61
ЗА СМИСЛАТА НА ПОЛИТИКАТА
26.04.2004
Се разбира, немам
дилеми дека во среда треба си го избереме претседателот. Се
придружувам кон апелите на повеќето разумни луѓе во земјава кои
деновиве постојано повикуваат да излеземе на Избори и да не
дозволиме криза на политичкиот систем, во ситуација кога веќе целото
општество, на некој начин, е во криза.
Но, вистинските
теми, не само заради кризата, нас допрва нè чекаат, веднаш тука зад
аголот, и во таа смисла имаат право и оние кои велат дека сегашниот
политички тест е само увод во цела низа политички искушенија кои
допрва претстојат. Меѓу другото и затоа, како важен ориентир во
однос на претстојните случувања, е голема важноста на
претседателскиве избори.
Една од тие важни (и
глобални) теми е самата смисла на политиката во ерата на
глобализацијата. На некој малку извртен начин и ние ги чувствуваме
истите глобализациски тензии кои го проткајуваат целиот свет. Се
добива впечаток дека политиката полека се претвора исклучиво во
економска политика, т.е. дека едноставно исчезнува. (Позната е
изјавата од пред неколку години на претседателот на Фолкцваген:
“Политиката сега е само маневарско поле ограничено од економијата, а
економијата сè повеќе е притеснета од берзата”.)
Приклонувам, сепак,
кон едно поинакво сфаќање на глобализацијата, при што политиката не
исчезнува туку, напротив, отвора сосема нови полиња за дејствување;
меѓу другото, политиката радикално се преобразува и за да се
подготви за ерата на постнационалното, со оглед на тоа дека нацијата
во многу делови од светот, а особено во Европа, се чини дека не е
најсоодветниот хоризонт за политичката заедница.
Тоа редефинирање на
принципите за заедништво е нашето најголемо политичко искушение, но,
повторувам, дотолку потешко затоа што самата политика на некој начин
е делегитимизирана и дезориентирана, не само кај нас.
Зошто мислиме дека
учествуваме во голем историско-општествен политички пресврт, особено
кога зборуваме за крајот на ерата на националните држави? Затоа што,
на пример, националната институција (или институцијата на
националното) задира во сржта на изградбата на човечката природа.
Националната институција стана главниот елемент на припадноста, но
денес ни се потребни нови форми на цивилноста, т.е. нови односи
помеѓу различните форми на припадност: семејството, класата, родот,
етносот, нацијата, политичките заедници... Сите ние припаѓаме на
“судбинските заедници” (цоммунитиес оф фате) од различни нивоа, вели
Ерјен Балибар, т.е. на стварните заедници во кои се сретнуваат групи
што не “избрале” да живеат заедно, но сепак не можат да го укинат
својот однос на меѓузависност. „Неизбежната алтернатива за таквите
заедници (то ест, за нас) е да воспостават взаемен политички однос
или пак да се впуштат во спиралата на меѓусебното уништување и
автодеструкцијата”, вели Балибар.
Се разбира, преминот
од националната ера во евентуалната постнационална (можеби
космополитска) е деликатен и кршлив на илјадници места. Во
историјата има малку примери за снажна институционална креација,
при што новите установи создаваат нови односи; според Балибар,
можеби може да се земе предвид преминувањето на државите-градови во
царства и на царствата во нации, иако тие премини никогаш не се
целосни ни дефинитивни...
Бавноста и
несигурноста на настанувањето на еден од најголемите симболи на
новото постнационално доба, Европската Унија, е најдобар пример дека
не постојат инстант рецепти за големи политички промени. Всушност,
ние самите најдобро знаеме како е да си заглавен меѓу световите,
меѓу исток и запад, меѓу пазарот и социјализмот, меѓу здивеаниот
индивидуализам и лажниот колективизам, во мракот на балканскиот
тунел со изгаснати светла кој по ново се нарекува транзиција (тој
тунел на безумието Крлежа го нарекуваше крчма).
Впрочем, еве што за
европското обединување вели еден од најзначајните современи
филозофи, Етјен Балибар:
„Она што треба да
се разбере со оглед на една особена историја, која штотуку се раѓа
или, подобро, се препородува врз основа на сопственото мошне сложено
и конфликтно минато, е токму фактот дека Европа - ако воопшто постои
- нема да биде репродукција, во зголемени размери, на
територијалната и општествената целина која ја воспостави
државата-нација.”
Можеби е чудно, но
имам впечаток дека често вжештените и релативно неартикулирани борби
кај нас, меѓу „државниците” и „националистите”, меѓу „апстинентите”
и „државотворно освестените”, меѓу „обединувачите” и „сепаратистите”
итн. (сите тие борби деновиве се засилија низ пропагандните кампањи)
- дека сите тие жолчни, длабоки и понекогаш застрашувачки судири
всушност се рефлексија на исти такви судири и спротиставувања, и во
рамките на ЕУ и глобално. Што не значи, се разбира, дека нашите
судири немаат автентични и длабоки локални корени, туку само значи
дека и нашата игра - колку и на моменти да изгледа очајна и валкана
- е само дел од поголемата игра. Тоа може да обесхрабри, но тоа
сепак повеќе треба да нè поттикне да исчекориме од својата ниска
самодоверба, од провинцијалноста и неодговорноста на кои постојано
се вадиме, сè обвинувајќи ги другите за сопствената мизерија.
Еднаш во рубрикава
веќе бев напишал, повикувајќи се на Хана Арент, дека она што нам ни
е потребно е политизацијата, придвижувањето на оние кои сега се
потчинети, повлечени, или немаат одговорност, спрема нивните
сопствени можности, потреби и одговорности. На некој начин, „треба
одново да се воспоставиме себеси: да ги реорганизираме институциите,
да го преобликуваме карактерот, да ја предизвикаме борбата на идеи”.
А што се однесува до
претседателската трка, за тоа каков политичар нам всушност ни треба,
уште еднаш ќе го цитирам стариот Макс Вебер:
„Демократијата од
луѓето на власт бара многу повеќе од кој било друг поредок во
историјата; за да се биде достоен за политиката едновремено треба да
се биде цар и пролетер, модерен херој”.
Дали во среда ќе го
добиеме нашиот (пост)модерен херој, оној што ќе треба да нè здружува
и симболизира, оној што впрочем ќе ја симболизира и новата ера во
која, сакале-нејќеле, влегуваме - ќе видиме за само два дена. |