Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


69

ОЛИМПИЈАДАТА И НАЦИОНАЛНИОТ ИДЕНТИТЕТ

16.08.2004


 


Додека цивилизираниот свет се занимава со Олимпијадата, со новите неверојатни човечки дострели во архитектурата, уметноста, дизајнот, медиумите (за што само Грција - да не ги спомнуваме уште посериозните земји - изминативе години понуди цел грст примери) - ние се занимаваме со македонско-албанските односи.

Жртви сме на лоша карма? На историско доцнење? Нè гуши зафркнатиот контекст? Што и да е - предизвикува фрустрираност, очај и желба да се збрише одовде.

Гледајќи го некни отворањето на Олимписките игри, се присетив на митингот на здружената опозиција во Скопје, организиран против новата територијална поделба. Се чинеше тие денови дека речиси целата општествена енергија е сплотена против власта. Дури и власта се подготвуваше за огромен митинг на незадоволството. Но, башка тоа. Дојдоа луѓе колку што дојдоа, се рече што се рече,  но зборот ми е за организацијата: чиста катастрофа, гледано од најобичен професионален организациски аспект; сценографија, светло, озвучување, графички материјали, организација на простор, распоред и квалитет на говорници, медиумско покривање..., сè чиста и обесхрабрувачка мизерија. А го прават луѓе кои зад себе имаат сериозен општествен набој во едрата, луѓе кои сакаат да ја преземат власта. Сака да преземе држава а не знае да организира митинг!? Ко круна на мизеријата, слушам пред некој ден дека еден од комедијантите пак се заканува со митинзи што ќе го затреселе целиот Балкан!? Ќе се затресе од смеење ли плачење, од што ли, над вас (над нас, за жал) јадните!?

Е, со тој поразителен факт секојдневно се среќаваме. Се топорат, се пуфкаат, вадат големи зборови, големи каузи, историски договори, фатални помирувања/скарувања, неверојатно тешки воопштувања за цели народи, нации, континенти... - а ваму празно, голо и босо. Почнавме да шлајфуваме на најелементарни работи: одржување хигиена и ред, редење бекатон плочки, усогласување на сијалични столбови (види го плоштадот: Пенов вака, Аларова онака), регулација на сообраќај, испорачување телефонски сметки, контрола на лекови и храна, одржување на болници, училишта, културни установи...

Со години слушам за некаков едношалтерски систем, за кон граѓаните отворено собрание, за достапен интернет, за демонополизација и децентрализација, за нов пензиски систем, за реформи во образованието и културата, за национална платежна картичка, за обиколница околу Скопје, за нова автобуска станица, за конечно отворен Камени мост... Мислев сè ќе се заврши до круцијалниот репер во времето, проклетата Олимпијадата, но не гледам баш... Дури и нашите браќа по мракот, драгите ни душмани Срби, не успеаја да го направат патот до Белград за кој копнежливо со децении чекаме барем да го прикрпат...

Важно имаме големи идеи; кој за голема Албанија (колку поголема толку помизерна, господ нека ù е на помош), кој за соборната македонска нација, тамам ко француската и американската... Слуша човек и не верува: двата најмизерни народи во Европа застанале на балван, над поприлично дивата река, и се јуначат меѓу себе... И стојат... И стојат. И стојат. И така живееме еве 15 години, сè демнејќи го клетиот Албанец кој, пак, е бетер со својата смисла за договарање, почитување на другиот, на неговите стравови и загрози, а богами е бетер (од инаку пословично дезориентираниот Македонец) и да го процени реалниот распоред на силите и најобичниот политички миг на Балканот и во Европа, во летото господово малкуцка безглаво залетано еве и во третиот милениум...

Повторувам: да зборуваш, на Балканот, во мигов, дека згодно би било да заличи на Швајцарија е исто толку лудо како да зборуваш за македонската нација составена од различни етноси. Сè, ако може, во еден потег! Сè заобиколно! Наместо макотрпно и секојдневно да се гради државност, доверба, лојалност, секој на својот проклет сантиметар од почвата, Албанецот сака пуста Македонија преку ноќ да стане Швајцарија, а Македонецот бара лојалност “на лепе очи”...

Да бидам малку посериозен; еве кои се најбитните обележја на националниот идентитет, според експертот за тоа прашање, Ентони Смит:

1. историска територија, односно татковина;

2. заеднички митови и историски сеќавања;

3. заедничка масовна, јавна култура;

4. заеднички законски права и должности на сите припадници на нацијата;

5. заедничка економија, со територијална мобилност на припадниците на нацијата.

Ете работа за ентузијастите кои ќе создаваат македонска нација! Ако денес, наместо млитаво и празно да ширите ветер и магла, ги засукате ракавите и ако направите, на пример, нешто ко Политикин забавник или добра фудбалска репрезентација, за едно 20 години ќе можете да ги видите првите скромни резултати кај денешните, да речеме, клинци-Албанци... А сето тоа за барем со еден молекул да придонесете за развивање на точката три од посочениот список за компонентите на националниот идентитет. Сакате побрзо? Е, нема побрзо! Тоа се историските процеси, не?! Освен ако не ви се вртат во глава идеи за преселби на народите, за ѕидови и логори.

А бидејќи немаме време да создаваме нација врз принципот на територијата (тоа не е ни практика во овој дел од Европа, каде што владее принципот на крвта, на генеологијата), можеби поумно би било да се свртиме - токму за да ги неутрализираме крупните анимозитети што произлегуваат од познатите нарцизми на малите разлики - кон клучните обрасци на европската култура: баштината на римското право, јудео-христијанската етика, ренесансниот хуманизам и индивидуализам, рационализмот и просветеноста и, над сè, кон традицијата на граѓанските права и демократијата. Според Ентони Смит, сето тоа го сочинува заедничкото европско културно наследство пројавено на различни места и во различно време, наследство кое меѓу европските народи треба да создаде “сентименти на афинитетот”. “Токму тука”, вели Смит, “мораме да ја бараме основата на еден културен паневропски национализам кој, парадоксално, може да нè одведе подалеку од нацијата.”

Ви се чини дека и јас почнав да прозвучувам лудо!? Затоа ќе

престанам. И' се враќам на проклетата Олимпијада.