62
ОГЛЕДАЛОТО НА ШТИТОТ
10.05.2004
Постои еден многу
интересен старогрчки мит за Персеј и Медуза кој имплицира дека
луѓето не можат отворено, лице в лице, да се соочат со злосторствата:
директниот однос би довел до речиси неподнослива одговорност, до
таков шок кој човека би го скаменил на лице место. Со злосторствата,
значи, можно е да се соочиме само посредно, со помош на штитот кој
рефлектира, т.е. само во огледало.
Можеби затоа е
измислено правото, за да се избегне одмазничкиот принцип “заб за заб”
и да се воспостави една посредна, “огледалска”, инстанца на правдата?!
Во секој случај,
човекот мора, па макар и во име на сопственото преживување како род,
да се соочува со злосторствата; а соочувањето, во една поинаква
метафоричка смисла, можеби токму и почнува од себе, во огледалото?
Допирајќи до
мрачните страни на сопствената слика за себе ние всушност ја
надминуваме културата на молчењето. А таа култура на молчењето не е
култура на заборавот, туку, во крајна линија, таа е култура на
политичка афирмација на лошото минато. Затоа треба да зборуваме,
особено за сопственото лошо минато.
Од тие причини
сметам дека покренувањето кривично обвинение против бившиот министер
за внатрешни работи, Љубе Бошковски, е еден од најзначајните
политички настани во поновата историја на нашата држава. Ќе се
обидам дополнително да објаснам зошто мислам така, инсистирајќи
токму на политичката димензија на овој случај кој многумина, од
вакви и онакви причини, се обидуваат да го дезинфицираат,
сведувајќи го исклучиво на неговата правна или криминална рамка.
Во таа насока,
недвосмислено треба да се каже дека политичката одлука на сегашната
влада, кривично да се гони бившиот министер за полиција, е еден од
најрешителните и најпринципиелните потези на која било политичка
гарнитура во Македонија. Тврдејќи го тоа, се трудам, сепак, да не
идеализирам. Државите, поточно моќните поединци кои се
поистоветуваат со државата, прават валкани работи. Моќните државни
луѓе речиси по правило се обидуваат да ги заташкаат валканите работи
од сопствениот двор. Многумина луѓе дури мислат дека во име на
државата сè е дозволено - манипулирање, лажење, убивање. Многумина
луѓе одат на уште поситно: дозволено е да се манипулира и лаже во
име на партијата или за личен ќар.
Покренувањето
кривична пријава против бивш висок функционер, значи, е јак сигнал
дека некои работи едноставно не се дозволени.
Воспоставувањето на
правдата всушност ја воспоставува заедницата - затоа мислам дека е
голема важноста на принципиелното инсистирање на правда, дури и кога
тоа носи краткорочни загуби, дури и кога е непопуларно или осамено.
Во случајов,
ми се чини дека нашата влада, како ретко кога, одигра некалкулантски,
ризикувајќи можни поделби и штети, во име на правдата и заедницата.
Ми се чини дека тој чин, бидејќи деновиве е проследен со уште
неколку решителни политички чекори, мора да се поздрави.
Дотолку повеќе
мораме да ја поздравиме одлучноста на оваа влада затоа што за многу
посериозни прекршувања на правдата и на човештината многубројни
влади никогаш не собрале доволно политичка храброст да се соочат со
сопствените петна или со петната од непосредното минато. Најблизок и
највидлив ни е примерот со српските власти. Цели 15 години речиси
целата општествена машинерија (политиката, судството, стопанството,
медиумите...) е заложник на една криминализирана класа луѓе
произлезена и опасно нагоена од војните што Србија кобајаги не ги
водеше. Наместо политиката (ако не за друго, заради сопствениот
опстанок!) да ги поткастри крилата на криминалната квази-патриотска
структура, таа дозволи такво размавтување на нарко дилерите на
српството што на крајот самата политика речиси стана инструмент на
бескрупулозниот полусвет очеличен во војните и убиствата божем
направени во име на високите национални каузи; а всушност, и тоа
треба постојано да се согледува, грабежите и злосторствата беа
направени за личен ќар, со варварска суровост и во тотално
помрачување на разумот и етиката.
Војната од 2001
година можеше да нè однесе во таквото српско сценарио, кога реалната
власт (која всушност значи беззаконие, т.е. владеење на физички
посилниот) ја преземаат парамилитарните и параполициските структури.
Со помош на странците и претседателот Борис Трајковски таквата
опасност тогаш некако ја избегнавме, потпишувајќи го Охридскиот
договор.
Но, токму заради
страшните примери на несоочување со одговорноста за темните места во
сопственото минато, многу е важно критички да го преиспитуваме
минатото и да ја индивидуализираме одговорноста. Откривањето и
јавното претставување на вистината за неделата од непосредното
минато се неопходни и за да се создадат елементарните демократски
вредности. Според Ненад Димитриевиќ,
соочувањето со минатото придонесува кон 1) моралното, политичкото и
правното достанцирање од злосторите на претходниот режим; 2)
воспоставувањето и стабилизирањето на новиот демократски легитимитет;
3) воспоставувањето на основите за цивилна нормалност и за праведно
општество по периодот на варваризмот.
За крај, уште еднаш
ќе се вратиме на почетокот. Обвинувањето против бившиот министер за
полиција има јака политичка димензија која на чистина може да го
извади и бившиот премиер, кој морал да знае за драстичната полициска
акција во која беа убиени седум луѓе. Од тоа не може да се избега и
ризикот од политизација на ваквите случаи е голем и реален. А сепак,
наша обврска, и како слободни граѓани и како политички субјекти е да
знаеме да го издвоиме политичкиот статус на официјалната вистина од
нејзиното сведување на парцијални политички цели. Во таа смисла,
темелниот и луцидниот Ненад Димитриевиќ нуди две насоки; сознанијата
за тоа што се случило треба да бидат презентирани така што 1)
недвосмислено покажуваат дека претходниот период бил обележан со
кршење на универзалните права на живот, слобода, еднаквост,
достоинство и различност; 2) ја афирмираат верноста на новото
општество кон овие универзални вредности.
Ете, барем два
ориентири кои ќе ни помогнат работите да не ги сведуваме исклучиво
на валканата политичка борба во која сите удари се дозволени,
доколку носат политичка полза. Сите удари не се дозволени. Никому. |