Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


72

СЕ' ШТО Е ЦВРСТО СЕ ПРЕТВОРА ВО ЧАД

27.09.2004


 

Опасно сме разбиени. Таков е духот на времето, и на поширок план. Нашата разбиеност има многу специфичности и живописности, но нејзе ја делиме и со постмодерната западна цивилизација и со источната фатена во еден модернизациски галоп. Дури и поимите окцидент и ориент делумно се разбиени: кога денес велиме Исток не мислиме, како некогаш, на источна Европа и комунистичките земји туку на Кина или Индија, кои доживуваат огромни и планетарно важни промени. А кога денес велиме Запад, на пример, сè повеќе мислиме на целата проектирана Европа комплет со Турција.

Иако радикалните прекини помеѓу различни периоди, според Фредерик Џејмсон, обично не подразбираат потполна промена на содржините туку само реструктуирање на одреден број зададени елементи, сепак ќе се потсетиме на општите места што ги разликуваат модернизмот и постмодернизмот.

Модернизмот го карактеризираат брзите промени, иновациите, негацијата на старото и создавањето ново (процес поврзан со индустрискиот капитализам), демократските револуции, урбанизацијата и општествената и културната диференцијација.

Постмодернизмот, пак, е толку комплексен и спорен термин што тешко можат да му се дофатат контурите. Еден духовит теоретичар вели дека “најдобриот опис на нашето постмодернистичко општество” го нашол во еден дел од “Комунистичкиот манифест” во кој Маркс и Енгелс ја опишуваат државата “во која сè што е цврсто и постојано брзо се претвора во чад”.

За оваа пригода ќе потсетам на една актуелна и мошне влијателна политичка стратегија чиишто главен застапник е британскиот дипломат Роберт Купер кој значајно му помогна на Тони Блер во обликувањето на доктрината за новиот интернационализам и хуманитарните интервенции, а со цел да се ограничи државниот суверенитет. Еве кои се главните карактеристики на постмодерниот свет, според Купер:

1. бришењето на разликата помеѓу внатрешната и надворешната политика;

2. меѓународното влијание во (традиционалните) внатрешни работи на државата и заедничка контрола;

3. отфрлање на силата како начин за решавање на судири и постојана кодификација на ограничувачките правила за однесување во меѓународните и во внатрешните односи;

4. сè поголемата “невидливост” на границите: до ова доаѓа како низ променетата улога на државите така и низ улогата на сателитите, проектилите, сообраќајот...;

5. безбедноста е заснована врз транспарентноста, обостраната отвореност и заедничката ранливост.

Се разбира, националната држава нема да исчезне - идентитетот и демократските институции остануваат национална сопственост.

Идентитетот? Тука се враќам на почетокот на текстов: опасно сме разбиени, дури и над пропишаните (пост)модерни граници. Премалку работи нè поврзуваат; толку се уситнивме и раширивме во квантитет (партии, фирми, телевизии, весници...) што речиси ги изгубивме сите стандарди за квалитет; образованието ни е тапа невидена (околу себе гледам само купишта до избезуменост незадоволни родители), културата речиси не постои, освен во своите ритуални и церемонијални форми; јавната сфера ни е инертна и манипулативна и не буди кој знае колку длабоки препознавања дури ни кај клинците кои стануваат опасна рефлексија на самите нас: незаинтересирани, површни, егоистични и цинични... Религиското чувство и етничката припадност се недоволни, затоа што сите ние реално имаме многу покомплексни идентитети...

Има еден филм од почетокот на деведесеттите, Слацкер (слекер, англ.: забушант, мрзливец, безделник), кој токму зборува за изгубеноста и разбиеноста на младите Американци. Вакви се ликовите: еден постојано зборува за политички заговори; друг е опседнат со Елвис Присли; една нервозна млада жена се обидува да го продаде брисот на Мадона за папаниколау гинеколошкиот тест, комплет со црните вагинални влакненца; друг типац говори дека Буш не ги добил на законски начин изборите во 1988 година; еден млад црнец продава маици со натписот “Ослободете го Мендела” и изведува стереотипен политички реп; еден уметник/активист има соба полна со телевизори и видео траки; двајца безделничари во едно кафуле филозофираат за цртани филмови...

Е, делумно на тоа ме потсетува разбиеноста на Македонија во моментов, особено на помладите Македонци, кои  речиси ништо не ги спојува освен зададениот етнички идентитет плус клишеата за љубов/омраза кон другиот/различниот...

Така што, зафркнат ни е мигов: ни се бара постмодернизам без модернизам; се бара одречување од културата без таа кога било да се поседувала; се бара фрагментирање среде разбиеност; среде хаосот од срча по кој газиме со своите стаорски канџиџки и со ситниот плен во муцката цело време ни се закануваат големите чевли кои ни се наднесени над главите со моќ да ни ја прекинат егзистенцијата бубашвапски осетлива на светло...

Но, вон метафорите и културните игри и ловењето на здивот на епохата, треба јасно да се каже: работите не смееме да им ги препуштиме на стихијата. Тоа е нашата одговорност во нашето време, со која ќе одговараме и пред идните. И тоа е главната разлика меѓу нашата фрагментираност и несигурност и онаа која се случува на Запад: таму работите сепак не ù се препуштени на стихијата.

Загрижува, значи, неодговорноста, површноста и фриволноста токму на оние кои се поставени за да создадат регулативни механизми среде хаосов. Загрижува, на пример, пречесто грубиот и вулгарниот Хари Костов со својата лажникава вера во пазарот кој ќе ги регулирал работите. Самиот пазар, пред тоа, треба да се создаде и тоа, пред сè, со регулација, со создавање јасен и фер амбиент - она што Хари Костов и низа министри пред него повеќе-помалку не го прават. Сакаат да ги трошат даночните пари, дури во распуштеноста одат толку далеку што тие пари ги сметаат за свои или на тајфата си - а ваму не сакаат да одговараат!? Не украле шрафче?! А фиктивно приватизирале веројатно десетина милијарди долари државен капитал! И им велат на овие што извисија дека крадат шрафови!

Токму како што рекоа пра-марксистите: во државава сите цврсти работи имаат тенденција да се претворат во прав и во чад. Тоа беше пред двесте години. Дали да се тешиме со можноста дека за 200 години нашава земја ќе стане пристојно фрагментирана постмодернистичка капиталистичка држава?!