68
КЛОКОТИ ЖАБУРНИКОТ
02.08.2004
Ако се обидеме во новиве запаливи политички игри да
ја разбереме крутоста на СДСМ, а особено на Бранко Црвенковски, ќе
мораме да се вратиме седум години назад. Ќе мораме да се потсетиме
на срамните тнр. ученичко-студентски демонстрации, кога се придвижи
огромна општествена и националистичка енергија која имаше многу
скромна цел: да не се дозволи употребата на албанскиот јазик на
Педагошката академија во Скопје. Само после седум години мотивот за
тие демонстрации делува сосема апсурдно. Но дотолку повеќе тие
протести не треба да се заборават, меѓу другото и затоа што се
можеби најголемиот политички пораз на Бранко Црвенковски и на СДСМ.
Не треба да се заборави дека тогашните протести акламативно беа
поддржувани од големи и преовладувачки делови на македонскиот
естаблишмент, особено образовниот, универзитетскиот. Малкумина
професори или асистенти, тогаш, имаа доблест да застанат на страната
на очигледното: демонстрациите беа анти-албански и националистички,
но пред сè беа глупави и деструктивни за мирот и стабилноста на
Република Македонија. Впрочем, идните настани многу јасно го покажаа
тоа, а оној што беше меѓу главните организатори на тие протести,
Љубчо Георгиевски, после само неколку години отиде дотаму да ја дели
земјава, и тоа пак со интелектуална поддршка од овојпат мала и
езотерична група луѓе меѓу другото поврзана и со МАНУ.
СДСМ тогаш одбра да биде на страната на подбуцнатиот
“народ”, така, и на страната на универзитетската елита, така?! - и
со тоа ја направи најголемата политичка глупост, и уште толку ги
забави реформските процеси во земјава, кои ионака се движеа на
полжавски тркалца.
Помнејќи го тоа, Бранко Црвенковски и СДСМ денес
реагираат круто и ултимативно, без разлика што паралелите меѓу
тогашните и сегашните протести не можат толку јасно и едноставно да
се повлечат. Сегашната крутост на Црвенковски спрема значајни
сегменти од напалениот македонски естаблишмент произлегува и од таму
што тој многу добро знае каде го одведоа српскиот народ неговите
културни елити распределени во Академијата, Црквата и во еден
значаен дел во медиумите. Го одведоа во неколку војни обележани со
порази, во бомбардирање и во целосно повеќедецениско уназадување на
целокупниот општествен живот.
Се разбира, не е само тоа причината за глувоста и
арогантноста на СДСМ. Атмосферата во која живееме, за жал, е
насилничка и грубијанска атмосфера полна со омрази, страсти,
нетрпение и изгубени нерви. Се игра грубо на сите нивоа, почнувајќи
од семејството, преку улицата, училиштето, чиновничките државни
канцеларии, медиумите, сè до визните одделенија на амбасадите на
“цивилизираните” западни земји: сегде понижувања, навреди, емотивно,
психолошко и дословно насилство. Таа атмосфера, за која власта
несомнено е главен виновник, дополнително ја запалија илјадниците
текстови и говори изминативе недели, неверојатно острастени и жолчни,
кои небаре повикуваат на линч на владата. Зошто? Затоа што постојат
забелешки во врска со новата територијална карта на Република
Македонија.
Звучи апсурдно? Да, но ние тука го кркаме стапот на
апсурдот, т.е. го кркаат сите оние што се обидуваат да го сочуваат
мирот и разумот и да не му се предадат на општото неконтролирано
насилство. А токму затоа што секојдневно го кркаме стапот, белки
сфативме: зборот знае да биде многу поболен од стапот; башка, патот
од запаливиот збор до насилното решавање на конфликтот е многу
краток. (Балканскиот крволок од Србија, кој не се воздржуваше од
ликвидации и по дома, и кој сега за среќа дреме во Хаг, вака го
подготвуваше народот за војна: “Ако не знамо да радимо, знамо да се
бијемо!”)
Уште еднаш, значи, голем придонес за сегашното
избезумување на народот даде македонската интелектуална елита,
илјада пати досега потврдена дека нејзините реформски потенцијали за
подлабоко менување на општеството (а пред сè на себе!) се помизерни
дури и од потенцијалите на главните политички партии. И наместо
интелектуалната елита радикално да ги пренасочи кон подобро работите
во општеството онаму каде што самата има големо влијание (културата,
образованието, невладиниот сектор...), таа се обидува врз
националистичка мобилизација, во една сè помала баруштина со сè
повеќе крокодили, да ја освои власта! И тоа не преку директна
политичка борба, на избори, туку преку крајно сомнителни здруженија
и движења кои со самиот стремеж да бидат соборни, т.е. капак и чадор
и за шуто и за рогато, само ја покажуваат суштинската немоќ на многу
пониски нивоа работите да се променат од корен.
Ако бивши министри, ректори, декани, моќни директори
и бизнисмени, мошне влијателни медиумски личност, претседатели на
најмоќните невладини организации во земјава, организирајќи се сè во
нови чадор-здруженија, ја одбегнуваат сопствената одговорност за
состојбата во земјава, тогаш врз која основа да бараме одговорност
од кого било!? Башка, големи делови од нашиот естаблишмент се речиси
паразитски, и тоа со децении; државата плаќала, мошне дарежливо и “социјалистички”,
школувања, усовршувања, докторати, стручна размена, илјадници
фиктивни работни места по институти, факултети, установи... За во
меѓувреме, истата таа привилегирана каста, како што се намалуваа
фондовите на државата, да се сврти кон некои други подоходовни
активности (а државната плата тече, нормално) пишувајќи проекти во
новоформираниот невладин сектор...
Општа травестија, со еден збор. Во политиката не
разликуваме лево од десно, не разликуваме реални национални и
државни интереси од ловење во матно, не знаеме што се стратешки
правци а што демагогија, крупни бизнисмени со политички амбиции
упорно формираат (со флоскули, општи места, без фантазија,
креативност и без консеквентни планови за акција) нови невладини
организации, конфликтот на интереси постои само надвор од нашиот
двор, моралот е претворен во јалово морализирање без лични примери,
и секој ја фура својата ситна агенда, речиси не обѕирајќи се на
другите...
Не е весело во жабурников. Сè помалку пари, а
апетитите се навикнати на големо. Живата кал влече. Има толку малку
места кон кои можеме да тргнеме. Ни се случува просто дарвиновска
борба, едни против други, меѓусебе, борба која државата не умее да
ја контролира. Кој ќе преживее, ќе раскажува. |