58
И ПАРАНОЈАТА Е ЗДРАВЈЕ
15.03.2004
Додека чекаме на
резултатите од истрагата за загинувањето на нашиот претседател и
неговата придружба, додека кај нас полека се затркалува изборната
кампања и додека светот се соочува со новите предизвици на
тероризмот, редно е малку да позборуваме за паранојата и за теориите
на заговор.
Но, најпрвин, да
соопштиме една информација што деновиве се појави во светските
весници: во картотеката на Обединетите нации, по десет години,
пронајдена е, неоштетена и непреслушана, црната кутија од авионот
што беше урнат 1994 г. и во кој беа тогашните претседатели на
државите Руанда и Бурунди. Соборувањето со ракета на тој авион (и до
денес не е утврдена вината) предизвика еден од најстрашните масакри
во 20 век, кога во Руанда припадници на збеснетото племе Хуту на
најѕверски начин убија над 800.000 припадници на племето Тутси.
Зошто крунскиот документ останал недопрен речиси десет години?!
Денес, значи,
зборуваме за паранојата. Џорџ Маркус во својот увод за зборникот
Параноиа Њитхин Реасон, нагласува два важни аспекти на
современиот живот кои нè подготвуваат да бидеме недоверливи и склони
кон теориите на заговор: менталитетот на Студената војна и кризата
на претставувањето која понекогаш се нарекува постмодернизам. Кетлин
Стјуарт, во истиот зборник, се надоврзува кога вели дека подемот на
конспиративното мислење е поврзан со вмрежувањето на комуникациите:
“Интернетот како да е создаден за теориите на заговор: тој е
теорија на заговор - една работа води кон друга, а секој следен линк
ве води сè подлабоко кон ни-каде и кон ни-што”.
Самата политика исто
така во голема мера е параноја. Параноидниот стил е главно обележје
на американскиот политички говор, вели Ричард Хофстатер. Иако
потеклото на таа параноја лежи уште во колонијална Америка, крајот
на Втората светска војна делумно го промени карактерот на
американската параноидна политика насочувајќи ја кон домашните
наместо кон странските закани, и особено кон дејствувањето на
масовните медиуми.
Денес американската
политика уште еднаш снажно е обземена со параноидниот говор, а со
неа, повеќе или помалку, низ такви и онакви форми, обземени се и
сите други. Прогонети? Изложени? Контролирани? Тие сме! Не велиме
дека тоа е добро или лошо; само констатираме дека паранојата е
универзален современ феномен и дека и ние имаме право да чуеме
кохерентна приказна за тоа како загинал нашиот претседател; ако не
ни дадат разумна приказна нормално дека самите ќе создадеме
сопствена верзија.
Во современиот свет
работите почнаа да се одвиваат толку брзо (ние сме жив пример:
протуркавме распад на држава, серија војни во соседството, налет на
држава бегалци, војна во сопствениот двор, атентат на еден
претседател, авионска несреќа на друг, економски колапс...) што
работите и настаните веќе го губат своето значење и настапуваат како
“ефекти” кои на нас делуваат вака или онака, иако баш и не знаеме
како и зошто.
Како што вели
Зоран Рошко, уште еден експерт за параноја, настаните следат како
поп-хитови на радио - се појавуваат, едно време привлекуваат
внимание, никој не знае зошто, ниту некого тоа го интересира, и по
некое време паѓаат во заборав.
Кој се сеќава на
американските злостори на Филипините, во Никарагва, Панама?! Кој се
сеќава на антраксот? Дали кулите ги сруши Садам Хусеин? Што се
случуваше на Косово? Кој го уби Зоран Ѓинѓиќ? Кој се сеќава зошто го
тргнавме СДСМ од власт 1998 година? Дали уште се сеќаваме на
аздисаните клептократи од ВМРО-ДПМНЕ? Кој воопшто се сеќава на
војната од 2001 година, вон идиотските (но затоа не безопасни во
својот фанатизиран и ултимативен настап) етнички мистификации и
накнадни бојосувања?!
“Настаните само нè
заведуваат, не нè информираат - и веројатно затоа никогаш нема ништо
да научиме од историјата. Нападите од 11 септември можете да ги
толкувате како што сакате, но сигурно е само тоа дека ефектот на тој
настан се одвоил од своето значење, а кога значењето ќе ја напушти
врската со својата “ствар”, единствено што ви преостанува е
паранојата”, вели Рошко.
Денешната
преокупираност со заговорите, значи, може да значи, меѓу другото, и
дека полека исчезнуваат (ако воопшто некогаш постоеле?!) или се
претвораат во обична демагогија претпоставките за плурализмот и
демократијата која подразбира рационална, дискурзивна и процедурална
сфера на јавноста.
Со јавноста се
манипулира на големо. Главните медиуми, кои речиси по правило се
гласноговорници на повеќе или помалку скриените центри на политичка
или економска (па и културна) моќ, ја управуваат јавноста како што
сакаат. И полицијата игра своја улога во бескрајните игри на моќта.
Одредени досијеа се вадат, одредени се ставаат ад акта, со одредени
нечујно се мавта, како пцуење во мрак или чкрипење на заби.
Морничаво? Таква е паранојата, таква е реалноста.
Кој знае да ги чита
медиумите, истите игри ќе ги види и кај нас. Се појавуваат
сомнителни анкети, се пуштаат лажни траги, се туркаат одредени луѓе,
се инструментализираат одредени медиуми и дури одредени делови од
невладиниот сектор. Како што впрочем секогаш се правело.
Сепак, и покрај
застрашувачкото секојдневие, наша примарна граѓанска задача е да ги
откриваме и разобличуваме оние што ја хегемонизираат јавноста, оние
што ги создаваат и преиспитуваат авторитетите без притоа самите да
бидат изложени на проверка на нивните авторитети.
А кога просторот на
јавноста толку многу е монополизиран (како и што е, за жал, па и во
гордите демократии) тогаш како едно од последните демократски
уточишта во еден опасен и непредвидлив свет, ни остануваат само
нашите чувства, интуиции, знаења, нашите мали параноидни визии.
Создадовме свет којшто не го разбираме и сега се обидуваме да
полудиме, за светот дефинитивно не ни се лизне од рацете, вели Рошко.
И затоа, по советот
на Џоди Дин: “Создавај врски, трагај по вистината. Во рамките на тие
налози човекот е присилен да биде слободен во онаа мера во која е
присилен да собира информации. Поснажна и поубедлива од пазарната и
потрошувачката концепција на слободата, слободата како собирање
информации ја потврдува концепцијата за демократско дејствување која
одамна е идеал во јавната сфера: јавноста има право да знае. Со
други зборови, граѓаните се слободни сè додека од нив не се кријат
работите. Тие, значи, мораат да набљудуваат, надзираат и
разоткриваат.”
|