Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


77

ПАРАНОИДНИОТ МОДЕРНИЗАМ

06.12.2004



 

Пред само петнаесетина години главно начело на севкупниот живот во Република Македонија беше општествениот интерес. Индивидуалните интереси, индивидуалните права, индивидуализмот како филозофија и морална практика - како да беа потиснати во втор план. Се разбира, на одреден број луѓе тогаш им пречеше често тапоглавото инсистирање на колективитетот и на често безличниот и демагошки т.н. општествен интерес, во чие име речиси по правило се затираа бунтовноста, креативноста, слободољубивоста...

Денес имаме отклон во спротивната насока. Единственото важечко начело стана индивидуалниот интерес. Иако тоа начело нема онаква снажна идеолошка поткрепа (како што некогаш кај нас имаше социјалистичката кауза), се чини дека неговата доминација е потполна и неоспорна. “Јас и моето семејство” (плус кланот и тајфата) како да стана кредо во чиешто име сè е дозволено: политички манипулации, некомпетентност, измами, лаги, корупција, дури и насилство...

Просто имам чувство дека на повеќето луѓе во Македонија денес таквиот морален и општествен концепт почнува да им станува сосема прифатлив. Имам впечаток дека бескрупулозниот индивидуализам дури и на жртвите на транзициониот хаос им станува нешто најнормално и најпожелно како начин на живот и социјално прифатливо однесување.

Сакам да обрнам внимание дека таквиот развој на настаните - прифаќањето на најгрубите форми на првобитниот капитализам кој се води според најгрубите начела за еволуциска борба во која послабите изумираат - нема да нè сочува ниту како колективитет ниту како поединци. Ако социјализмот беше перверзен во своите колективистички стремежи, сегашното дивјаштво на личниот интерес е уште пострашно. Секоја функција која подразбира општествена одговорност во земјава почна да се сфаќа како лична привилегија. Тоа не е нормално! Тоа ќе ја уништи заедницата! Тоа, повторувам, не е капитализам туку примитивизам; борба на секој против секого...

Но, исто така имам впечаток дека зборовиве се фрлени во ветер и магла и дека нас нè мелат можеби подлабоки историски процеси низ кои можеби мора да се помине... Сеедно, се сеќавам на важните зборови на Иво Андриќ, напишани 1945 година на една приватна посвета врз книга: “1. Сите Дрини на светов се криви; 2. никогаш тие во целост не ќе можат да се исправат; 3. но никогаш не треба да престанеме да ги исправаме”.

Сизифовска работа? Како придонес кон сизифовштината сакам овде да истакнам, делумно и како некакво автопоетичко оправдување и како личен принцип, едно друго џентлменско кредо: Она што го карактеризира џентлменот, велеше Џемс Џојс, е што секогаш се залага за однапред изгубена кауза.

Затоа во ова грубо време се обидувам да обрнам внимание на по пат загубениот “општествен интерес” кој денес во најдобар случај се сфаќа како етничко трло, а и во тој случај етничкото најчесто го камуфлира личниот момент на загрозеност...

Кант велеше дека единственото морално дејствување е она коешто не е расипано со “патолошките” мотиви на личната корист и сатисфакција. Некои други важни современи филозофи (Лакан, Жижек, Бадју...) во духот на Кант велат дека единствената основа за етика во нашиот постмодерен свет е лојалноста спрема сопствените копнежи, дури и на сметка на сопствената удобност и благосостојба. Бадју, пак, како своја етичка платформа, ја истакнува верноста кон еден настан, тогаш кога тој настан го раскинува хомогениот поредок на светот донесувајќи апсолутна новост.

Можеби е утешно - а многу веројатно дека баш и не е - што нашата морална, филозофска и политичка изгубеност всушност е светска. Некогаш постоеше доба кога луѓето имаа свое место и знаеја каде е тоа; а потоа дојде време, кое сè уште трае и во кое местото на луѓето беше изгубено; сè повеќе луѓе мораа да го бараат своето место во светот, наместо да го наследат...

Има еден интересен современ филозоф, Дејвид Тротер, кој во својата книга “Параноиден модернизам” вели дека модернистите најпрвин ги карактеризира чувството дека нешто загубиле. Нешто од она што го загубиле, на пример, е осигуреното место на уметникот во општеството и неговата важност во културата. Реакција на “незабележувањето или безначајноста” - е паранојата. Параноичните модернисти затоа се обележани со чувството на неподносливост на модерниот живот. Модерниот параноик сфатил дека откако Господ е мртов, некој мора да биде Господ: некој мора да знае што се случува.

Тротер всушност тврди дека проектот на модерната се состои во тоа модерниот, ослободен и несместен човек да го пронајде своето место во очите на другите луѓе - и притоа да го презира. Тоа е положба која раѓа нови форми на мегаломанија и нови форми на сервилност. Вкупниот поим за амбиција, за она што луѓето би можеле да го посакуваат за себе, драстично е променет.

Во овие зборови на Тротер гледам цели купишта македонски јавни личности, академичари, интелектуалци, политичари..., кои го бараат своето изгубено привилегирано место. А привилегиите, всушност, станаа нестабилни, почнаа да шетаат и да исчезнуваат како светлински гасови над мочуриште...

Го живееме, значи, времето на параноидниот модернизам кој на големо произведува параноици . “А параноикот”, според Тротер, “е личност која разбрала дека не е поинаква од другите, но перформативниот исказ е клуч за целокупната игра. Со други зборови, идејата за индивидуалност се појавува тогаш кога на луѓето им станува јасно дека такво нешто не постои. Луѓето можат да бидат посебни, но нивната посебност може да биде незабележлива, неважна. Пронаоѓањето на вистинскиот тон со кој ќе се опише (или отпише) крајната непоследичност на модерниот човечки живот стана проект на модернистите. Постлиберализмот е чувство на неважност на политиката како исцрпен, довршен проект, сомнеж во вредноста на вредностите, а фашизмот е израз на очајание над политиката.”

Тротер има и други поенти: кризата на модернитетот воедно е и криза на маскулинитетот. (Гледајте ги само мачоидно збеснатите преовладувачки македонски колумнисти и уредници, дури и кога се жени!): “Паранојата не беше во толкава мера модернистички збор за здравје, туку модерен збор за машкост. Затоа параноидниот модернизам е време на мажите за коишто збрката, нередот, среќата (добра или лоша), случајноста, беа зборови со кои се опишува женскоста. Машката параноја, очевидно, бара презир на женското”.