Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


63

ОТВОРЕНИОТ ОГЛАС

24.05.2004


 

Еден од поубавите огласи што кога било сум ги прочитал гласи:

Се бараат луѓе за пат полн со опасности. Мали надници, лута зима, долги месеци на потполна темница и постојана опасност. Сигурното враќање е неизвесно. Слава и признание во случај на успех.

 Огласот е даден во весник 1900 година од страна на поларниот истражувач, Ернст Шаклтон.

Денешната тема, значи, не е вештината на огласувањето туку самиот поларен пејсаж во кој живееме, Република Македонија како некаква Тера Инкогнита, простор кој допрва треба да се истражува и освојува. Го велам ова согледувајќи ја атмосферата во која живееме и во која доминираат чувствата на обесмисленост, дефетизам, цинизам, кукавичлак... (“Сетете се на мракот и големата зима / во оваа долина на лелеците”, вели Брехт во Опера за три гроша).

Темата всушност ни е и малку подословна и попрозивачка; парафразирајќи го огласот на славниот поларен истражувач, ние всушност го бараме истото што го бара тој: се наоѓа ли некој јунак, во земјава, да гази по мракот и калта на нашава бедна современост, и да најде светлина, излез, ризикувајќи секакви неизвесности и опасности?!

Во политиката такви храбри и бескомпромисни луѓе - гракаме сите, и тоа е единствената работа во која речиси се согласуваме - нема. А на другите полиња од општествениот живот? Има некој да повлече? Да даде пример? Не е можно, просто, политиката да му ги скастрила крилата на секој талентиран, енергичен, компетентен, работлив човек во земјава!?

Кога веќе цитираме стихови, ќе ги спомнеме уште еднаш незаборавните стихови на Јејтс, од пред стотина години: “На најдобрите им недостасува убедување, додека најлошите се полни со страсна жестокост”.

Зборот за денес, значи - и не е прв пат изречен во оваа рубрика - е дека мораме мораме мораме не само да им се спротиставиме на најлошите туку и да најдеме храброст за своите убедувања; да се свртиме кон себе, кон своето најнепосредно приватно или деловно опкружување, и да почнеме да се менуваме, без непрекинато да лелекаме дека политичариве нè запустија.

Политичарите во Македонија, вистина, не се баш некое ниво, особено не европско ниво. Тоа посебно остро се гледа деновиве кога двете најголеми партии (додуша, едната со ѓубрето насред маса, а другата главно под тепих), кои доминантно го бојат целокупниот политички пејсаж, се обидуваат да се еманципираат и да влезат во полнолетство или зрелост полека ослободувајќи се од семоќните татковски фигури. Во тој (краток?) период на партиско безвластие, кога авторитетот се влече по улици и биртии барајќи укотвување, најдобро се гледа бедата на овдешната партиска политичка памет, нејзината несигурност, склоноста кон драматизирање, неспособноста конфликтите да се решаваат, просташтвото, алчноста, перфидноста и глупоста, во крајна линија.

Мој впечаток е дека партиската политичка (не)култура произлегува од општиот авторитарен општествен модел кој ја кочи земјава во речиси сите сфери на општественото живеење. Психолозите велат “личност со слаб внатрешен локус на контрола”. Тоа е онаа ситуација во која граѓаните главно се поданици; однадвор се креира нивниот суд за тоа што чини а што не - тие имаат “надворешен локус на контрола”, т.е. немаат доволно автономно мислење, немаат вештини и сила да се спротистават на авторитарното или на преовладувачкото.

Но, земјава не ја уназадуваат само застоените културни матрици и комфорните фрази за овдешниот “ориентален табиет” кој тешко се менува; токму оние што за сите можни прашања ги шират стереотипите и клишеата всушност го цементираат постоечкиот неуспешен поредок, и себеси, како јадни фараони, во него. Зборувам, не прв пат, за македонскиот естаблишмент кој е сведен на тажникава мимикрија на распаднатите или непостоечките граѓански слоеви. Функцијата на тие сурогати (многубројната македонска “интелигенција” распослана по полураспаднатите институции), како што вели Бенјамин, гледано политички, е да создаваат не партии туку тајфи; гледано книжевно - тие не создаваат школи туку трендови; гледано економски, немаме произведувачи туку клиенти. “Клиенти, агенти, рутинери, кои својата беда ја обесија врз сите ѕвона и бучно ја прославуваат зјапнатата празнина. Тешко е поудобно да се суреди животот во една прилично неудобна ситуација” - го резимира Валтер Бенјамин својот славен есеј (објавен 1931 година) против “левата меланхолија”.

Да бидам уште поконкретен; со оглед дека критикава се соопштува во весник, да тргнеме оттука (на некој начин, од себе): квалитетот на македонското новинарство многу често е под нивото на ниската македонска политика. Подаништво, корумпираност, инструментализираност, пристрасност, површност, непочитување на професионални стандарди, неетичност, шовинизам, сексизам, примитивизам, глупост... - се карактеристики заеднички и за политиката и за новинарството во Македонија. Зарем една редакција не е влада во мало? Главниот уредник е премиер, постојат сектори за внатрешни, за надворешни, за финансии, за култура, економија, спорт... Имаме ли некоја добра влада на тоа поле, или барем врвни “министри/уредници” кои во прв ред би го береле сопственото професионално гајле, создавајќи од својата “влада” неприкосновена институција?!

Новинарството кое се темели на компетентност, умереност и објективност (чест на малубројните исклучоци) речиси е избркано од нашиот медиумски простор. Дали некој ги учи нашите новинари дека слободата на изразувањето е право, но и обврска; или дека нивна должност е, кога го изразуваат своето мислење, да го имаат предвид и општиот интерес?! Не велам дека секој новинарски прилог треба да внимава на поширокиот контекст (затоа што тоа би нè одвело во едно прекумерно претпазливо, бескрвно и парализирачко новинарство), но загрижува општата некултура не само на повеќето наши новинари и медиумски личности туку и на оние што го креираат јавното мислење; резонанциите од една вест или една одлука, на пример, можат да бидат прилично комплексни - а новинарот (како впрочем и политичарот) треба, ако ништо друго, барем да ја негува свеста дека одредени резонанци, одредени звукови, одгласи и еха можат да ја чуваат (од)браната на општеството, но можат и да ја распукаат.

Во секој случај, горниот оглас за акција е отворен, постојано. Со мала корекција: славата и признанието во случај на успех баш и не се загарантирани.