Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


60

НЕМА ВРАЌАЊЕ НАЗАД

13.04.2004
 

 

Повторно и повторно се убедуваме дека ова големо чекање не е попусто, дека во себе содржи некоја скриена смисла и некаде воспоставува некаква, за нас корисна, рамнотежа. Или е така или правиме кобна грешка.

Горан Стефановски,
Конзервирани импресии

 

Овој запис на Горан Стефановски, запишан 1980 година, како да ја опишува психолошката состојба на целокупното македонско општество, во еден подолг период. Но, ги избрав тие зборови затоа што нивната снага посебно е видлива во моментите кога се наоѓаме пред непосредно избирање: некаква рамнотежа или кобна грешка?!

На чуден, понекогаш перверзен, начин слична на уметноста, политиката отсекогаш претставувала борба за толкување на реалноста. Ни нашите претседателски избори не се исклучок, колку и нам да ни изгледаат скудни херменевтичките, уметничките или пошироките филозофски, социолошки или историско-политички знаења на нашите политичари. Но, исто како и уметноста, и политиката има едно зрнце на ирационалност, нешто што не може да се научи, што е продукт на инстинктот, талентот или снаоѓањето во вонредни околности...

Ние, значи, на избори судиме за нивните знаења, инстинкти и таленти, но пред сè за нивната способност да ја исчитаат стварноста колку што е можно поверодостојно.

За таа цел некогаш реалноста се толкувала преку ѕвездите, преку летот на птиците, во утробите на животните...

Освен вештината на колку што е можно повеќе реалното согледување на настаните, меѓу најврвните политички вештини отсекогаш спаѓала и антиципацијата на настаните; владетелите не жалеле средства за да ги обезбедат најдобрите пророци, гатачи, хироманти, астролози, аруспици...

Така е и денес, се разбира. Избирајќи помеѓу понудените политички кандидати, ние, слободните граѓани, всушност ја проценуваме автентичноста на нивната слика на реалноста и нивната проценка за нашата помалку или повеќе заедничка иднина.

Но, интересно е, важно е да се напомене дека реалноста никогаш не е еднозначна и фиксирана. Реалноста е во постојано менување, а тие промени, како што се зголемуваат факторите на влијанија, можат да бидат и радикални. Што дополнително ја усложнува нашата обврска разумно и одговорно, па и во име на генерациите што доаѓаат, да решаваме за политичките понуди.

Го кажувам ова општо место за да отворам простор за следново: Република Македонија, од 1991 година, а особено нагласено последниве години, од потпишувањето на Охридскиот договор, го редефинира својот статус, своето самопретставување. Оваа промена во самопретставувањето на државата (која се одвива низ напуштањето на политиката на националната хомогеност, која се покажа незгодна и на поширок план) изискува промена на националната визија и редефинирање на повеќето политички институции, но и на целиот културен, образовен и медиумски систем; целта на образованието, на пример, веќе не може да биде втопувањето на сите граѓани во една хомогена јавност, туку наоѓањето начини за усогласување на поединците кои отворено ги изразуваат своите разлики, етнички, културни, класни, родови, сексуални...

Но, до една еманципирана и хетерогена јавност не се доаѓа туку-така, дури ни во земјите со вековна демократска традиција. Политичката теоретичарка, И. Јанг, на пример, остро ја критикува политиката базирана на интересовни групи - што е некаков преовладувачки политичко-општествен модел во Македонија. Имено, системот што правото на претставување им го дава на различни национални и етнички групи може да доведе до понатамошни угнетувања, затоа што посилните групи би можеле да ги злоупотребуваат послабите, а овие пак би можеле да ја искористат својата позиција за да ги угнетуваат оние кои се послаби од нив самите. Македонците, да речеме, ги угнетуваат Албанците, Албанците ги малтретираат Ромите, комунистите се сотрени од либерал капиталистите, вегетаријанците од месождерите исто како непушачите од пушачите... Секое интересовно мнозинство, со еден збор, може да ги загрози вредностите на малцинството. Јанг тврди дека таквата политика го загрозува развојот на јавната дискусија и на одлучувањето, затоа што ниедна група не чувствува потреба да ги разгледа интересите на другите, “освен стратешките, како можни сојузници или противници во борба за остварување на сопствените интереси. Правилата за плурализам на интересовните групи не изискуваат интересите да се претстават како исправни или како компатибилни со социјалната правда.”

Наспроти ова, според Јанг, постои хетерогената јавност каде што “учесниците заедно расправаат за тековниот проблем, и каде што се очекува да донесат одлука која ќе биде праведна или барем праведна колку што тоа е можно”. Идеално гледано, според Јанг, “сложната коалиција го афирмира присуството и ги поддржува барањата на сите угнетени групи или политички движења кои ја сочинуваат, и таа до политичка програма не стига истакнувајќи некој ‘принцип на единство’ кој ги крие разликите туку овозможувајќи му на секој чинител да ги анализира економските и општествените проблеми од перспектива заснована врз сопственото искуство”.

Во секој случај, она што сакам да го истакнам е фактот дека Македонија неумоливо и неповратно се наоѓа на патот на радикално менување не само на сопствениот систем туку и на сликата за себе, што можеби е уште поважно. Ќе завршам со мошне значајните зборови на Бернард Вилијамс, преземени од книгата која ми беше патоказ за текстов, Либералниот национализам од Јоел Тамир:

“Нема враќање на периодот пред рефлексивноста. Овој феномен на самосвеста, заедно со институциите и процесите кои го помагаат, ја конституира причината поради која изминатите облици на живот на претставуваат реална опција за сегашноста, и поради која обидите за враќање назад често произведуваат резултати кои во помала мерка се смешни а во поголема мерка грозни.”