74
ЛИБЕРАЛЕН НАЦИОНАЛИЗАМ (2)
25.10.2004
Според мене, три работи во нашето
општествено милје под површината ја подгреваат атмосферата околу
референдумот: антиалбанството (кое инаку многу тешко наоѓа начин да
се изрази - што е добро, се разбира); македонскиот национализам (кој,
исто така, баш и нема можности да се покаже, дури ни во негативна
смисла, кога веќе не постојат реални успеси за билдање на
националната гордост во позитивна смисла); и најпосле, ја спомнувам
и, според мене, најмалку битната работа што (ќе) ги мотивира луѓето
за референдум: незадоволството од политиката на владата.
Напомнувам:
ниедна од овие три работи сама по себе не е негативна ниту претерано
опасна по демократскиот поредок. Антиалбанството, на пример, е
длабока реалност во душите на мнозина Македонци, но во речиси секоја
похетерогена држава, дури и меѓу оние најразвиените, со векови се
негуваат слични меѓусебни стереотипи, омрази, бесови и нетрпеливости,
често и врз религиска основа. Глупо е да се каже дека не постои кога
постои, но важно е таа негативна енергија да се контролира и
канализира. И да не постоеја Албанците, ќе мразевме нешто друго,
како што се мразат јужните и северните Италијанци или Германците
меѓу себе или Шпанците... Една од клучните одлики на човечкиот
идентитет е што тој се соопштува негативно: не сум тоа, не го сакам
тоа; токму сум спротивното од тоа.
Македонскиот
национализам исто така не може да биде спорен, како ниеден друг
национализам, барем сè дотогаш додека се почитуваат демократските
процедури. Во случајов се граѓанското изјаснување, тоа е сосема
јасно; според поддржувачите на референдумот, луѓето го бараат
минималното и загарантираното право: да бидат консултирани кога
станува збор за прашања што вака или онака го допираат нивниот живот.
Се разбира, да сакав да идеализирам, ќе речев дека она што овде го
нарекувам македонски национализам може да се нарече и враќање на
достоинството, неприфаќање тутори, или демократски начин да му се
возврати на милитантниот албански национализам - но во суштина сепак
станува збор за фрустриран национализам кој нема доволно позитивни
пунктови за да се артикулира и препознае.
За третата
работа, незадоволството од работата на владата, нема да трошам
зборови; евидентно е неснаоѓањето, особено на премиерот, кој изгледа
недораснат за толку висок степен одговорности.
И уште еднаш велам (затоа што
минатиот пат бев можеби премногу апстрактен): еден од одговорите на
нашите проблеми може да биде афирмацијата на либералниот
национализам. Што значи: во еден систем на либерална парламентарна
демократија национализмот не би требало автоматски да го отфрламе
како опасен и архаичен примитивизам туку треба да се потрудиме да го
либерализираме.
Најпосле, можеби ќе треба да
научиме дека корените на национализмот, како впрочем и на
целокупната политика, се во културата. Важни теоретичари токму
сметаат дека во центарот на национализмот повеќе лежи културниот
отколку политичкиот разлог и дека националните движења повеќе се
мотивирани со желбата да се сочуваат културата, традицијата и
јазикот на одредена заедница отколку со желбата да се грабне
државната моќ. Се разбира, ова не значи дека национализмот нема
политички цели, но важно е тој да не се сведе исклучиво на стремежот
да се контролираат институциите и државната моќ. Како што вели Јаел
Тамир: политичката моќ е средство, а целта е културна. Политичкото
дејствување е важен вид на национализмот, но не е негова суштина.
Иако овде
зборувам за разбирањето на македонскиот национализам кој е, ми се
чини, во форма на антиалбанство, погонската енергија за
референдумското изјаснување, сево ова е важно за да го разбереме и
албанскиот национализам, кој повеќето од Македонците го сметаат за
агресивен, бескрупулозен и некооперативен. Можеби токму обидот меѓу
себе да ги разбереме сопствените стравови и грижи за националното
опстојување, ќе биде важниот фактор што ќе помогне за политичкото
стабилизирање на регионов?!
Значи: исто
онака како што се обидуваме да ги сфатиме фрустрациите на
македонските Албанци изминативе десетина години, фрустрациите
предизвикани од постојаните пролонгирања на нивните помалку или
повеќе оправдани барања, истиот аршин треба да се употреби и при
фрустрациите на Македонецот. Па, гледајте ја неговата позиција,
добога! Гркот не го признава името (како и комплетната ЕУ) и
економски ја колонизира земјава; Бугаринот не ги признава културата
и јазикот; Србинот не ја признава црквата; големото албанско
малцинство не ги признава државните симболи; моќните западни земји,
и покрај мошне значајната економска помош, често нè третираат како
недоветни и неспособни да се грижиме за себе... Во таква ситуација,
јасно е дека Македонецот ќе се закачи макар и на најирационалното,
како некаков вентил за наталожените фрустрации и нереализираниот
национален набој.
Во секој случај,
не е лесно и не е едноставно. На пример, често се наведуваат
зборовите на еден од творците на модерните демократски принципи, Џон
Стјуарт Мил, дека е нужно “границите на владеењето главно да
коиндицираат со границите на нацијата”: “Меѓу луѓето кои немаат
чувство на заедништво, посебно кога читаат и говорат различни јазици,
не може да постои единствено јавно мнение неопходно за работата на
заедничката влада”, вели Мил.
Но, во еден друг
пасус Мил го вели и следново: “Но, дури и во Европа постојат делови
во коишто различните националности толку се измешани, што за нив не
е практично да бидат под одвоени влади... Тие немаат друг пат освен
од нужноста да направат доблест, и да се помират со тоа да живеат
заедно под еднакви права и закони.”
Значи, исто
онака како што стратегиски нè чека задачата своите хендикепи да ги
претвораме во предности, да го направиме истото и со референдумот,
без оглед на неговиот исход: нужноста да ја претвориме во доблест.
Секој нека се изјасни според својата совест, но секој и да се обиде,
низ јавна или приватна расправа, да го прифати другото мислење.
Доблеста во случајов ќе биде поголемото меѓусебно разбирање и
развојот на демократската свест. |