79
КУЛТУРАТА КАКО РАЗВОЈНА ПОЛИТИКА
10.01.2005
Културата е
важна. Сè повеќе луѓе го знаат тоа. Дури и политичарите почнаа
сериозно да го третираат прашањето на културата, согледувајќи го
нејзиното значење за целокупното човечко дејствување. Има една мудра
реченица на Даниел Мојнихан, која токму укажува на односот меѓу
политиката и културата: “Основната конзервативна вистина е дека
културата, а не политиката, го одредува успехот на некое општество.
Главната, пак, либерална вистина е дека политиката може да ја
промени културата и да ја спаси од самата себеси.”
Тоа,
повеќе-помалку, е главната идеја на овој текст. Можеби изгледа
едноставна, но зад едноставноста на тврдењата, по обичај, се кријат
комплицирани прашања. Едно од нив може да биде директен напад на
реченицата во наводници: Дали воопшто е можно политиката трајно да
“спаси” едно општество од самото себе?
Но, најпрвин
треба да одговориме на основното прашање: што е културата? Накусо и
мошне воопштено ќе речеме: култура се вредностите, ставовите,
верувањата, ориентациите и основните поаѓалишта кои преовладуваат
меѓу припадниците на едно општество.
Сè повеќе луѓе,
значи, дури и кај нас, почнуваат да ја согледуваат важноста на
културата, или, подобро речено, да сфаќаат дека без значајни
културни промени, промени во однесувањето и вредностите на
мнозинството луѓе, не е можен брз и одржлив економски раст.
Интересна е
споредбата меѓу Гана и Јужна Кореја. Во почетокот на шеесеттите тие
две земји имаат речиси ист бруто општествен производ по жител и
многу слична стопанска структура, при што извозот главно им се
базирал на примарни производи. Триесет години подоцна Кореја
прерасна во индустриски гигант, едно од петнаесетте најсилни
стопанства во светот, со бруто производ по жител дваесет пати
поголем од оној на Гана. Иако постојат многубројни фактори за
ваквиот пресврт, еден посебно се истакнува: културата.
Јужнокорејците ги ценат штедливоста, вложувањата, макотрпната работа,
образованието, организацијата и дисциплината. Жителите на Гана имале
поинакви вредности.
Поттик за
текстов ми дадоа празничните интервјуа на неколкумина наши значајни
“културни работници”. Иако важноста на културата станува клише и
честопати се потенцира од многу сомнителни ракурси - полезна е, сè
уште. Уште пополезно ќе биде да се разбере важноста на културата во
контекстот на пошироките развојни перспективи. И уште повеќе: дури и
кога знаеме дека економскиот развој ги менува културите, таа вистина
сама по себе нема да ни помогне да ги отстраниме културните пречки
за економскиот развој.
Но, кога веќе ја
отворам темата за македонскиот културен контекст, сакам да
констатирам: ако сè уште се полезни утврдувањата на важноста на
културата, тогаш дефинитивно се неполезни глувоста за туѓите
аргументи и тоталното презирање на економскиот момент.
Така, на пример, уште еднаш
слушнавме дека национален културен приоритет е изградбата на
старо-новиот театар крај Вардар. Но, никој не излегува со поширока
листа на приоритети ниту го зема предвид, на еден далекусежно
аналитички начин, економскиот момент во сето тоа.
На пример,
наместо да вложите педесет милиони евра во еден проект можеби е
подобро да вложите по 15 милиони во три проекти или по еден милион
во педесет добро осмислени проекти?! Можеби на ова се мисли кога се
вели дека либералната политика може да ја спаси (помпезната и често
ирационална) култура од самата себеси?!
Земете друг
пример: магловито знаеме (затоа што филмот е скапа работа) дека
изминативе пет-шест години голем дел од фондовите на Министерството
за култура се вложија во шест-седум филма. Но, никој не излегува
ниту со елементарни податоци (колку пари се потрошени и за што, дали
филмовите се регуларно завршени итн.) ниту, пак, со анализи: каде
било вредно да се инвестира а каде не, итн. Да не зборуваме за
другите крупни (културни) проекти од типот Пелинце, Плаошник, Даут
Пашин Амам, Чифте Амам итн., каде изминативе години се слееја големи
даночни пари. Никој никогаш не излегол ниту со обични финансиски
извештаи, а камоли со квалитетни евалуации и анализи.
Тој менталитет,
значи, на нетранспарентност, на немање сериозни анализи, на
произволност, решавање во тесни и некомпетентни кругови... нас многу
повеќе нè приближува кон Гана отколку кон Јужна Кореја. Ниеден
министер за култура (освен, делумно, Унковски, кој објавуваше
годишни финансиски извештаи за работењето на Министерството) досега
не излегол со потемелна анализа на што се трошени даночните пари
изминативе десетина години во сферата на културата. “Кај нас
хардверот е демократски, но софтверот е авторитаризмот”, вели
Бернард Аревал, социолог од Гватемала, кој како да зборува за
Балканот.
Доаѓаме до главното: можеби
културата, а не политиката, го одредува успехот на некое општество,
но постојат моменти кога само политиката може да ја промени
културата и да ја спаси од самата себеси. Главна цел на нашата
културна политика треба да биде промена на вредностите и ставовите.
Демократските институции, економскиот развој и социјалната правда во
нашето општество ќе можат да бидат зачувани само ако традиционалните
вредности и ставови се променат.
Се разбира, не
станува збор за “плукни-залепи” процес или, ко што вели еден мој
пријател, зборувајќи за некооперативниот менталитет на Македонецот,
“сам си падна, сам си стана” филозофија. Критиката на културата е
извонредно деликатна област затоа што ги допира чувствителните
подрачја на егото, идентитетот, самопочитувањето... Културата е
тешко прашање, и политички и емотивно и интелектуално, затоа што
постојат проблеми поврзани со дефинирањето и мерењето на
комплексните врски меѓу културата, политиката, институциите и
економскиот развој. Башка, голем дел од прашањата на културната
политика допрва почнуваат да се поставуваат, па дури и оние кои се
сметаа за одговорени денес одново се преиспитуваат.
Во една студија
за односот помеѓу културата и развојот, објавена 1992 година, Роберт
Клитгард прашува: “Доколку културата е важна и луѓето ја истражуваат
цел век или повеќе, зошто немаме добро развиени теории, практични
насоки, цврсти професионални врски помеѓу оние кои ја проучуваат
културата и оние кои ја создаваат и спроведуваат развојната политика?”
Значи, проблемот
не е само наш, но дефинитивно не смееме да го игнорираме. За некои
други аспекти на прашањата на културната политика како дел од
развојната политика ќе пишувам повеќе во следните текстови. |