Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


56

ЗА ЗНАЧЕЊЕТО НА ДРЖАВАТА

16.02.2004
 

  

Она што им е заедничко на македонските граѓани и на алтерглобалистите (новото име за некогашните антиглобалисти, сè помасовно и повлијателно светско движење против дивеењето на капиталистичкиот неолиберализам) - е зајакнатата потреба од држава.

Кој може да нè заштити, на пример, од ценовниот терор на Македонски телекомуникации? Кој може да ни обезбеди пристојно и широко достапно здравство, образование, судство? Сигурно не спонзорските фондови на македонските и светските монополски компании кои ни го ораат пазарот (и умот) како да е нивна сопствена бавча.

Нашата држава, како и повеќето светски држави, особено оние од третиот свет, земјите од транзиција или под протекторат, полека станува сопственост на отуѓени пред сè економски олигархии, а самото општество се приближува кон некакво “модерно варварство”, каде што единствен валиден закон е законот на посилниот, а мнозинството луѓе се сведени на ресурсни центри за експлоатација.

Кога Маркс го беше напишал славниот восклик за обединување на пролетерите на светот, тоа беше наменето исклучиво за левичарите и комунистите. Денес работите се сосема поинакви и затоа ги споредувам алтерглобалистите и македонските граѓани. Денес, имено, и левицата и десницата се свесни за големата опасност која веќе се случува: бавната разградба на државата и селидба на моќта во приватни раце и во приватизирани институции кои ја заменуваат државата.

Еве што вели еден од водечките алтерглобалисти, швајцарскиот социолог и советникот на ОН за човечки права, Жан Циглер: “Во многу западни земји приватизирани се јавниот транспорт, поштите, енергијата... Тоа е само прва фаза, веќе се подготвува втората фаза на приватизацијата. Таа ќе се однесува на основните училишта, универзитетите, болниците, затворите, па дури и на полицијата. Една држава која доброволно ја разградува својата јавна функција и сите колективни интереси ги пренесува на приватниот сектор, сè во име на максимализирање на профитите, ќе биде фалична држава. Оттука, па до приватизацијата на законодавството и законите, има само еден чекор. Граѓанинот кој без никаква заштита е изложен на такви социјални ризици, престанува да биде граѓанин. Човек кој трајно мора да се бори за работното место, за заработка и за сопствените права, веќе не е слободен човек”.

Циглер го наведува примерот на Швајцарија; таму само три проценти од населението располагаат со 97 проценти од националното богатство. Најбогатите 300 луѓе располагаат со 374 милијарди франци. Само во 2000 година стоте најбогати Швајцарци имале раст на приходите од 450 проценти. Едновремено, програмата за развој на ОН ни вели дека во земјите од третиот свет 1,3 милијарди луѓе располагаат со помалку од еден долар дневно за живот, 500 милиони ќе умрат пред да доживеат 40 години. Дури и во најбогатите земји, вели Циглер, бедата е секојдневие: само во Лондон има 40.000 бездомници, а во САД 47 милиони луѓе немаат здравствено осигурување.

Јирген Хабермас исто така мисли дека слободното движење на капиталот е опасен процес кој се заканува да ја укине дури и можноста да се браниме од волунтаристичката употреба на репресијата или од контролата врз поединците. Државната организација е некаква форма на присила, смета Хабермас, но таа присила се однесува на сите и претставува заштита на послабите од појаките. Преминувањето на моќта исклучиво на страната на јаките неминовно ќе доведе до обесправеност на милиони обични луѓе.

Затоа е неопходно да ја развиваме свеста за значењето на државата. Со ваквата неолиберална глобализација загрозени се сите клучни демократски и политички придобивки од последниве неколку века. На пример, загрозени се непроценливо важните граѓански вредности кои произлегоа од француската револуција: слободата, еднаквоста, солидарноста.

Во македонскиот случај има и дополнителна специфична причина зошто е важно да ја развиваме свеста за значењето на државата: таа претставува еден многу важен дел од нашиот идентитет. Можеби тоа е една од клучните тајни на општествената творба наречена држава: многупати потврдената слика во која пропаста или исчезнувањето на државата (а особено на националната држава) остава длабоки и уништувачки белези врз животите на поединците.

Се разбира, кога велам дека државата е важен дел од нашиот идентитет не мислам толку на некакви зададени (“органицистички”) колективни идентитети од времето на романтичното настанување на нациите, туку повеќе на психолошките аспекти на идентитетот; психоанализата, на пример, на некој начин вели дека секој идентитет всушност е трансиндивидуален (или трансференцијален). Ние никогаш не сме едно, туку сме “повеќе во едно”, како што вели Жак Лакан. Кога го спомнувам, значи, идентитетот во овој контекст, мислам пред сè на неговата поврзаност со припадноста, и со нашата човечка потреба да припаѓаме некаде и да споделуваме нешто.

Затоа за нас е важна државата, на чиешто постепено разјадување истовремено сме сведоци и жртви. Францускиот важен современ филозоф Етјен Балибар (еден од најпровокативните мислители на европската идеја) вели дека живееме во период на аномија, кога клучните национални и државни институции престануваат меѓусебно да се надополнуваат и веќе не се во состојба сите заедно да дејствуваат во иста насока, на некаква идеолошка интеграција; на пример, пазарот на работата и образовниот систем тргнуваат на различни страни во периодот на “криза на вработеност”. Таквите околности произведуваат тн. “негативни индивидуалитети”, некаква гранична состојба во која се оцртуваат двосмисленостите на идентитетите и нивното осцилирање (како што афектите осцилираат низ “примарниот процес” помеѓу љубовта и омразата). Како што вели Балибар, тука веќе не станува збор само за “нелагодност во културата” туку и за нејзино распаѓање.

Време е, конечно, да престане таа “молекуларна граѓанска војна” (Енцесбергер) која особено засилено го меле нашето општество последниве години и чијшто рефлекс е и тоталната етнизација и вулгаризација на нашите инаку комплексни општествени и лични форми на идентитет. Сериозната, солидарната, праведната и авторитетната држава треба да биде клучен фактор за престанувањето на таа ескалирачка молекуларна граѓанска војна.