Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


51

ЦИВИЛНОТО ОПШТЕСТВО И ДРЖАВАТА

01.12.2003
 

   

Зад нас е третиот НВО Саем на кој се претставија околу 200 здруженија, од вкупно регистрираните над 6000 здруженија на граѓани во Република Македонија. Што можеме да заклучиме за состојбата во невладиниот сектор, но и пошироко, за односите државен-цивилен сектор, со оглед на специфичностите на нашата долгогодишна транзиција?

Најпрвин да дефинираме што подразбираме под “цивилен сектор”. Има една “класична” дефиниција на Ернст Гелнер: “Цивилното општество е оној збир од различни невладини институции кој е доволно силен да претставува противтежа на државата и кој, иако не ја спречува државата во спроведувањето на нејзината улога да биде чувар на мирот и арбитар помеѓу значајните интереси, сепак може да ја спречи нејзината доминација над другиот дел на општеството и негово атомизирање”.

Томас Пејн, пак, кон крајот на 18 век (кога прв пат се употребува терминот), го опишува цивилното општество како насип кој ù се спротиставува на деспотската власт. Грамши оди радикален чекор понатаму кога цивилното општество го поистоветува со лавиринтичниот рововски систем на модерната војна. Вклештено помеѓу државата и класноструктуираното стопанство цивилното општество претставува “тврдини и насипи” кои го бранат “надворешниот ров” на државната власт и ја штитат владеачката класа од ударните бранови што ги носат економските кризи.

Како важна дефиниција може да послужи разликата помеѓу племенските и деспотските општества, од една страна, и цивилното општество, од друга. Како што вели Џон Кин, современите деспотизми и племенските општества врзани со традицијата личат на природни заедници на мравки или пчели, каде што припадноста не е доброволна, каде што владеењето е инстинктивно, а законите речиси непроменливи. Наспроти тоа, цивилното општество е заедница од активни чинители кои законски и доброволно се здружуваат, што значи дека имаат можност да ги преобразуваат и реинтерпретираат општествените и политичките структури во кои дејствуваат.

Да се вратиме на македонскиот случај. Многу важно е да се каже, особено со оглед на сериозните слабости на нашата држава: цивилниот сектор не може да биде замена за државата. Прв и основен услов воопшто да постои цивилен или невладин или граѓански сектор во кој луѓето имаат можност сами да се организираат - е постоењето на суверена држава. Демократскиот процес ја претпоставува законитоста на самата политичка единица, а спогодбите за државноста - логично, но делумно парадоксално - им претходат на демократските институции.

Овој момент, за односот меѓу државата и цивилниот сектор, кај нас не е доволно дебатиран, но на тој план се насетуваат можните точки на судир. На пример, дури и во рамките на цивилниот сектор, не постоеше консензус околу името на годишниот собир на здруженијата: дали НВО Саем или Форум на граѓанското општество? Зборот “НВО” е интернационално широко прифатен затоа што токму ја потенцира разликата која постои меѓу државните организации и оние кои луѓето самоиницијативно ги создаваат. Зборот “граѓанско општество” е понеутрален, помалку конфликтен во смисла дека не е одреден негативно (како “невладините организации”), но можеби е недоволно разликовен и е преопшт.

Компромисот меѓу овие два терминолошки концепти во македонскиот цивилен сектор (ете и трета варијанта: цивилен сектор!) се постигна со тоа што на плакатите и другите официјални документи беа користени двете имиња: и НВО Саем и Форум на граѓанското општество.

Го спомнувам ова не за да отворам расправи за тоа кој термин е посоодветен, туку затоа што токму низ терминологијата се отвораат некои и во политичка смисла суштински стратегиски општествени прашања кои најдословно го допираат прашањето за развојот на демократијата во нашата земја. Затоа прашањето на односот цивилен-државен сектор во прв ред е системско и демократско прашање.

Линц и Степен во својата важна компаративна студија Проблемите на демократската транзиција и консолидација формулираат една теорија за предусловите за успешен премин во демократија. Тие укажуваат на пет варијабли кои мораат да постојат во секој контекст за демократските институции да можат да преживеат и да напредуваат. Стабилната територијална држава со ефикасна бирократија е првиот услов. Почитувањето на владеењето на правото, во прв ред од најзначајните актери, владата и државните институции, е вториот клучен услов за демократска консолидација. Трето, демократијата изискува слободно и живо цивилно општество. “Снажното цивилно општество има способност да произведува политички алтернативи и да ги контролира владата и државата.” Но, демократски организираното цивилно општество изискува “политичко општество” кое го сочинуваат партиите, изборите, изборните правила, политичките лидери и законодавството. Петтиот услов за демократска консолидација, според Линц и Степан, е институционализираното “економско општество” кое не подразбира чиста пазарна конкуренција туку еден мешовит систем од законски направени и регулирани недржавни форми на сопственост, производство, размена и потрошувачка.

Нам, значи, основнатата задача, консолидација на демократскиот систем, веројатно ни е јасна. Но, пред нашата држава и пред цивилното општество се наоѓаат и други тешки предизвици, дополнително обременети со некои пошироки современи дилеми за кои не постојат ниту искуства ниту инстант одговори; на пример, факт е дека на глобален план сè повеќе се исцрпува концептот на територијалната држава која го уредува и преобликува идентитетот на своите жители. Исто така, важно е да ги согледаме и процениме новите интеграциски процеси во кои радикално се менуваат или сосема исчезнуваат некогашните значења на сувереноста. Значи, и во таа смисла важно е да се следат цивилните иницијативи кои понекогаш можеби носат одговори на тешките државни и историски прашања.

Заклучокот можеби е преопшт но е неумолив: и државниот и цивилниот сектор во Македонија ќе мораат значајно да се помрднат од своите инертни и често самодоволни патеки и да почнат да создаваат покомплексни и поинтегрирачки партнерства и стратегии кои би вклучувале сè повеќе актери. Отвореноста и на државата и на општеството да соработуваат, да учат и да се менуваат, во новата ера, станува прв услов за нивно опстојување.