Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


59

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ КАКО ЕМАНЦИПАТОР

29.03.2004
 

 

Трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски промени или допрва ќе промени многу нешта во општествениот и особено политичкиот живот во Македонија. Тие промени можеби не се директно формални и пресвртнички, но се тивки и длабоки во насоките што целаат кон емотивните и психолошките страни на општеството и политиката.

Луѓето често, и без да се свесни, робуваат на своите инерции. Така и земјава, исплашена и сардисана од сите страни, им робува на добро познатите политички шеми и на добро изгазените патеки преку кои се дистрибуира општествената моќ. Би сакал да верувам дека смртта на нетипичниот македонски претседател ќе придонесе похрабро да погледнеме околу себе и конечно да почнеме да ги одзатнуваме подзапушените канали на нашиот општествен систем кој подолго време е зрел за генерален ремонт. И тука не мислам толку на (важните и неопходни) законски и институционални промени колку токму на себесогледувањето на луѓето, согледувањето на свеста дека перспективните општества се натпреварувачки општества, со пропустливи и релативно широки канали низ кои се разлеваат влијанијата и одлуките.

Во таа насока примерот на Борис Трајковски е важен и поучен. Трајковски отвори сосема нови полиња за читање на политичкото; тој не само што влијаеше да се променат парадигмите на локалната македонска политика туку, би рекол, влијаеше и на проширувањето на сферата на политичкото, она што всушност е една од најважните општествени задачи на патот кон прифаќањето на високите принципи на европското обединување.

На пример, за нас е важно да знаеме дека општественото (кое во себе го содржи политичкото) не е само надворешен притисок врз индивидуата која се стреми да биде автономна, туку е и внатрешна баријера на автономијата; тоа е “инвазивно” колку што е и “первазивно” (проникнувачко), како што вели Марк Рајнхарт.

Значи, тие прашања, за односот меѓу индивидуалното и јавното, за автономијата и одговорноста на поединецот, за домените и сферите на политичкото, кај нас ретко кој ги отвора, а дури и Трајковски повеќе спонтано и несвесно придонесуваше за еманципацијата и релаксацијата на политичкото отколку што имаше јасна интелектуална агенда. Можеби затоа и беше подлабок и можеби затоа допрва ќе треба да ги откриваме последиците од упадот на еден запрепастувачки позитивен политички маргиналец во највисоките сфери на беспоштедната и често вулгарна и мрачна македонска политичка борба.

Затоа мислам дека по Трајковски работите во политиката нема да бидат исти. Веќе излегувањето на Црвенковски на претседателски избори е уште еден пресвртен чин во македонската политика. Тој чин може да се сфати и како своевидно демисионирање на Црвенковски од реалната моќ (која е сосредоточена кај премиерот), но и негово насетување на важноста на симболичката моќ, на моќта која обединува и назначува подолгорочни насоки - што е функција на претседателот.

Од друга страна, и покрај тоа што ги уважувам спротивните мислења, мислам дека кандидирањето на Црвенковски е храбар потег, и негов лично и на СДСМ. Можеби тоа е резултат на созревањето на раководните луѓе во таа партија, но сигурно е дека моментот за едно посериозно преиспитување на поставеноста на таа партија, и однатре и однадвор, и идеолошки и практично, исто така драматично се наметна со загинувањето на Борис Трајковски и со соочувањето со неговото скапоцено човечко и политичко наследство.

Тоа е уште еден од парадоксите на македонската политика: соочувањето со наследството на Трајковски многу повеќе длабински (ќе) влијае на СДСМ отколку на ВМРО ДПМНЕ, од каде што Трајковски дојде. Тоа може да биде нова фатална предност за СДСМ, созревањето и согледувањето дека политиката секогаш е малку повеќе од политика и дека силата на некои пресудни политички нешта често е сосема невидлива и непредвидлива.

Ми се чини дека ВМРО ДПМНЕ во кампањата за претседател влегува со едно сфаќање на политиката како адвертајзинг, како вештина на односи со јавноста - помпезно, егзибиционистички и површно. Се разбира дека и во западните земји на луѓето им се преку нос вештачките политичари создадени во адвертајзинг лабораториите, но кај нас тие експерименти добиваат и гротескна димензија со оглед на тоа дека општеството реално не е подготвено (ниту тоа му е потребно) да ја сведе политиката на циркус и на постојана борба во затворен круг на моќта, без да се имаат какви било подлабоки одговорности, ориентири, принципи и визии.

Во секој случај, нам ни претстои - особено во образованието, културата, медиумите - постојано усовршување на клучните демократски знаења. Едно од нив е, на пример, дека одговорноста за светот секогаш стои во средиштето на политиката, како што вели Хана Арент.
Треба да учиме и дека главната карактерна црта на слободниот граѓанин, според Арент, е храброста - не исклучителниот хероизам на Ахил или дури дрската неустрашивост на некои од нашите партизани, туку просто секојдневната спремност да се напушти “приватното засолниште” и да се говори и дејствува во јавноста, да се раскрива и изложува сопственото мислење. “Храброста е политичка доблест од највисок ред, но тоа не е онаа храброст која стои наспроти кукавичлакот туку повеќе онаа која стои наспроти стравот од неизвесното.”

Таа храброст, која треба да почнеме да ја негуваме од најмали нозе (а особено во училишните клупи), има повеќе врска со самодовербата отколку со ароганцијата, исто онака како што, според Хана Питкин, стварното уважување на стојалиштата на другите луѓе не треба да биде помешано со конформизмот.

Исто така, нааканоста и бескрупулозноста кај нас би требало конечно да излезат од мода, иако сè уште феноменално се држат. Таков ни е, за жал, и капитализмов, примитивен и брутален, а делумно ни е таква и културата, поданичка и авторитарна. Скротувањето на аздисаните и реалната демократизација на општеството допрва ни претстојат, а тие промени, како што сите гледаме, нема да бидат експресни туку децениски.

Значи, да завршам, освен гледањето подалеку, една од најважните задачи на нашиот иден претседател ќе биде да ги отвора и стимулира луѓето да се зафатат со јавните работи, што кај нас инаку очајно недостасува - воспоставувањето на принципите на одговорност и солидарност како врвни општествени принципи.