50
КУЛТУРАТА - ЛЕБ НАСУШЕН
17.11.2003
Викендов во Скопје
се одржа Националната дебата за Културната политика на Република
Македонија, како последна фаза на проектот Мозаик. Дебатата, меѓу
другото, беше поттикната и со презентацијата во Стразбур (во Советот
на Европа) на Националниот извештај за културната политика на Р.
Македонија.
Веднаш треба да се
каже, затоа што малкумина се свесни за тоа:
прашањето на културата е едно од најважните општествени прашања во
Македонија, и од “идеолошки” аспект (културата како фактор на
интеграција), и од економски - културата може да биде силен ресурс
за општествен развој. Освен тоа, како што велат европските експерти
што го оценуваа нашиот извештај: Културата е централна лабораторија
на креативната имагинација во општеството.
Теориската
литература за транзицијата во источноевропските земји ја опишува
културната транзиција како процес што се одвива на три рамништа: а)
организациско - се напуштаат старите начини на организација
во корист на новите кои подразбираат поголема индивидуална
автономија, слободна иницијатива и чувство за пазарните законитости;
б) вредносно - при што доаѓа до противречни процеси: на една
страна расте важноста на индивидуализмот во општеството, а на друга
страна доаѓа до раст на новиот колективизам (најтипичен е
национализмот кој го заменува комунизмот); в) симболичко -
при што минатото и културното наследство служат како “декорација” за
програмите на новите елити.
Сите тие аспекти на културната транзиција карактеристични се
и за Република Македонија, но, се разбира, во нашиот културен
контекст постојат и специфики. Една од нив е големата
централизираност на културната политика исклучиво во Министерството
за култура.
Еве како, меѓу
другото, експертите од Советот на Европа, во новите околности ја
одредуваат променетата улога на Министерството за култура:
а) Тоа ги одредува
главните цели на културната политика и културниот развој;
б) Ја задржува
надлежноста врз избраните институции од национално значење;
в) Го помага и
олеснува развојот на културните институции и активности на локално
ниво, создавајќи заедничка сфера на одговорности, вклучувајќи го
кофинансирањето на културните институции или проектите од заеднички
интерес;
г) Ја започнува
својата улога на медијатор помеѓу јавниот, приватниот и невладиниот
сектор, комерцијален и некомерцијален;
д) Ја олеснува
хоризонталната координација меѓу локалните единици, т.е. мрежата на
градовите (а не да управува или владее со нив).
Освен тоа,
препорачуваат експертите,
“чувството за
култура на политиката мора да се проширува, како и самата култура
која е присутна практично секаде, но се признава само некаде. На
некој начин, политиката што располага со 1% од националниот буџет
мора да ги научи претпоставките и правилата на другите 99% за да
соработува со нив врз основа на нетрадиционално разбирање на
културата. Ова е најголемиот предизвик за политиката и културата во
постнационалната ера и во ерата на пост-независност”.
Што воопшто е
култура?
За да одговориме на
ова клучно и во суштина ужасно тешко прашање (од коешто тргнуваат
сите програми и стратегии за културна политика) најнапред ќе
одговориме што културата не е. Значи, според Луј Доло, културата
не е еден одреден збир од сознанија, дури ни една целина од
сознанија, префинето образование, завршено усовршување, висока
специјализација, снобизам за научниците или книжевно образованите,
луксуз на мислите, украс на едно општество на изобилието, бегство,
култ за себе, област резервирана за привилегираните, монопол во кој
државата едновремено би била и судија и дел од неа, одраз на
состојбата на свеста на една класа или маса, потрошувачко добро на
културните индустрии.
“Културата одбива да
се препушти и да биде покорена. Она што ја понижува, што ја
подмитува, што ја обесчестува, наполно
ù е туѓо. Таа не им припаѓа
на клановите, ни на јавните власти, ни на трговците на
капиталистичкото општество.
Ни книжевноста,
уметноста, ниту науките, редум, не би можеле да ја задржат само за
себе. Без слобода, таа исчезнува. Без расположливо слободно време,
таа се гаси.
Културата, наспроти
претходното, е незаинтересирано трагање, грижа за автентичноста,
стремеж кон универзалното, надминување на себе самиот, потреба за
учество, барање за префинетост, за пробој, за креативност, надеж во
повисоко постоење.” (Луј Доло, Индивидуализмот и масовната култура)
За жал, кога
зборуваме за македонскиот културен контекст, кај нас културата сè
уште се сфаќа сосема обратно од она што го предлага Доло;
овде културата и понатаму во голема мера е “префинето
образование, завршено усовршување, висока специјализација, снобизам
за научниците или книжевно образованите, луксуз на мислите, украс на
општеството, бегство, култ за себе, област резервирана за
привилегираните, монопол во кој државата едновремено е судија и
актер; овде културата сè уште е одраз на состојбата на етничката
свест, или пак е сведена на тривијална потрошувачка стока; овде,
културата, за жал, е склона да се потчинува и покорува, да се
понижува, подмитува и обесчестува; овде таа во голема мера им
припаѓа на клановите, на јавните власти и, во поново време, на
трговците.
Затоа, културата во
РМ ќе мора да научи да се бори за сопствената независност во однос
на моќта на државата и на парите, како и во поголема мера да се
ориентира кон граѓаните и кон пошироката заедница.
Стјуарт Хол (еден од
основачите на Културните студии), на пример, согледувајќи го
дијалектичниот однос помеѓу популарната и доминантната култура,
полето на културата го гледа како воено поле или место за судир.
Затоа нам (на наследниците на славната реченица за “светот како поле
за културен натпревар меѓу народите”), во еден сосема поинаков
геополитички и културен контекст, знаењето што го нудат културалните
студии и новите насоки во европската културна политика можат да ни
послужат и за она што во поново време се нарекува образование за
демократија. |