Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


76

И (МУЛТИ)КУЛТУРАТА Е РАЗВОЕН РЕСУРС

22.11.2004



 

Пред неколку дена во Скопје, во организација на Институтот Отворено Општество Македонија, се одржа интересен меѓународен собир за мултикултурализмот во Македонија како модел во настанување. Нам од поодамна ни фали, особено во нашите анахрони и млитави академски кругови, суштинска расправа за еден важен академски но и политички концепт снажно наметнат последниве триесетина години. Но, важно е да се напомене, мултикултурализмот не е сам нов реторички моден крик произлезен од поширокиот моден тренд на јазична политичка коректност; мултикултурализмот во меѓувреме стана снажна културна и академска практика која длабоко го промени академскиот живот и културните шеми во западниот свет. Дотолку е поголема неговата важност за нас, кои просто пропаѓаме во наследените културни модели, а најмногу во концептот за културата како етничка легитимација. Да, мултикултурализмот, меѓу другото, значи и афирмација на етничките разлики, но и нивно пречекорување; мултикултурализмот ја сфаќа културата многу пошироко од етничкото пребројување; тој се однесува и на класата, расата, возраста, полот, родот, носејќи една нова снажна културна енергија која длабоко ги преиспитува досегашните политики на признавање и нуди некои поинакви перспективи.

Од тие причини уште еднаш ќе го повторам своето мислење дека културата е едно од најважните општествени прашања во Република Македонија, и од “идеолошки” аспект (културата како фактор на интеграција), и од економски - културата може да биде силен ресурс за општествен развој. За жал, кај нас воопшто се нема свест за тие аспекти на културата и таа сè уште им е препуштена на старите инерции, на етно-националистите и на клиентиелистичките спогодувања што баздат на корупција.

Културната различност и мултикултурализмот, значи, заедно со истражувањето на културниот развој, промената на културните вредности и редефинирањето на културните идентитети се клучните истражувања во подрачјето на културата во современиот свет. Културната различност се сфаќа како основен развоен ресурс. На почетокот на 21 век културната различност, мултикултурализмот и дијалогот со други култури секоја земја треба да ги прифати како свој основен развоен контекст. Тоа значи на внатрешен план да се признаваат и промовираат различните културни и општествени групи, а на меѓународен да се развиваат културните модели коишто овозможуваат зачувување на културните различности пред често униформирачкиот галоп на глобализацијата.

Во таа смисла, Република Македонија е мошне интересно место за проучување. Нејзината позиција може да се разгледува, на пример, во светлината на трите историски или културно-политички парадигми значајни за формирањето на општествените модели во поновата историја:  традиционализмот, модернизмот (како “посттрадиционално општество”) и мултикултурализмот (како реакција на кризата на модернизмот).

Иако сметам дека Македонија е општество сè уште доминантно обликувано според традиционалниот модел делумно модернизиран во мекиот недемократски социјализам кој го напуштивме 1990-та, сепак постојат одредени тенденции во нашето општество што ги прават живи и културно-политичките парадигми на модернизмот и делумно на мултикултурализмот.

За нас во моментов е важен токму “упадот” на мултикултурализмот среде ионака спротивставените модели на традиционализмот и модернизмот; тој “упад” може да биде шанса нашата земја релативно безболно да надокнади дел од своето историско заостанување.

Терминот “мултикултурализам” прв пат е употребен, се чини, 1971 година во еден говор на тогашниот премијер на Канада, Пјер Трудо: “Терминот бикултурализам не го отсликува доволно добро нашето општество. Во тој поглед, зборот мултикултурализам е попрецизен.”

Се чини дека сега веќе славната реченица на Трудо сосема соодветствува на актуелниот македонски миг, но со свои специфичности, се разбира, кои во многу нешта го компликуваат прашањето на мултикултурализмот во Македонија.

Она што е јасно на прв поглед: уморни сме од прокрустовски тесно сфатениот монокултурализам на Македонците, но уморни сме, како и Тридо 1971-та (среде разжештените сепаратистички страсти на франкофоните во Канада), и од бикултурализмот Македонци-Албанци.

На Македонија навистина ù треба еден мултикултурен општествен концепт, но концепт којшто културата и културната политика ги сфаќа многу пошироко од рамките на етницитетот кој во моментов е прва и последна идентификациона (фортификациона!) линија на одбрана на поединецот.

А поголема деградација од тоа целата комплексност на една индивидуа да биде сведена исклучиво на племенското - тешко дека постои. Но не е деградирано само индивидуалното; цели огромни општествени групи, во тоа грубо племенско раздвојување и пребројување, како да не постојат: на македонската јавна сцена речиси ги нема проблемите на хендикепираните, на хомосексуалците, на луѓето со поинакви верски убедувања од доминантните (православие и ислам), на младите (особено на децата), на жените (особено на загрозените и злоупотребуваните жени), најпосле на малубројните други етнички малцинства.

Од тие причини потребно е да се креира една многу пофлексибилна и поинтегративна културна политика, но не само на владино ниво туку пошироко во општеството, на многубројни пунктови, почнувајќи од основното образование до медиумите, потребно е да се изврши тој “мултикултуралистички” (во суштина демократски) пресврт. Со тоа Македонија би ја сублимирала историски пропуштената модерност и би го прифатила цивилизацискиот предизвик на едно навистина плурално, интегрирачко и, зошто да не, мултикултурно (но не само во етничка смисла) општество.

Бидејќи, во суштина, мултикултурализмот пред сите современи општества, според Андреа Семприни, поставува само едно прашање, прашањето на модернитетот: “Различноста и идентитетот, еднаквоста и правдата, релативизмот и универзализмот, рационализмот и субјективноста, етиката и правото... сиве овие изрази веќе ни се блиски. Токму тие категории од проектот на модернитетот во својата севкупност одново се во игра. Повеќе од општествен и политички предизвик, над теорискиот и филозофскиот предизвик, мултикултурализмот ни упатува токму еден вистински цивилизациски предизвик.”