75
ДУХОТ НА ПАЛАНКАТА
08.11.2004
Ги слушам,
секојдневно, сите оние речити, лесноречиви: ноќва оваа е сè помрачна,
но не се плашат тие, им тече зборот; ги слушам но веќе не се надевам,
во нивниот говор не очекувам некој трепет, а камоли миговно липање -
не, дури ни во паузата, помеѓу два збора, страв или очајание, или
човечкост; но, тие не се плашат, а јас се плашам, најмногу се плашам
од тие што не се плашат, кои не очајуваат. Понекогаш дури мислам
дека човекот што не очајува можеби и не е човек. Дека оној којшто не
говори со мака, дека тој можеби и не е човек.
Радомир
Константиновиќ
Стоички ги
издржавме канонадите зборови што нè опсипуваа деновиве, по повод
референдумското изјаснување. Непромислено и сосема непотребно
одредени луѓе атмосферата ја вжарија до распламтување, а земјата ни
се претвори во акустична лудница, во лавиринт од чудни одаи, како во
расказот на По, црвени, зелени, сини, испреплетени со хаос од еха,
одгласи и одблесоци што навираа отсекаде, од минатото и иднината,
едновремено живи и мртви, палави и морничави.
После сета
возбуда и тормозењето, во првиот ден од остатокот на нашиот живот,
затоа избирам друг ракурс и друг вокабулар: ќе кажам неколку збора
за еден од најголемите балкански мислители, Радомир Константиновиќ,
кој минатата година го прослави својот седумдесет и петти роденден.
Сакам да обрнам внимание и на неговата култна книга објавена пред 35
години, Филозофијата на паланката. Нема подобра студија на
нашите менталитети, на нашиот стеснет племенски и паланечки дух, од
тој текст кој тешко си го пробиваше патот, но којшто, по целиот ужас
што му се случи на регионот, денес звучи како моќен пророчки глас во
кој се наоѓаат длабоки согледувања на целата наша изгубеност.
Затрупан, значи, од секојдневната и веќе хронична лавина на
тривијален а острастен говор, потсетувам на Константиновиќ:
“Сè потешко се
зборува. Сè поодалечени сме од вистинското настојување по вистински
говор. Најголемиот израз на тоа е своевидната “политизација” на
говорот, односно тенденцијата политичкиот говор да се апсолутизира,
тој да се направи единствен можен.
Оваа
политизација е голем редукционизам во дело, во смисла на сведување
на мислењето на став. Таму каде што овој редукционизам е на дело,
таму говорот е невозможен. Но, ако нè нема без говор, значи ли тоа
дека и ние самите тука сме невозможни? Сè почесто помислувам дека со
него се искажува и обидот за наше бекство од самите себе, низ тој
обид за бекство од говорот како бекство од неизвесноста. (...) Како
во редукцијата на говорот кон исклучиво политичкиот говор да се
сретнуваат, па и поистоветуваат, волјата на светот и оваа желба за
бекство од личноста, како насилството на светот да се повнатрешнува,
изродувајќи се во некакво посакувано самонасилство.”
Нам ни се случува истото:
повнатрешнување на деструкцијата, редукција на јавниот дискурс до
просташтво, политизација на говорот и мислењето. А тие тенденции,
грубоста, глупоста и глувоста за спротивното, всушност нè ништат
поефикасно од туѓите непризнавања. Просто, како малку да затапавме
во умот а се изостривме во песјаците. Гризење и парчосување - да;
дијалог и прифаќање - не. (Константиновиќ: “Колку чувството за
реалноста е помало, толку е поголема нужноста за насилство.”)
Да бидам јасен:
нашиот референдум успеа не само да ги продлабочи овдешните ионака
доволно длабоки етнички ровови туку и да повлече нови длабоки црти
помеѓу ЕУ и нас. Можеби племенското кај Македонецот повеќе е збиено
со референдумов, но цената е прилично висока. Башка, од хомогеноста
на паланечкото, од затвореноста на племето, самото племе, во
перспектива, нема кој знае каков аир.
Најстрашното
беше што во целава реторичка травестија (сите едновремено беа и за
унитарна Македонија и за ЕУ и Америка и за Албанците и Рамковниот
договор!) ороводци на морбидниот маскенбал беа угледниците, главите,
позиционираните, елитата македонска, со еден збор, сто пати досега
обезгаќена во карневалите, сто пати компромитирана токму по
експертската недоветност, но затоа не помалку ентузијастична и
понатаму до бескрај да го карневализира нашиот јавен живот, во трка
по месото, се разбира, како што вели и самиот збор “карневал”.
Без сомневање, неодминлива е
одговорноста на власта, која не само што покажа мизерен капацитет за
усогласување, туку и дополнително долеваше масло врз распламтениот
оган. Опозицијата се посрами бетер, демагошки и перфидно (сè
внимавајќи на реториката, а всушност со снажен националистички
поттекст) буцкајќи го ионака доволно избезумениот народ да се збива
и збивта во етничките трла, да се брои и пребројува ко стока,
оддалечен од европските перспективи веќе не само со реално големите
европски бедеми туку и со колците од трлата на паланечките главешини.
Дополнителна трагична приказна е
фијаското на Граѓанското движење на Трифун Костовски, кое можеби
доби снажен популистички ветар во едрата, но на сметка на една
тотална интелектуална, политичка и морална деградација. Иако се
недвосмислено јасни апетитите на тие луѓе да дојдат на власт, мора
да се потцрта дека поголемиот дел од нив всушност постојано се на
власт и позиции во оваа земја. Гледајте го само бескрајниот расадник
на македонски таленти коишто нит гром ги бие нит мува ги лази:
Правниот факултет, невиден бестиариум на кадри постојано стратешки
распоредени на сите клучни позиции! И сите се експерти со децении и
сите се министри со децении и законодавци со децении и отровни
колумнисти и пак, велам, нит гром ги бие нит мува ги лази.
Да се вратиме,
значи, на Филозофијата на паланката: Духот на паланката, вели
Константиновиќ, го сака минатото бидејќи не го сака времето и не ја
сака историјата. Карактеристика на паланката е “духот на
колективната волја, духот на новиот колективизам кој нè зема под
свое, кој нè штити од сè, а пред сè од самите нас. Тоа е дух кој му
се противи на времето, кој е анти-историчен, затворен во еден
затворен свет тој се стреми да го прифати налогот на затвореноста
како своја предност, како свој сопствен избор. Тоа е дух кој се
обидува својата коб да ја преобрази во своја привилегија.”
Но и нешто друго
вели Константиновиќ: “Кризата е голема; нашите шанси, значи, се
големи.” Токму како што велеа германските неоекспресионисти од
осумдесеттите: “Вие немате никаква шанса; според тоа - искористете
ја.” |