Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


71

КРИЛЕСТИ ТРКАЛА, БРИЧ И ТЕРЕЗИЈА

11.09.2004



 

Постои еден извонреден руски прозаист, Гаито Газданов (1903-1971), кој бегајќи од револуцијата поголемиот дел од животот го поминал како емигрант во Париз. Газданов потекнува од Осетија, делот на Русија каде неодамна се случи стравотниот терористички чин во кој, меѓу другите, настрадаа неколку стотици деца.

Го спомнувам Газданов овде не само како препорака за пробирливите читатели и не само за да укажам дека и од најзафрлените катчиња на светот можно е да дојдат генијални уметници, туку заради еден фрагмент од еден негов расказ во кој токму се евоцираат училишните спомени.

Учителот од лицејот, значи, на кого со носталгија се сеќава нараторот на расказот, вака вели: “На светот постојат три вида борба за опстанок: борба до пораз, борба до уништување и борба до помирување. Запомнете дека најдобриот и најразумниот вид борба е - борбата до помирување.”

Сакам да укажам, значи, дека борбата е добра и природна и дека многу често кон напредок ги влече и поединецот и општеството. Поривот за борба создава конкуренција и натпревар и често служи да ги преиспитува еднаш засекогаш поставените вредности и односи на сили. Општествената борба, со јасни и фер правила кои важат за сите, би требало да го протресува општеството во позитивна смисла, да ги проширува каналите на проток (на информации, позиции, пари и моќ) со што заедницата станува ем попропулзивна и поотворена ем поинтегрирана.

Се добива впечаток дека нашето општество со децении се штитеше од поотворени конфронтации, борби и соочувања. Освен културниот контекст (по многу нешта Македонија претставува(ше) “темен вилает”), освен делумно поданичкиот менталитет (кон горе сервилно, кон долу брутално), причина за недоволниот број отворени соочувања на нашата јавна сцена изминативе децении сигурно дека беше и недоволно демократскиот социјалистички режим.

Како и да е. Денес кај нас имаме перверзно поинаква ситуација: борби на сите страни, секој против секого. Дури и природните сојузници (семејството, пријателите, луѓето што делат ист цех или партија итн.) се на штрек едни кон други. Не е весело живеењето во една таква напната атмосфера на недоверба, но да речеме дека дури и таквата атмосфера нуди некакви (експлозивни, за добро или лошо) потенцијали. Хетерогеноста на нашето општество, особено онаа толку нагласена етничка хетерогеност, може да стане развојна предност, токму затоа што хетерогеното општество дополнително е натпреварувачко општество. А љубениот ни капитализам исто така е жесток натпревар, зарем не?

Но, битно е да се постават општи и фер правила до кои сите ќе се придржуваат и битно е да разбереме дека борбата не се случува до истребување и до понижување на спротивниот или различниот од тебе. Затоа ја прифаќам мудроста на ликот од расказот: “Запомнете дека најдобриот и најразумниот вид борба е - борбата до помирување.”

Борбата во Чеченија (чијшто можеби катастрофален рефлекс е и незапаметениот злостор во Осетија) има сè помалку шанси да биде борба до помирување. Исто како и борбата во Палестина: тие повеќе наликуваат на борба до уништување. Борбата во бивша СФРЈ исто така беше борба до пораз (на моменти дури и на уништување, особено спрема муслиманите), а не борба до помирување. На Косово Србите го правеа истото, водеа борба за да го поразат тамошното албанско население, но подоцна понижувањето го добија во сопствениот двор, преку бомбите на НАТО кој ја примени тогашната српска воена филозофија: “или се уклони или се поклони”. Албанците на Косово, за жал, како своја политичко-воена филозофија се сета страст ја прифатија истата глупава силеџиска флоскула, ширејќи го опасниот албански национализам и вон границите на Косово.

Така ја добивме и нашата релативно мала војна пред три години. Но таа војна, за среќа, не беше војна до понижување или уништување туку заврши со фер мировен договор кој ги поставува стратешките перспективи за меѓуетничките односи во Република Македонија.

Меѓу другото и затоа сè уште верувам, и покрај многубројните прокоби и неумности и неукости, дека Македонија има шанси. Постои голем простор нашите сегашни борби сè уште да водат кон помирување. И покрај големите омрази, и покрај стравовите и стереотипите, и покрај внатрешните и надворешните подбуцнувања - во низа наврати и официјалните раководства на земјава и самиот народ, меѓу понудените опции: борба до пораз, уништување или помирување, го избирале патот на помирувањето.

Помирувањето (а не поразот, понижувањето или, не дај боже, уништувањето) е клучна супстанца и на Охридскиот рамковен договор.

***

Каирос, најмладиот Ѕевсов син, е едно од божествата на судбината, персонификација на поволниот, среќен момент. Го прикажуваат како гол ефеб што стои на топка, со крила на нозете и брич во рацете. Подоцна е прикажуван и како момче со локна на челото и кратко потстрижена коса на темето, како стои врз крилести тркала или врз брич, а во раката држи терезија. Овие иконографски детали укажуваат дека Каирос нечујно и брзо се движи меѓу луѓето, односно дека поволниот момент е тешко да се дофати.

Јасно е зошто го спомнувам овој интересен антички бог во еден ваков текст кој зборува за окончување на борбите. Моментот треба да се препознае и да се пресече. Една од најврвните политички мудрости едновремено е и еден од најважните лични предизвици во животот на секој поединец. Важно е да научиме да ги препознаваме своите судбински шанси. Еден од начините за тоа е да научиме да го цениме чекорот на времето. Во препознавањето и почитувањето на духот на времето лежи нашата шанса да го здогледаме сопствениот поволен момент, сопствениот Каирос.