаво и ефикасно. За да бидат “културни”
тие идеи мораат да бидат општествено наследени и обичајни, но, се
разбира, мораат да бидат и чинители на различни начини на живеење.
Со
други зборови, културата се однесува на она што Исаија Берлин го
нарече “стремежи, вредности и слики на светот”, кои се одразуваат во
говорот, законите и рутинската практика на некоја општествена група
која има способност самата да се надзира и проценува.
Значи, доколку културата е мајка а институциите се деца, тогаш е
јасно дека вредностите содржани во институциите имаат огромно
влијание врз однесувањето на луѓето. “Затоа културните вредности се
моќни и треба сериозно да се земаат на институционално ниво и на
ниво на општествена акција”, вели културологот Томас С. Вајснер.
Се
разбира, не зборуваме во некакви апсолутни категории кои можат
“културолошки” да ги регулираат и најситните општествени механизми.
Културните вредности се еден аспект на целокупната култура, тие не
се фиксирани туку се менливи, прилагодливи и за нив може да се
преговара. Културните верувања и практики се средства за
прилагодување, а не некакви фиксни обрасци кои ги одредуваат
институциите.
Но,
пак велам, нивната важност не смее да се занемари. Еве еден
конкретен пример за важноста на човечките убедувања, дури и кога тие
се произволни, ирационални или дури и контрапродуктивни. Како што
пишуваат Даглас и Вилдавски во една антрополошка студија од 1982,
племето Леле во Заир е соочено со многубројни сериозни опасности,
вклучувајќи ја тука и големата низа потенцијално смртоносни болести.
Сепак, луѓето од тоа племе се преокупирани само со три работи: со
бронхитисот, помалку опасна болест од пневмонијата со која исто така
се погодени; со неплодноста; и со опасноста од гром, ризик кој е
многу поредок од туберколозата од која често страдаат, но главно ја
занемаруваат.
Едно друго јужноафриканско кралство, пред повеќе векови, било
потполно уништено кога неговите уважувани пророци повикале сета
стока да се убие и ништо да не се сади. Главешините и мудреците
предвиделе дека ќе настане златно доба; наместо тоа се случила глад,
како што еден рационален систем на верување можел да предвиди.
Значи, културните вредности, најчесто одредувани токму од моќните и
“умните” во секое општество, заедно со одлуките што моќните ги носат,
самите по себе не се гаранција за разумност и ефикасност, а да не
зборуваме дека не се гаранција ниту за “вистинитото и убавото”, иако
главешините, духовната и политичката власт, се оние кои ги
пропишуваат и естетските и етичките норми.
Безброј пати е потврдено, дури и кога се обидуваат да донесат
рационални одлуки луѓето често не успеваат во тоа.
Има еден интересен пасус од еден друг културолог, Роберт Б. Еџертон,
кој просто морам да го пренесам интегрално, заради неговата
шекспировска проникливост:
“Во различни општества човечките суштества се способни за сочувство,
добрина, дури љубов, и понекогаш можат да покажат восхитувачко
умеење да се соочат со предизвиците во своето опкружување. Но тие
исто така се во состојба да се држат до верувањата, вредностите и до
општествените институции кои создаваат неразумна суровост,
непотребни страдања и монументална лудост во нивните меѓусебни
односи, како и во односите со другите општества и кон физичкото
опкружување во кое живеат. Луѓето не се секогаш мудри, и општествата
и културите кои ги создаваат не се идеални адаптивни механизми,
совршено создадени за задоволување на човечките потреби.”
На
Ескими им зборува за снег! Го знаеме тоа, зарем не, ние овде, на ова
чудно парче земја збиено меѓу различни и често меѓусебно
спротиставени културни и цивилизациски матрици. Знаеме дека власта
овде со векови знае да биде неразумна, недомаќинска, помпезна... Но,
знаеме и дека постојат времиња кога самите луѓе, и овде и насекаде,
умеат “монументалната лудост” да ја потстават како сонце кое
насекаде го простира својот сјај! И ден денес, за жал, имаме
многубројни примери за нашата понекогаш фрапантна неспособност да го
организираме општеството според некакви рационални теркови... Да не
им се смееме на Африканците опседнати со трите големи проблеми,
бронхитисот, неплодноста и громот! Во многу нешта, и тоа во
неверојатно крупни нешта, ние со години покажуваме недостиг на
елементарен разум... Нашиот бруто општествен производ, на пример, во
огромна мера се создава во сиви зони... Огромен дел од нашиот, пак,
државен буџет се троши неефикасно, а често и неразумно и коруптивно...
Наместо правдата, чесноста, аналитичноста и процедурите кај нас сè уште владеат авторитаризмот, непотизмот, врските, произволноста...
На една страна непромислено и криминално се трошат големи пари, на
друга нема ни за најосновните потреби... Контролата и надзорот се
слаби затоа што е ниска работната култура, но и затоа што е голем
стравот од паѓање во немилост... Јавноста, пак, е иста како
нејзините политички и економски господари: острастена, површна,
често бескрупулозна, впрегната во клановските борби, без подлабоки и
подалекусежни согледби и во постојана потрага по крв а не по темелно
решавање на работите (зашто тоа е долготрајно, напорно и здодевно)...
Се
разбира, констатацииве не значат дека нашата или африканската
култура самите по себе се на пониско хуманистичко рамниште од
“западната” рационална култура, но значат дека зборуваме за култури
и општества кои се на различни нивоа на човечкото искуство.
Најпосле, рековме погоре, луѓето културата на одреден начин ја
избираат, ја прилагодуваат и менуваат. Ако веќе толку неуморно
пекаме по Европа, ајде да се потрудиме да направиме и одредени
културни (т.е. организациски, процедурални) исчекори во таа насока.
Сферата на културата нè допира сите, без исклучок. |