Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


52

СТРАТЕГИЈА

15.12.2003
 

    

“Дали можеш да ми кажеш, те молам, по кој пат може да се излезе одовде?”, го праша Алиса Зајакот.

“Прашањето во значајна мера е поврзано со тоа каде сакаш да стигнеш”, одговори Зајакот.

“Сеедно ми е”, рече Алиса.

“Тогаш е сеедно и кој пат ќе да го избереш”, одговори Зајакот.

Луис Керол,

Алиса во земјата на чудата

 

Иако нашиот свет, а особено земјата во која живееме, повремено навистина наликуваат на до несфатливост чудни предели во кои владеат исто толку несфатливи обичаи, сепак имам впечаток дека и за нас - макар и со самочувствието кое го имаме: отфрлени и небитни - изборот на патот е важен барем исто онолку колку и целта до која сакаме да стигнеме. Еден афористичар вели: “Целта на нашиот пат е да го најдеме патот до својата цел”. Таа заврзаност потсетува на нашата немоќ.

Денес, значи, ќе зборуваме за стратегија, еден од низата зборови чија фреквентност ја засили новото време и новите околности во кои живееме. Насекаде се зборува за стратегија и се бара стратегија, пред сè во однос на навистина длабоко наталожените проблеми на нашето општество.

Се чини дека за популарноста на зборот стратегија можеби најмногу придонесува токму нашето чувство на безизлез и немање речиси никакви идеи во однос на иднината. Колку подлабоко немате соодветни животни и општествени концепти на самиот терен, толку повеќе се посакува и се мистифицира улогата на стратег, некој кој ги преместува коцките и полињата и кој има идеи и визии како работите ќе се наместат. Значи, токму недостигот - немањето начини да се справиме со секојдневието и чувството на очај пред иднината - е една од клучните причини за привлечноста на зборот стратегија.

Инаку, самиот невин збор (невин како и сите други зборови, кога се изолирани и не се во борбени формации!) има воено потекло и означува вештина на војување, на војсководство. Стратегеми, на пример, се воени лукавства или мајстории.

И пак, сигурно не случајно, воената позадина на зборот има сосема специфично значење во новиот општествен контекст во кој толку несреќно не се снаоѓаме, меѓу другото и на ниво на реторика; се разбира, нашиот нов општествен систем, но, за жал, и нашиот регионален, па и најширок светски геополитички контекст - наликува на бојно поле. Потребни се стратегии да се преживее во однос на ближниот што атакува на ограничените ресурси, да се преживее во однос на конкуренцијата и многубројните непријатели. Речиси нешто налик на хобсовскиот предржавен кошмар: “природна” борба на секој против секого.

Постои и еден друг момент на кој сакам да обрнам внимание. Ние сè уште се наоѓаме во процес на консолидирање на државата и на демократијата. Во такви околности корисно е да се потсетиме дека формирањето на државата и формирањето на нацијата концепциски и историски се два одвоени процеси, иако тие понекогаш и се преплетуваат. Според славниот историчар од 19 век, Јаков Бурхард, државата од самиот почеток поседува некој вид вештачки квалитет, таа е “уметничко дело”, за разлика од органските и “природните” конотации кои преовладувале кога се зборувало за национализмот. Државата не се поврзувала со идејата на природата и на органското раѓање туку со идеите за креирање, умешност и занаетска вештина.

Значи, и од тој аспект, на идејно креирање на еден артифициелен но снажен интегративен систем кој ќе умее да ги амортизира примордијалните инстинкти - искрснува прашањето на стратегијата, едно просто техничко и “занаетско” прашање од извонредна важност.

Можеме да се согласиме: стратегиите се неопходни, стратегиите се животно важни не само во најнепосредна воена, натпреварувачка смисла, туку и на најприземните нивоа на секојдневниот живот. Можеби зборот има милитаристичка позадина, но факт е: нам стратези и стратегии, исто како и државоградители и државници, очајнички ни требаат, а ги немаме.

Затоа имаме демагози. Реторичари што шлајфуваат во празно (и така со децении) имаме да се ринат со лопати. Политиканти, провинцијални авторитарци и бескрајни толпи поданици - исто имаме, речиси во неограничени количини. Но, стратези, т.е. индивидуалци кои не дозволуваат да бидат згмечени од ограничувачкиот контекст, реални и креативни бунтовници (не против шиптарите, каурите, Американците, Европјаните, СДСМ или ВМРО) - немаме. Затоа толку и зборуваме за стратегии.

Непосредна инспирација за текстов ми беше еден собир на кој се зборуваше за нацоналната програма за култура на Р. Македонија од 2004 до 2008. Значи, се зборуваше за стратешки документ на безброј начини поврзан со општиот развој на земјава следниве години. Самиот документ - иако технички и концепциски прилично несмасен - главно следи некакви зададени европски агенди и во целина делува современо, демократски и визионерски.

Но, во што е проблемот? Оние што требаше да го бранат документот, во прв ред претседателот на Советот на Министерот за култура, делуваа како да доаѓаат директно од 19 век, олицетворувајќи една тревожна слика на сè она што современата култура не треба да биде, т.е. токму го олицетворуваа сето она против што (нивниот!?) стратешки документ се бори: авторитарност, ригидност, произволност, стеснетост, анахроност, трансценденталност на културата, нејзина мистификација низ крвта и тлото, немање чувство за проширување на областа на културата, немање чувство за плурализам...

И се прашува човек: кој ќе стои зад таа стратегија (препишана или наметната или туку-така усвоена, колку да помине пред Европјаните што задаваат домашни задачи)?! Просто се добива впечаток (меѓу другото, и според безбројните јазични грешки) дека таа национална програма никој сериозно не ја ни прочитал.

И тука доаѓаме до следната поента: џабе стратегија ако нема кој да ја спроведува, но во прв ред - залудна е стратегијата во која се нема вера. Сè повеќе сум убеден во тоа, гледајќи ги млитавите портпароли на демократијата, на сожителството, на етничката толеранција, на човековите права, на хуманистичките вредности, а богами и на децентрализацијата. Ако сето тоа се само нови декрети - пиши им крст, ќе живуркаме и ќе тонеме вака уште пар години, дур нашите тутори не решат што стварно ќе прават со нас, бидејќи самите ниту имаме идеи ниту енергија нешто да правиме.

Се добива впечаток дека општата млитавост, т.е. општото лажење достигна толкав степен што дури и верата во верата (православна, исламска итн.) наликува на чудна општествена мимикрија и вулгарна инструментализација на симболи.

Господинот премиер вели дека ако во нешто е сигурен тоа е правилната насока во која се движиме, особено на меѓуетнички план. Одредувањето на насоката има извонредна важност, особено во политиката, затоа што, како што вели еден афоризам, ако не знаеш каде одиш, можеби таму нема никогаш ни да стигнеш. Во таа - фундаментална, токму стратешка - смисла сметам дека барем насетувањето на вистинскиот правец е најкрупната позитивна ставка на оваа влада. Но, кој ни го кажува и, уште поважно, кој ни го докажува тоа? Мислам, кој реално и длабоко верува дека Албанците (но и сите други малцинства: хендикепираните, хомосексуалците, злоставуваните, дискриминираните по најразноразни основи итн.) треба длабоко да бидат интегрирани во едно демократско општество во кое владеат јасни правила на игра?

Општествово е запуштено по сите хоризонтали и вертикали, од семејството и школото па сè до бледите владини апартчици. Кога пошироко ќе станеме свесни за тоа, тогаш и стратегиите, и по сектори и воопшто, ќе почнат да добиваат повеќе смисла, па и повеќе од тоа: ќе почнат да функционираат, а ние конечно ќе видиме некој аир од скапо платените стратешки планови.

Еден од најефикасните начини да ја придвижиме околината е да се помрднеме себеси. Како што вели Махатма Ганди: “Ти мораш да бидеш промената која посакуваш да ја видиш во светот”.