64
LA LOTTA CONTINUA
07.06.2004
Новиот премиер,
Хари Костов, не ветува многу, и во двата смисла на изразот: од една
страна, тој не дава лажни надежи, но од друга, не влева претерана
доверба заради покажаните суетност, површност и фриволност,
шегувајќи се кога не треба, прелесно отворајќи фронтови и преземајќи
сериозни одговорности без претходна подготовка. Начинот на кој
излезе пред парламентот ја открива најсериозната болест на нашето
општество: моќта која произлегува од позициите, а не од трудот или
од умот. Без програма, без јасно зацртани цели, без временски рамки,
динамика, индикатори за успех или неуспех веќе ни мала невладина
организација не може да добие проект од 5.000 долари. Од премиер на
влада која располага со една милијарда евра годишен буџет и која
носи стратешки одлуки од кои зависат животите на два милиони луѓе во
најмала рака се очекува посериозно експозе и поделикатен настап во
јавноста.
За опозицијата,
пак, не вреди да се трошат зборови: беда и мизерија. Борејќи се за
превласт во партијата Груевски цело време во однос на власта има
сосема погрешна тактика: лошо се постави при загинувањето на
претседателот Трајковски, многу лошо ја постави кампањата на Кедев и
цело време го користи опозицискиот вокабулар на фрустрираниот
постадолесцент од почетокот на деведесеттите, Љубчо Георгиевски: те
тоталитаризам те апсолутизам те диктатура, во земја во која државата
речиси не функционира, освен во приватни цели - јасно дека е сосема
промашена опозициска реторика.
Се разбира,
другиот дел од ВМРО-ДПМНЕ, околу бившиот премиер, е бетер, хорор
варијанта за Македонија. А да биде сликата комплетна има и
комедијанти под уметничко име Третиот пат.
Затоа да
преминеме на посериозни работи.
***
Критикувајќи ја
психоанализата, Жил Делез на едно место вели дека никој всушност не
знае во кој точно момент психоанализата, слично како Руската
револуција, отишла по ѓаволите. Делез, еден од највозвишените и
најхерметичните критичари на капитализмот (меѓу другото) напиша
неколку книги на таа тема, обидувајќи се да ја лоцира промашеноста
на психоанализата во погрешно поставениот концепт за Едиповиот
комплекс.
Ние, во земјава,
опасно разнишани од транзициските шокови и, така лабилни (во
моментите на ретка искреност), препознавајќи се низ целата палета на
психопатолошки симптоми, исто така немаме шанси да го уловиме
центарот на траумата, патогената точка од кога работите во државава
неумоливо почнаа да се струполуваат надолу и надолу, без сопирање,
речиси како во слободен пад.
Кој е, значи,
најмногу виновен за нашата општествена хаварија? Политичката елита
која неискрено и несигурно тргна во осамостојување на земјата?
Лошото опкружување и неповолниот историски миг? Првата влада на
Кљусев? Инертниот и неинвентивниот Киро Глигоров? Медиокритетскиот
СДСМ кој покажа дека едноставно не поседува волја, сила и капацитети
за посериозни реформи? Примитивната и недораснатата за водење држава
ВМРО-ДПМНЕ, која власта ја сфати како личен пашалак и компензација
за фрустрираноста и нереализираноста? Ситните и анахрони демагози од
типот на Тупурковски, Андов, Ѕинго и низата ним слични крлежи кои
секогаш наоѓаа начин одговорноста да ја преселат некаде другде?
Племенската свест на значаен дел од албанското малцинство?
Академскиот естаблишмент кој произведе дузини некомпетентни
министри? Неразвиената, манипулирана и инструментализирана јавност?
Економскиот менаџмент во кој и понатаму главни се прематарите,
муваторите, апсолутно малигните монополисти од типот на
Македонски телекомуникации и ним сличните, во мало, банди, тајфи
и дружини организирани по мафијашки принципи? Корумпираниот јавен
сектор? Судскиот систем? Образованието? Општата запуштеност и
ниското културно ниво? Америка и ЕУ заедно? Менталитетот, табиетот,
судбината... тие ни се виновни за она што нè снајде???
Се разбира,
еднозначни одговори на тешкото прашање - нема. Но, потрагата по тие
одговори е важна, и покрај тоа што меѓу луѓето преовладува
песимистичното чувство дека е бесполезно трагањето по било што освен
по сопствениот соголен интерес.
Се чини дека
живееме, не само овде кај нас, во еден плошен свет во кој речиси е
невозможно да се согледаат некакви хоризонти на смислата, особено на
општествената смисла.
Не зборувам од
спротивната страна (на плошноста, на тапиот хоризонт, бидејќи
просторот ни е заеднички), ниту на раширениот песимизам ја
спротиставувам позицијата на наивен оптимист или идеалист. Но, ако
добрата судбина не може да биде загарантирана, тогаш ни пропаѓањето
не мора да биде неизбежно. Тоа е проста логика.
Во слободните
човечки општества, како што вели Чарлс Тејлор, постојана е борбата
меѓу вишите и нижите форми на слобода: “Со општествена акција,
политички промени и со придобивање на срцата и умовите на луѓето
подобрите форми на слободата би можеле да освојуваат нови територии,
барем привремено. Во одредена смисла, вистински слободното општество
како сопствен опис би можело да го прифати слоганот кој во една
сосема поинаква смисла го користеа револуционерните движења какви
што беа Црвените бригади: ла лотта цонтинуа,
борбата продолжува - засекогаш, би можело да се каже.”
Перспективата што ја
предлагам, значи, не е фарбање на хоризонтот и создавање потемкинови
села за птичјиот (или жабји) поглед на веселите ескаписти/оптимисти
во потрага по инстант просветленија и нови гаџети, туку е обид да се
критикуваат културниот песимизам, самобендисаниот цинизам,
самосожалувањето и дефетизмот кои богами се во налет, насекаде.
Аналогија со која може да се опише нашето доба, според Тејлор,
сигурно не е пропаста на Римското царство, каде што декаденцијата и
падот во хедонизам ја укинаа способноста да се одржи политичката
цивилизација.
Заедно со
Тејлор, ќе резимирам: “Би сакал да останам подалеку од двете
позиции, не толку на средината на теренот колку на еден сосема нов
терен. Предлагам во оваа работа да не трагаме по Трендот, било на
качувањето било на пропаѓањето, туку да се ослободиме од искушението
да трагаме по иреверзибилни трендови и да сфатиме дека овде штотуку
се случува битка и дека нејзиниот иход сè уште е неизвесен.”
|