57
СИМБОЛ ШТО СПЛОТУВА
01.03.2004
Во политичкото
наследство на несреќно загинатиот македонски претседател постои еден
момент на кој посебно сакам да обрнам внимание: Борис Трајковски во
конфесионална смисла не им припаѓаше на мнозинските православни
христијани ниту пак на најголемото конфесионално малцинство со
исламска вероисповед. Тој факт во прв ред добро зборува за
исклучителните политички вештини на Трајковски кој (практично, од
позиција на маргиналец) успеа да стигне до највисоките нивоа на
политичкото одлучување, живеејќи и работејќи во еден верски прилично
оптоварен регион каде што политиката, идентитетот и верата често, и
низ сегашноста и низ историјата, експлозивно и фатално се
преплетуваат.
Но, тој факт, дека
Трајковски припаѓаше на еден малуброен верски ред во земја каде што
верата игра значајна општествена улога, всушност добро зборува и за
самата земја, за Република Македонија. Се разбира, самата номинација
на Трајковски од страна на ВМРО-ДПМНЕ, барем во тој аспект, мошне
позитивно зборува и за еволуирањето на таа партија која понекогаш
беше обвинувана за стимулирање на православниот фундаментализам.
Затоа тој момент е
еден од најважните кога зборуваме за политичкото наследство што ни
го остава во многу нешта оспоруваниот претседател. Тој тип
симболички капитал има непроценливо големо значење за нашата земја,
пред сè заради нејзиниот мир, сигурност и богатство (на различности),
но и заради актуелните предизвици што ни ги поставува перспективното
вклучување во ЕУ. Тој тип симболички капитал нè разликува од
православното опкружување на соседните држави, Србија, Грција и
Бугарија, и тоа нè разликува во наша полза, како земја која во однос
на правото за верско и секакво друго разликување има нешовинистичка
јавност и толерантен естаблишмент.
Дотолку повеќе што
навистина загрижуваат некои тенденции кај нашите православни соседи.
Најмрачна е ситуацијата во Србија. Таму црквата како сè повеќе да
почнува да се меша во работите на државата, користејќи ги моментите
на слабост и дезориентација на политичките елити. Загрижува и што
токму значаен дел од српските политички, културни, воени,
разузнавачки елити токму бараат закрила во најтемните ќошиња на СПЦ,
од каде што изминативе петнаесетина години се подготвуваа и потоа
активно се подржуваа неколкуте ужасно трагични војни кои за децении
го уназадија целиот регион. Најпосле, во длабоките сенки на
закрилата на СПЦ и под заштита на високопозиционирани српски
свештеници, израснаа монструозните воени злосторници од типот на
Милошевиќ, Караџиќ, Младиќ, Аркан...
Очигледно е дека
најнова мета на големосрпските регионални империјални амбиции одново
е Македонија. Во српскиот печат се проблематизираат македонскиот
идентитет и историја а за возврат се зборува за српскиот карактер на
македонските простори (при што српското се поистоветува со
византиското, па, на пример, се зборува за српските манастири во
Македонија во 14 век).
Се разбира,
ситуацијата дополнително ја компликуваат грчките
клеронационалистички кругови за чијашто сметка всушност и работи
еден дел од српското свештенство заедно со дел од српскиот
естаблишмент.
Можеби ќе се смеевме
на анахронизмот на загубените во времето кои 15 години влегуваат од
пораз во пораз (следејќи го концептот за решавање на проблеми кој го
смисли Милошевиќ: секој проблем го решаваш со тоа што создаваш
поголем проблем), да не бевме современици на целиот ужас што се
случи во Босна, Хрватска и Косово. Затоа сегашново мешетарење околу
Македонија на српските и грчките клеронационалистички кругови
воопшто не е на арно и изискува, од наша страна, максимална
внимателност и претпазливост.
Според Иван Торов,
кој можеби е најугледниот коментатор во Белград, со медиумската
сцена во Србија во моментов доминира она што веќе го бевме гледале:
сè позасилената антихашка атмосфера, национализмот кој добива сè
поизразити обележја на клеронационализам, ксенофобијата и можеби
малку посуптилниот говор на омразата и нетолеранцијата.
Според еден друг
политички коментатор, дури и користењето на политичкиот јазик во
моментов во Србија е обезвреднето и мимикрично: “клерофашистите се
демократи, фашистите се радикали, комунистите фашисти, а сите се
борат за српскиот национален интерес кој се согледува како наполно
отфрлање на секоја одговорност за развојот на нацијата; кога велам
нација, мислам на поединците, групите и колективитетот, а не некоја
аморфна, недефинирана маса која некои ја сфаќаат и како стока”.
Српската православна
црква, значи, во таквата констелација, можеби е главниот чинител кој
упорно не
ù дозволува на Србија похрабро да се реформира и да тргне
во пресрет на современите цивилизациски предизвици. Со оглед на
големото влијание што го има во народот, голема логистичка поддршка
на СПЦ
ù даваат и државата и војската. Избегнувајќи го прашањето на
сопствената одговорност за војната и злосторите направени во неа,
српската црква има јасно зацртана цел: да стане државна црква,
речиси по урнекот на грчката црква.
Сето тоа се
рефлектира и врз состојбите во Македонија, и затоа е важно, вака
пригмечени во српско-грчкиот сендвич, да ги впрегнеме сите свои
демократски и еманципаторски ресурси.
За жал, прерано меѓу тие снажни симболички оружја на Македонија од
пред некој ден се вреди и Борис Трајковски, олицетворувајќи го она
најблагородното што понекогаш го чувствуваме во нашата земја:
искрената вера која токму затоа што е вкоренета со истиот интензитет
ги проникнува и поинаквите од себе вери и поинаквите вредности. И
само да е заради тоа (а не е само тоа: Трајковски беше, и покрај
скандалозниот избор, еден од најсталожените и најмалку извалкани
македонски политичари), Борис Трајковски ќе остане митска и
симболичка сплотувачка вредност и за нашата држава и за регионот. |