Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


53

АГОНИСТИЧКИОТ ПЛУРАЛИЗАМ И ИНТЕГРАЦИЈАТА

05.01.2004
 

     

Што можеме да си посакаме во новата година, во општествена и во политичка смисла? Многу надежи и енергии испарија изминативе години, така што сме просто издресирани на малце, на стеснети хоризонти и на скромни очекувања. Се разбира, едно значајно малцинство, можеби пред сè младите, сè уште имаат големи надежи, сè уште веруваат дека земјава може да ја биде и дека, освен емиграцијата, постојат и поинакви начини да се решат личните животни стремежи. Но, се добива впечаток дека трпението е сè помало а општата запуштеност сè поголема. Надежта е кревка билка и потребна ù се грижа и внимание, она што нам загрижувачки ни недостига.

Моја желба во новата година е уште еден дел од луѓето во оваа земја да станат малку повеќе свесни дека проблемите што ги имаме не се само етнички туку се структурни, дека во голема мера стануваат класни, дека културата и образованието имаат значајна улога во конституирањето на едно општество, дека освен макро постојат и микро политики и дека непроценливо значење за промената на општеството имаат личниот пример и личниот влог.

Би сакал и нашите политичари да го сфатат она што го знаат некои теоретичари: дека клучниот проблем на демократската транзиција не се само демократските права, односно простото постоење на некои демократски институции, туку дека е уште поважно да се создаваат и консолидираат институциите на демократијата и на владеењето на правото, и тоа институции не само во правна или политичка туку и во социолошка смисла, која го вклучува и делувањето на општествените актери и актерки, нивните односи, свеста, интересите и волјата.

Затоа што, многу е можно дека она што сега го имаме како политички систем, како што вели еден теоретичар, “не е држава во модерна смисла, т.е. систем на законодавство, политичко одлучување, судство и управување заснован врз еднаквоста пред законот и неутрален спрема посебните општествени и економски интереси, туку структура во која одредени посебни интереси и политичката моќ неразделно се испреплетени, што едновремено е прикриено со помош на митскиот национално-државен тоталитет, или подобро (т.е. полошо), каде што држењето на политичката власт е воспоставено како посебен интерес спротиставен во однос на целото општество”.

Се разбира, знам дека луѓето нема туку-така да се разбудат и да доживеат просветление во однос на тоа како функционираат интересите во општеството. Ниту премногу верувам дека промената исклучиво може да дојде одоздола, затоа што, како што вели Стјуарт Хол, на интересите на моќните најмногу им одговара одржувањето на постоечката состојба. Според Хол, ланецот на општествени промени може да се придвижи само низ свеста за општествените разлики засновани врз судири на интереси, а не од либералниот плурализам во кој разликите во крајна линија му се подредени на консензусот, чија функција е да ги одржува тие разлики суштински онакви какви што се.

Иако, значи, полека ја губам надежта дека опустошената средна класа кај нас сè уште поседува некаков реформски потенцијал (освен ако хипертрофираниот етнички и верски идентитет не го сметаме како потенцијал за радикален реформизам), сепак не можам да го занемарам многу пати низ историјата потврдуваниот психолошки факт: свеста за спротиставеноста, свеста за разликата, попресудно е одредувачка од свеста за сличноста или за класниот идентитет. Ако снажно нагласената свест за етнички и верски разлики полека спласне, можеби луѓето конечно ќе се свртат за да ги согледаат годиниве неверојатно нараснатите класни разлики?!

Значи, иако сум свесен дека конфликтот и судирот можеби се погонско гориво на секое општество, дека т.н. “агонистички плурализам”, е суштински за демократскиот поредок, мислам дека следниве години мораме да ги јакнеме интегративните капацитети на нашето општество и свеста дека постојат врвни заеднички принципи над плодотворната арена на агонистичкиот плурализам.

Но, големи се отпорите кон повисока општествена интеграција (не само во етничка или расна смисла, иако тука можеби се највидливи), и тоа не само кај нас туку, би рекол, насекаде, па и во најразвиените демократски држави. Меѓу другото, подемот на екстремната десница се толкува токму врз таа постполитичка проблематика, врз отпорот на големи општествени слоеви кон повисок степен на интегративност.

Општествената трансформација не е строго механички и квантитативен процес, вели Андреа Семприни. “Таа подразбира длабинска реструктурација на стабилноста и позициите, на идентитетите и претставите. Стварната интеграција не ја следи автоматски формалната или законската интеграција. Промената, што се однесува на делот што треба да биде интегриран, неминовно дејствува и врз сите други составни делови на веќе интегрираната целина. Зголемувањето на американското општество, на пример, коешто беше последица на движењето за граѓански права, некои го осудија како премногу брзо и присилно, а некои како премногу формално и недовршено. Наместо да бидат ублажени, некои аспекти од тоа спротиставување покажаа тенденција на постепено радикализирање.”

Не треба да се заборават ни предупредувањата на Исаја Берлин (од неговите доцни години) дека разурнувањето на традиционалните заедници “лиши голем број луѓе од нивната општествена и емоционална сигурност и доведе до потребата со свесна општествена акција да се создаде психолошки надоместок за загубените културни, политички и религиски вредности”. Според Берлин, “ниту едно денешно политичко движење нема шанси ако не се врзе со националното чувство”.

Во новата година би посакал, на крајот, малку повеќе луѓе да поверуваат дека хетерогеноста на нашето општество може да биде продуктивна а не статична, да биде напредна а не да нè води кон бездните на племенските омрази. Во новата година посакувам, значи - можеби токму во духот на името на оваа рубрика - на прв поглед спротиставени нешта: развој на агонистичкиот плурализам како важна општествена енергија, но и развој на сите оние начела кои во суштина нè спојуваат. Желбите ми се невозможни, знам, но овие неколку дена човек може и да си посонува.