Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


66

СПЛЕТОВИ И ХИЕРАРХИИ (2)

05.07.2004


 

Во овие чудни времиња чудни игри се играат и во рамките на црквата. Голем дел од тие игри се одвиваат зад затворени врати, во темните ниши прекриени со тешки, правливи и црвоточни драперии исткаени низ стотиците години црковни сплетки, интриги и афери во функција на бескрајната борба за (духовна и световна, државна и црковна) моќ и власт.

Ни ние не сме исклучени од таквите игри во православниот свет. Но, бидејќи не сум премногу упатен во сите финеси на црковните борби чиишто сме сведоци (а понекогаш и жртви) избирам еден сосема посебен агол за да ù пријдам на оваа важна и за нас во Македонија актуелна тема, надоврзувајќи се на сопствениот текст од минатиот пат; зборуваме, значи, уште еднаш, за сплетови и хиерархии.

Во православната црква постојат сериозни поделби. Не само  во рамките на самите држави (на пример, постојат десетина руски православни цркви, од кои некои се вон Русија), и не само меѓу одредени национални цркви (сеедно дали биле автокефални, автономни, признаени или не...), туку поделбите во православниот свет одат уште подалеку и подлабоко, во самите темели на толкувањето на православието. На пример, постои нескриен судир помеѓу најкрупните играчи на сцената; цариградскиот патријарх Вартоломеј, од една страна, и рускиот патријарх Алексеј. Од низа помесни цркви (особено снажно во Србија и Грција) Вартолемеј е обвинет дека сака да биде “сеправославен арбитар”, дека бара сите да му реферираат, односно дека сака да биде “православен папа”. Цариградскиот патријарх, пак, тврди дека само се обидува да го одржува духот на вистинското екуменско православие во кое не е дозволено, под сенката на етнофилетистичката автокефалност, постојано да се склучуваат, од ниски интереси, од желбата за повеќе световна моќ, прагматични и често непринципиелни сојузи со државните власти.

Спорот започна во француското гратче Шамбези 1994 година кога Вартоломеј, поради својот екуменизам, се здоби со многубројни симпатизери ширум Европа, но и им се замери на некои цркви, руската и српската, на пример. Има една интересна случка поврзана со потпишувањето на документот од Шамбези. Иако тој документ беше потпишан од владиците на СПЦ, Иринеј и Игнатиј, српскиот Синод подоцна им ги “одзема потписите”. Слично постапи и Синодот на МПЦ поништувајќи ја важноста на Нишкиот договор меѓу МПЦ и СПЦ.

Го спомнувам ова затоа што и во рамките на МПЦ се одвиваат тешки, перфидни и лицемерни борби за превласт. Во лицемерието и мракобесието, во ситните но многу опасни калуѓерски игри, предничат помладите свештеници околу Стефан Санџаковски (можеби подлабоко во мракот на сцената стои некој друг, но Санџаковски, со своите јавни настапи, е под светлото); постарите владици пред перфидниот налет се обидуваат да ја зачуваат затечената моќ,  иако некои од нив се сосема неподготвени за крупните предизвици на новите времиња во кои се случуваат големи историски поместувања (какви што се европските интеграции, кои имаат големо значење и за црковните прашања).

Зошто велам дека круговите околу Санџаковски се перфидни и лицемерни? Затоа што не е јасно дали тие се принципиелно против етнофилетизмот (што значи доследно против преовладувачките струи во руската, грчката, српската, па и македонската црква), или само сакаат да се доберат до власта, изигрувајќи бедни слуги на моќните (световно моќните, со пари и привилегии) српско-грчки православни кругови. (До каде оди слугинската функција на одбегнатите македонски калуѓери зборува и тоа што неодамна тројца од нив, без никаков повод и причина, се потпишаа под едно црковно послание на СПЦ, наменето на Караѓорѓе и на српското востание од пред 200 години.) А зошто велам дека круговите околу Санџаковски шират мракобесие? (Мракобесие е многу поточен и поживописен словенски израз за зборот од латинско потекло: опскурност.) Затоа што токму Вартолемеј вели: “Секоја војна во име на религијата е војна против религијата”.

Да се вратиме конечно на темата од минатиот пат: човечката заедница (па и целата природа и космосот) се организирани како сплетови и хиерархии; сплетовите се мрежни, јазлести поврзувања на различни елементи; хиерархиите се хомогенизирачки поврзувања на исти елементи. Сè се одвива низ напнатоста и турбуленциите помеѓу сплетовите и хиерархиите, кои сепак не се одвоени едни од други туку меѓусебно се зависни и произлегуваат едни од други.

Црковните судири во православниот свет меѓу другото се и рефлексија токму на таа напнатост меѓу сплетовите и хиерархиите, меѓу централистичките и децентралистичките тенденции, меѓу хомогеното и хетерогеното. И таа игра, таа борба никогаш не е фиксирана ниту завршена. Оној што божем се залага за пријателство меѓу православните цркви - како демагогот Стефан Санџаковски - всушност се бори за многу потесни интереси. И обратно: неколкумината постари македонски владици, анахрони и несоодветни по многу прашања, кои својата (т.е. нашата) црква ја втемелија врз етносот и државата (како, впрочем, и повеќето други православни цркви), всушност ја претставуваат подлабоката екуменска и слободарска суштина на целокупната религија. (Големиот верник и филозоф, Серен Кјеркегор, околу чија предсмртна постела се судрија протестантската и католичката црква, вака ја дефинира верата: “Смислата на верата најмногу лежи во нејзината слобода”.)

Се залагаме, значи, за слобода, за хетерогеност, за децентрализација, за повеќе сплетена отколку хиерархизирана Европа, па и на полето на религиите.

Мануел де Ланда вака завршува едно поглавје во својата необична книга Илјада години нелинеарна историја: “Наспроти фактот дека процесите на создавање сплетови денес интензивно се случуваат насекаде, хиерархиските структури имаат предност од два или три века, која може да биде пресудна, посебно денес кога процесите на хомогенизација станаа меѓународни. Но, и ако иднината им припадне на хиерархиите, тоа нема да се случи затоа што законот на капитализмот озгора го одредил исходот. Човечката историја е приказна за контингентноста а не за нужноста, за пропуштените шанси да се тргне по различни насоки на развој, а не за праволиниското движење во кое енергијата, материјата и информацијата се претвораат во производи на културата”.