54
ХИПОКРИЗИЈА
19.01.2004
Уште Хана Арент
предупредуваше дека модерните општества добро н$ увежбуваат да го
кажеме она што од нас се очекува (или, кога треба, да се воздржиме
од тоа), а не н$ учат со зборови да го искажеме она што стварно го
чувствуваме или гледаме.
“Од детството,
всушност, во сите наши институции, ние ги наградуваме еуфемизмите,
трговската способност, слоганите, а ги казнуваме и спречуваме
вистинитоста, оригиналноста, промисленоста.”
Значи, иако
проблемот е многу поширок, ќе се обидам да тргнам од една
констатација која во прв ред се однесува на сегашниот миг на нашата
држава: Во овдешниот општествен и политички живот владее
институционална хипокризија. (Изразот го преземам од
влијателниот словенечки филозоф Растко Мочник.)
Најпрвин, ќе се
потсетиме на институционалната хипокризија од времето на
самоуправниот социјализам кој го напуштивме 1991 година;
мобилизаторскиот говор на тогашната државно-партиска бирократија
главно произведуваше масовна апатија. Таа апатија, се разбира,
одново даваше повод за произведување мобилизациски говор, кој беше
значаен елемент на бирократската власт.
И така работите се
вртеа во круг с$ додека не испопаѓаа неподмачканите шрафови на тој
чуден рингишпил наречен СФРЈ (малкуцка морничав но во суштина
колоритен и весел, на кого луѓето се сеќаваат главно по добро),
предизвикувајќи излетувања и варници меѓу патниците качени на
живописните фигури (автобус, кочија, полициска кола итн.) кои речиси
едновремено со катапултирањето од рингишпилот се претворија во
статични национални држави.
Нејсе. Било,
поминало, во многу негативни нешта се повторува - и затоа
потсетуваме на него. Но, кога веќе ја правам оваа дигресија, да
речеме зошто сегашните мртовечки неподвижни националистички држави
што произлегоа од инцидентот со каруселот во суштина се лоши
наследници на “вештачката творба”; во прв ред затоа што се втемелени
во етнополитиката, исто онака како што целиот комунистички режим
беше заснован во една мошне специфична етнополитика; во таа смисла,
како што вели интригантниот босански филозоф Уго Влаисављевиќ, нема
никаков дисконтинуитет помеѓу т.н. посткомунистички етнонационализам
и комунистичката идеологија. Она што изгледаше како кохезивна парола
на претходниот систем: братство и единство, всушност токму ја
разоткриваше етничката суштина на системот.
Да се вратиме на
Мочник. Тој потсетува на едно фино разликување воведено во
седумдесеттите и осумдесеттите години, разликувањето помеѓу
владеачката идеологија (која го осигурува и одржува единството
на идеолошките апарати на државата) и идеологијата на владеачите
(која го осигурува единството во политичката владеачка коалиција).
Поедноставено речено, можеме да заклучиме дека и во Македонија, како
и во повеќето постсоцијалистички земји, идеологијата на владетелите
денес е неолиберализмот, а владеачката идеологија с$ уште е -
национализмот.
Тој идеолошки хаос
не може да не се нарече поинаку освен хипокризија; за
институционална хипокризија зборуваме зашто тој лажлив систем на
двојни стандарди е еден од темелите на нашиот поредок (можеби дури и
повеќе од бескрупулозниот и деструктивен неолиберализам и повеќе од
примитивниот и деструктивен национализам).
Се разбира, таа
хипокризија се пренесува надолу и почнува да го уништува целото
општествено поле. Гледајте што се случува со законот за трет
универзитет или со новата општинска карта на Република Македонија;
под агендата за интегрирање на државата, за поголема демократичност
и економичност, меѓу улици во еден град, меѓу маала, меѓу блиски
села и градови се исцртуваат небаре меѓудржавни граници! Хипокризија,
што друго. Истото се случува и во православната црква и во речиси
сите општествени полиња, а најмногу можеби на меѓуетнички план:
епидемија на хипокризија.
Не знам дали и не
знам кога ќе се прекине маѓепсаниот круг на лаги. Но знам дека во
него не сме сами. Деновиве читав една подолга студија за трите
балтички држави. Естонија во 1992 година донесува неверојатно
дискриминаторски закон за државјанство и за употреба на службен
јазик кој практично не им дозволува земање државјанство на 45% од
населението, т.е. на огромното “малцинство” кое главно го сочинуваат
Руси. Таа тешко сфатлива дискриминација донесена од националистите
во Естонија (слично е и во Латвија), добива поддршка низ молчењето
на Европската заедница која 1992 година официјално одби јавно да ги
коментира естонските закони за државјанство и службен јазик.
Неофицијално, во Европа може да се слушне загриженоста за
опстојувањето на естонската или латвиската нација и јазик (на пример,
Естонци има само околу еден милион). И тие земји, како и етнички
речиси исчистените Бугарија и Хрватска, ќе добијат пас за влез во
клубот, за разлика од запустените Босна и Македонија. За
хипокризијата, пак, на најмоќниот од затечените играчи, САД, не
вреди ни да се зборува.
За текстов да не
биде уште еден прилог кон дефетизмот и, во крајна линија, кон
хипокризијата, ќе завршам со зборовите на генијалниот Гомбрович,
зборови кои с$ уште имаат моќ да ме поткренат:
“А сепак, порано
или подоцна, нашата мисла себе мора да си изработи пат за излегување
од ќорсокакот. Нашите проблеми ќе ги најдат своите луѓе. Во дадениот
момент не мислам само на творештвото, туку на повторното стекнување
на можноста за творештво. Мораме да ја создадеме онаа порција на
слобода, смелост и безобзирност, и, дури, би рекол - неодговорност,
без кои создавањето не е можно. Треба едноставно да се навикнеме на
новата скала од нашето постоење. Ќе мораме да се однесуваме
ладнокрвно и безобзирно спрема нам најмилите чувства, за да дојдеме
до нови вредности. Од моментот кога ќе го прифатиме формирањето на
светот од местото на коешто сме и со оние средства коишто што ги
имаме, огромноста ќе се намали, неизмерноста ќе добие форми и ќе
почнат да опаѓаат надојдените води на хаосот.” |