Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


55

МАЛИТЕ ГОЛЕМИ ИГРИ

02.02.2004
 

  

Во филмот Духот-куче на Џим Џармуш се кажува една интересна самурајска мудрост: “На крупните и сериозните нешта треба да им се приоаѓа релаксирано и со леснотија”. И потоа следи коментар, преземен од славниот самурајски кодекс Хагакуре: “И обратно - на малите и неважни нешта треба да им се приоѓа со сета сериозност и внимателност”.

Јалова мудрост од едно исчезнато доба?! Или важни поуки од минатото за едно морално и филозофски забегано време, т.е. за нас изгубените во времето кое исто така (поради брзината?) излетало од своите шини?!

Мојот приод води кон второво (се надевам дека и текстов, на еден можеби малку извртен начин, ќе го докаже тоа; а ако не текстот, тогаш мојот живот и работата): само оној кој е отворен кон минатото има шанси да опстои во иднината; но, уште повеќе, оној што е отворен за различноста, за релативноста, за скромноста, за посветеноста кон малите нешта - тој е морална величина и херој во благородната, самурајска, смисла на зборот. Но, и тој кој во ова време (поместено од зглобовите, како што вели Шекспир) тргнал на “патот на самурајот”, треба да знае: “Во времето на хероите тешко е човек да се прочуе. Во светот што се расипува, релативно лесно е да се биде одличен”, вели кодексот.

Сепак, да се вратам на местото на инцидентот, во нашава исчашеност; возот ни е насукан, а ние тапоглаво, испоседнати крај пругата, гледаме сеир, се самосожалуваме и бистриме големи приказни за патот и целта.

Во неколку наврати пишував за бедата на македонскиот естаблишмент (од кој само еден дел, и тоа веројатно подобриот, се и партиските елити); ситносопственичка свест (шиќарџиство и себичност), провинцијализам (стеснети хоризонти и страв), незнаење (неукост и суета) - тоа се главните карактеристики на голем дел од нашата општествена елита. И тука, повторувам, најмалку мислам на политичките фактори, иако не е мал ни нивниот удел во нашата насуканост. Мислам на културните елити, на образовните, на медиумските, делумно на стопанските...

Горе спомнатиот “самурајски синдром” го сметам за главен индикатор на нивниот (а всушност нашиот) неуспех: македонската општествена елита ниту собра снага и ум да биде ладна и сталожена кога се прекршуваа крупните одлуки за нашата земја, ниту пак беше (ниту пак е) способна со сета посветеност да се занимава со поситните нешта, со организацијата на секојдневниот живот и, пред с$, со личната и компетентна посветеност кон сопствената секојдневна работа.

На пример: секој проклет новинар во земјава истура цели контејнери гнев по политичарите, без притоа да погледне пред сопствениот нос: заради ситносопственичките интереси и заради фрапантната ограниченост на вклучените актери Македонија живее во медиумски хаос во кој страдаат сите, и новинарите (изложени на борба без правила и на бескрупулозна конкуренција) и консументите (осудени на заглупување и неквалитет).

Слично е и во образованието, особено во високото; Македонија на сите можни нивоа трпи стравотен дефицит од компетентни и професионални кадри (тоа ќе ви го каже секој, од уредникот на весник преку фабрикантот и бизнисменот до министерот); но, затоа сите зборуваат за ниските стандарди (а без сомневање се многу ниски) на тетовскиот универзитет; да беше добар и далекувид скопскиот универзитет (пред с$ во образовна смисла, но, зошто да не, и во политичка) тетовскиот немаше ни да настане, или барем немаше на ваков идиотски начин кој мобилизира бесмислено трошење на голема општествена енергија. (Исто такво апсурдно арчење енергија е создавањето драма околу американската амбасада на “Кале”; земјава пропаѓа во најелементарни инфраструктурни проблеми, огромен дел од културното богатство е руиниран и испокраден, Пенов и Васил Иљов десет години, со секакви перверзии, му се намерачиле на клучниот симбол на градот, Камениот мост - а ваму клетиот империјалист сака да потроши 50 милиони долари за да се смести во комшии со резиденцијата на МПЦ!)

Најбедно е, можеби во културата. Ова го велам нерадо, затоа што работам во таа сфера и луѓето од културата на некој начин се моите “природни” сојузници. (Еве што вели самурајскиот кодекс: “Вистинската победа е онаа која се постигнува над своите сојузници. Да се победат сојузниците значи да се победиш себеси - тоа е победа на духот над телото.”) Значи, иако можеби контра сопствените дневни интереси, чувствувам потреба да ја илустрирам бедата на овдешната културна елита низ најсвеж пример, од сферата на издаваштвото, каде што работам.

Деновиве, значи, во режија на еден угледен помлад професор и писател, Министерството за култура ја донесе можеби најглупавата одлука од кога самото постои: со државни пари во оваа земја веќе нема шанси да се печатат Џојс, Кафка, Пруст, Музил, По, Гомбрович, Крлежа... - ма секој кој не пишува проза на македонски на македонски не може да се појави! Фина логика. Затоа Петко Јанко Станко комплет со Венко Андоновски можат да ги штанцаат своите провинцијални мудрости од немила до недрага. Имаше еден стих на Џони Штулиќ: “Обично разбију сва огледала на која наиѓу, да не остане ни помен на љепоту”.

И притоа, се чини, никој не реагира заради некои подлабоки или попринципиелни причини. Да тропаат кантите пар денови, доста е. Денес ни е важна апликацијата (“големите нешта”), Рамковниот договор, важно е собранието, глупавите кавги, џевата по себе... И да не се замериме меѓусебно, трпи-трај, утре треба дете да се запишува, да се оди под скалпер, а и Венко (или некој друг Венко) и следната година ќе дели (индулгенции и гревови), така?! Фина логика. Затоа и ни е вака. Затоа и ги привикувам самураите: мети си го дворот, гледај пред себе и не се занесувај по големите игри затоа што има нешто поважно: малите игри.