70
ЛУДАЦИ, ЛАКРДИЈАШИ И МРШОЈАДЦИ
30.08.2004
Сите
интелектуалци се откачени лакрдијаши. Побарај ги во која било земја
инженерите, трговците, архитектите, земјоделците, ќе видиш луѓе “на
редот”, спретни, разбрани. Ако сакаш да ги видиш најлошите клапчовци
на некоја земја, барај да ги сретнеш писателите - манијаци, лудаци,
неумесни, идиоти. Ни себе не се исклучувам.
Луј Фердинанд
Селин
Иако последниве
денови кај нас во прв план се токму “најголемите клапчовци”,
писателите, по повод превирањата околу Струшките вечери на поезијата,
кога зборуваме за мрачните перспективи на нашиот сегашен миг сепак
не би ги исклучил ни “трговците, архитектите, земјоделците”, комплет
со сите други “интелектуалци - откачени лакрдијаши”.
Ќе зборувам
значи, уште еднаш, за (не)одговорноста на оној тенок слој управувачи
во општеството, за нешто што само описно, не и содржински, го
нарекуваме македонска елита или естаблишмент.
И веднаш сакам да
кажам една важна работа: елитата на еден народ не секогаш стои зад
стратегиските интереси на целиот народ. Многу често, особено во
неконсолидираните општества, елитата стои токму наспроти интересите
на народот, гледајќи си ги своите потесни интереси и трудејќи се да
ја задржи стекнатата моќ.
Дали во
најновите превирања околу стратешките насоки на развој на државава
македонскиот естаблишмент ги брани исклучиво сопствените засегнати
привилегии или навистина во прашање се пошироките национални и
општествени интереси?!
Мое мислење е дека
нашиот естаблишмент (комплет со неговиот сè повлијателен албански
дел) во голема мера - чест на малубројните исклучоци - не е спремен
да се менува и заслепен од стравот дека ќе ги изгуби привилегираните
позиции не е подготвен за новите цивилизациски предизвици кои ни ги
наметнуваат времето и европскиот контекст. И тука мислам на
поширокиот естаблишмент; во прв ред политичкиот (гледајте колку
молскавично брзо новокомпонираните политичари потонуваат во фотељите
и се навикнуваат на комфорот и демагогијата, дури и оние што до
вчера беа вооружена герила или напалени популисти), но подеднакво
слаби перформанси и слаба отпорност на конформизам и корупција имаат
и стопанските и образовните и културните и бирократските и
медиумските делови од естаблишментот. Но,
бидејќи во неколку наврати пишувам за бедата на македонскиот
управувачки слој, ќе сопрам тука и ќе му се вратам на почетниот
мотив, на литературата, делумно и како метафора за поширокава тема.
***
Постои еден
интересен каталонски бивш поет, Ферер Лерин, кој веќе триесет години,
откако престанал да пишува поезија, се занимава со проучување на
мршојадците.
Шпанскиот прозаист Енрике Вила-Матас вака ја коментира работата:
Ферер Лерин е стручњак за птици, ги проучува мршојадците, а можеби и
сегашните поети, од кои повеќето се мршојадци. Ферер Лерин ги
проучува птиците кои се хранат со мртво месо - со поезијата.
Сета работа можеби
малку потсетува на австрискиот писател Франц Блај, кој долги години
се обидувал во еден бестиариум да ги каталогизира писателите, своите
современици.
Имам впечеток дека
на Македонија добро би
ù дошла една таква инвентура на мршојадците,
еден бестиариум составен барем од најкрупните, најстрашните и
најбесрамните ѕверки. Ризикот е дека границите на земјава (како
Борхесовата мапа во релација еден:еден спрема територијата!) ќе се
покажат како граница на бестиариумот, со оглед на тоа дека
последниве години, заради неблагопријатниот животен контекст, на
повеќето од нас ни растат канџи, песјаци и крзно, а разумот ни е
сардисан и нервите истенчени.
Не зборувам веќе,
значи, само за естаблишментот туку и за народот, кому рефлексите за
опстанок му се подоштетени од долгогодишните јанѕи и стравови и кој
полека се претвора во неумолива оѕверена жртва на исто така
оѕверената елита, сеедно дали е лева, десна, популистичка, демагошка,
квази-револуционерна...
Можеби е тоа
чекорот на историјата кој овде често наликува на злокобен татнеж,
можеби причината за нашата загубеност е дивиот капитализам низ кој
мора да се помине, можеби ни се преслаби капацитети за државност...
Сеедно: оѕвереноста плаши. Плаши токму затоа што импулсот на
ирационалноста и на насилството многу суптилно, преку системот на
споени садови, од елитата се пренесува кон народот.
Долги години тоа
нешто што го нарекуваме македонски народ - можеби заради
долготрајниот и макотрпен историски тренинг - даваше тивок пасивен
отпор на оние што сакаа српската или босанската слика да ја
пресликаат овде. Сега веќе не сум толку сигурен во одбранбените
рефлекси на нашиот народ, вклучувајќи го тука, се разбира, и
неговиот албански дел, кој уште повеќе е склон кон поедноставувања,
стереотипи и националистички манипулации.
Затоа - и како
поврзување со почетокот на текстов и како инсистирање на
одговорноста и одгоре и оддолу, но можеби најмногу за да се излезе
од задушувачкиот и самосожалувачки “народњачки” ракурс кој
максимално се злоупотребува на сите страни - ќе завршам со една
страсна и духовита осуда на “простиот свет” која доаѓа од Витолд
Гомбрович, полскиот емигрантски писател сосема рамен во
беспоштедноста и генијалноста со Селин:
“Нам,
на интелигенцијата, ни се јавува спасителна мисла дека
простиот свет не
е луд... Ние, да, ние сме осудени на сите болести, мании, лудости,
но во долниот слој сепак е поздраво... и основата врз која се држи
човештвото сепак е во ред... А меѓутоа? Народот е повеќе болен,
полуд од нас! Селаните се лудаци! Работниците, тоа е патологија! Ги
слушате ли што зборуваат? - тоа се мрачни и манијачки дијалози, тапи
не со здравата тапост на неписмените, туку со бладање на лудаци, на
кои под итно им треба болница, лекар... зарем можат да бидат здрави
тие бескрајни пцости и безобразлуци - и ништо освен тоа - таа
пијанечка, сулуда, механика на нивниот заеднички живот? Шекспир имал
право кога простите луѓе ги претставувал како “егзотични”, то ест
всушност такви кои не наликуваат на човек.” |