Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


67

ЕТНОС И ЛОГОС

19.07.2004


 

Да не се лажеме: ако сегашнава влада падне причината за тоа нема да биде новата територијална поделба туку неспособноста на владата во многу поширока смисла.

Авторитетот на Хари Костов, на пример, значајно беше нарушен уште додека беше министер за внатрешни работи; ниту еден покрупен криминалец не доби соодветна пресуда, а бројот на убиствата, грабежите и насилствата постојано растеше. Случајот “Љубе Бошковски” беше најголемата компромитација на Костов, не само затоа што Бошковски избега од земјава туку затоа што Костов се однесуваше исто толку несериозно и парадерски како озлогласениот министерски претходник: наместо да ја врши работата, Костов главно парадираше со глупавиот цинизам, несоодветните споредби и помпезните предлози за некакви си телевизиски преноси на апсењето. Луѓето (гласачите) брзо и лесно, со многу претходно искуство, ја примија пораката: двајцава први полицајци се исти, во парадерството, во цинизмот, во манипулациите, произволностите, несериозноста...

Последните рѓосани шајки во ковчегот кајшто блажено лежи авторитетот на Костов (во меѓувреме незаслужено и од немајкаде унапреден во премиер) ги зачукаа министерот Агрон Буџаку кој го признава само судот на партијата и бескрупулозните директори на Телекомот кои арогантно ги одбија патетичните пусулчиња на Костов (додуша, со честа на одговор не ги удостоија и лумпенпролетерските крикови на министерот за финансии, Никола Поповски, кој фрустрирано и без никаков план за акција цимолеше против лудачки високите директорски плати во Телекомот).

Се чини дека токму поскапувањето на телефонот беше онаа капка што ја прелеа чашата; народот сфати дека власта не само што не е народна власт туку дека дури не е ни власт; над неа се моќните директори на монополите, одредени видови странски капитал и Батлер, се разбира.

Во такви околности, бескрајно задоцнето, гонета од роковите кои илјада пати биле прекршени изминативе петнаесетина години, владата се истопори со предлозите за новата територијална поделба - и доживеа фијаско во јавноста, уште повеќе намалувајќи го авторитетот и приближувајќи ги вонредните избори.

Не се согласувам, значи, со констатацијата на претседателот Црвенковски, дека со предлогот за нова територијална поделба владата направила храбар чекор. Чекорот можеби е храбар само во однос на забеганите и анахроните националисти од типот на Блаже Ристовски. Можеби тие луѓе се искрени и романтични бранители на националната кауза, но нивниот однос кон нацијата доаѓа од 19 век. Се разбира, воопшто не треба да се потцени нивната моќ, но треба јасно да се каже дека тие луѓе во неколку наврати ја водеа државава во ќорсокаци. Мобилизирањето на националните енергии на Балканот многу често значеше само одложување или отфрлување на нужните општествени реформи. Заради таа глупост веќе изгубивме премногу скапоцено време за некој сега пак да си игра со националистичките чкорчиња (ако тоа го сфати дури и комформистичкиот и секогаш со мизерни реформски потенцијали СДСМ - тоа значи дека денес работата стварно ни е до коска!).

Од друга страна, се согласувам со една друга констатација на Црвенковски кој приближно рече: ние реално имаме етнички проблеми, реално сме етнички опседнати, така што е неизбежно и политичките одговори да имаат етнички супстрат. Уште една демонстрација на старата прагматична мудрост дека политиката е (само) вештина на можното, ни одржа мајсторот по политичка прагматика.

Само што ние мораме да излеземе од маѓепсаниот круг на “реалноста” во која нè затворија грабежливите партиски политичари, истите такви неспособни директори (способни да дрпаат само во монополска економска атмосфера) и паднатите од Марс странци кои брзо ги прифаќаат овдешните дубара-модели. Се затворивме самите, всушност, сè лелекајќи дека нема друг излез и дека судбината ни е скроена.

Како ќе се однесувавме во војна?! Во ропство?! Зарем Телекомот не нè принудува на модерно ропство, земајќи дваесетина проценти од платата на секој македонски граѓанин?! (Клетите Турци, ко што памтам од учебниците, земаа десеток!) И притоа тоа го прави на орвелијански начин: за овие неколку години сметките реално ни пораснаа најмалку пет-шест пати, а тие упорно нè убедуваат дека сметките всушност се пониски, дека “минутите ни се среќни” итн. Да, да, слободата е ропство, незнаењето е моќ, војната е мир, знаеме, сме читале, а башка: нам ли, одвратни накотени и наконтени шапшали со џипови, ни ги продавате комунистичките фори, ама во розикави капиталистички паковки?! 

Зборот е: зарем стварно не можеме да им пружиме отпор? Не можеме до толку да се организираме за да му се спротиставиме на ноторниот грабеж на една монополска телефонска компанија?! А притоа сакаме самите себеси да се организираме во држава?! (Која, пак, подразбира и спремност за војна во многу посериозна смисла, на многу повеќе фронтови! Со ова, се разбира, не привикувам војна туку потсетувам на Фуко или Карл Шмит, на пример, кои велат дека човечкиот поредок, на некој начин, постојано се воспоставува низ борба.)

Причина повеќе за тревога е што на политичкиот хоризонт се гледа огромно помрачување (токму Никола Поповски пред изборите 2002 година рече дека ова е последна шанса за СДСМ; а се чини дека последната политичка шанса веќе ја прокоцкаа Георгиевски, Тупурковски, Ѕинго, Трајанов, Марјановиќ, па и Никола Груевски кој им беше финансиски шеф на Даравелски, Михајловски, Арнаудов итн.); со помрачувањето на хоризонтот, значи, расте нашата граѓанска одговорност да се организираме и да ги сочуваме заедницата и државата.

Пред тоа, на Хари Костов, како што е ред, да му дадеме шанса барем до локалните избори да покаже дека не е само евтин парадер близок до полицијата, СДСМ и искомпромитираните македонски финансиски олигархии кои за 15 години владеење економски речиси ја растурија земјава. Уште барем неколку месеци Костов има шанса да се бори да го поврати сопствениот згазен авторитет (за жал, тоа едновремено е и авторитетот на државата), и пред сопствените министри и пред нааканите директоришта и пред мршојадските форми на капитализмот и, пред сè, се разбира, пред граѓаните. Да му ја дадеме таа шанса, но во меѓувреме да не губиме ни секунда во сопственото граѓанско организирање кое добро ќе дојде кога и ако децентрализацијата во земјава навистина (ќе) заживее.