73
ЛИБЕРАЛЕН НАЦИОНАЛИЗАМ
11.10.2004
Претстојниот
референдум придвижи толку суштински политички прашања и придвижи
толку скриени политички енергии и аспирации што на крајот, и покрај
сите стравови, ќе испадне полезен. Да го немаше, ќе требаше да го
измислиме, ако не за друго тогаш токму за да се отвори важна
политичка расправа во која ќе се изнијансираат, до најмали
суптилности, цели палети спротиставени ставови. Референдумот испадна
како снежно поле во коешто сите животинчиња ги оставаат своите
отисоци.
Но, причините за
важноста на референдумот не се само еминентно политички (во смисла
дека ја допираат самата суштина на демократијата, непосредното
изјаснување на граѓаните), туку се и психолошки: повеќето граѓани
чувствуваат дека влогот е малку покрупен од простото прашање и
повеќето си проектираат сопствени “филмови” во тоа не баш вешто
срочено референдумско прашање.
Нејсе.
Во расправата околу референдумот
сакам да понудам едно, ми се чини, обединувачко гледиште, кое има
важни политички и стратешки импликации. Мислам дека задача на
повеќето луѓе кои вака или онака се занимаваат со јавните работи е
да создаваат заедничка јавна сфера во која ќе се трага по заедничка
основа и по принципи прифатливи за сите. Значи, освен создавањето
либерални демократски институции чија задача е да бидат
“нерепресивни, недискриминативни и промислени”, нам сеедно ни
останува задачата членовите на овие институции да создаваат
вредности што ги сврзуваат сите граѓани; во спротивност, тешко дека
ќе воспоставиме заедничка јавна сфера и заеднички политички систем.
Идејата за која
сакам да зборувам се вика “либерален национализам”, а главен
застапник на овој теориски и политички концепт е Јаел Тамир, важната
израелска социјална мислителка во чиј фокус е промислувањето на
израелско-палестинскиот судир и начините како тој да се реши.
Појдовна точка на Тамир е ставот дека етничките конфликти секогаш
можат да се решат, пред сè на начин правата и потребите на
малцинствата да се заштитат со комбинација меѓу поделба на власта и
автономија.
Да се вратиме на
прашањето за референдумот. Ми се чини дека референдумот кај нас
мобилизира јака национална енергија, но која сè уште не е доволно
артикулирана и конструктивна. Ми се чини дека идејата за либералниот
национализам може значајно да ги облагороди овдешните национализми.
Клучната идеја на Тамир, значи, е
дека националното мислење изнесува битни барања доколку успее да се
ослободи од реториката на крвта и тлото и да признае дека
рефлексијата и изборот се подеднакво важни како историјата и
судбината. “Либералите кои се откажуваат од терминот 'национализам'
и им го препуштаат на конзервативните политички сили или, воочете ја
разликата, на шовинистичката и расистичката идеологија, се
оддалечуваат од цела група вредности кои имаат огромна важност за
мошне многу луѓе, вклучувајќи ги и либералите” вели Тамир.
Иако Гелнер, на
пример, смета дека судирот помеѓу либерализмот и национализмот е
“одмерување помеѓу разумот и страста”, Тамир смета поинаку: дека
либералната традиција со своето уважување на личната автономија, на
рефлексијата и изборот, и националната традиција со своето
нагласување на припадноста, лојалноста солидарноста, навистина
можат да се прилагодат една кон друга, иако генерално се сметаат за
меѓусебно исклучиви.
Тамир укажува
дека не смееме туку-така, апстрактно и демагошки, да му се
препуштаме на космополитизмот, особено не тогаш кога работите се
опасно поларизирани, како во случајот на израелско-палестинскиот
судир. Во такви ситуации реална е и голема опасноста национализмот
да го присвојат најопасните и најрадикалните, оние кои всушност се
најмалку повикани да ги бранат националните каузи, со оглед на тоа
што нивното “бранење” обично завршува во крв до колена и во
долгорочни и тешко решиви трауми на сите страни.
Национализмот е
комплексен и реално снажно присутен во современоста; можеби
последниве стотина години повеќе се видливи најлошите облици на
национализмот: нацизмот, расизмот, шовинизмот... Но, либералните
облици на национализмот се почитувањето на разликите, малцинските
права, афирмацијата на различните култури... Националните идеи
навистина ги придвижија некои од најразорните режими на изминатиот
век, но исто така беа инспирација за некои најславни моменти, тогаш
кога борбата против колонијализмот и империјализмот водеше кон
национално самоослободување.
Задача на одговорната политика,
значи, па и онаа “десната”, либерално националистичка, е да го
канализира национализмот од едниот крај кон другиот, со што ќе се
отвори едно сосемо ново поле, посоодветно за 21 век, за третирање на
националните прашања. Од извонредна важност е да се истражат
начините, како што вели Тамир, на коишто национализмот би можел да
даде придонес за либералното мислење.
Државниот
суверенитет дефинитивно не може да биде универзална форма за
задоволување на националните аспирации. Прифаќањето дека
националното самоодредување најдобро може да се оствари во рамките
на поширока регионална рамка значи дека политичкото мислење навлегло
во ново доба, во кое принципот за националното самоодредување веќе
не е единственото оправдување за политичка организација. Исто така е
оспорено верувањето дека стабилната политичка рамка изискува
културна, јазичка и верска униформност.
Но, сепак треба
да бидеме свесни - и затоа, меѓу другото, расправата за новата
територијална поделба на Република Македонија е исклучително важна -
дека границите можеби ќе се релативизираат но сигурно нема да
исчезнат. Искуството покажува дека како границите на државата
стануваат поотворени, заедниците почнуваат да поставуваат сопствени
граници. Според Волцер, во космополитските градови на
мултинационалните империи, или во градовите во кои постои постојан
уплив на емигранти, сосетството кое ја штити културната единственост
станува замена за политичката рамка.
Заради сите
тие причини, заради комплексноста и на глобалните и на локалните
политики, уште еднаш велам дека расправата околу референдумот е
добродојдена. Едноставноста не е соодветен идеал за хетерогените
општества, вели Исаија Берлин; не постојат совршени одговори за
општествените проблеми, а трагањето по апсолутни решенија пречесто
води кон угнетување и крвопролевање. |