49
ПРОТИВ ФРАГМЕНТАЦИЈАТА
03.11.2003
Земјава во моментов
наликува на чудна мешавина на неколку слики од историјата на
уметноста: се преплетуваат дадаизмот и експресионизмот (примитивни
новобогаташи, јавни работници кои всушност се само демагози, глупаци
и фолиранти, бескрупулозни малограѓани, мноштво очајници деградирани
во секоја смисла, и економски и културно и здравствено,
милитаризирана, насилничка и налудничава атмосфера, хорор болници и
училишта, питачи и ѓубре на секој чекор, манипулирана и заглупавена
младина, јавно просташтво, извртени вредности...). Има и малку
Бројгел на нашата слика, колку да потсети дека троа подлабоко сме
заглавени во меандрите на времето; ете ги, прецизно исенчени и толку
препознатливи: дембелите што уживаат под дрво, слепците, лудаците,
веселите музиканти, распосланите селани, гробарите, наказите,
криминалците, сеирџиите...
Она што дополнително
лично ми тежи е што не се наѕираат (не само оние што можат за коса
да нè повлечат од живата кал) ниту можните сликари и опишувачи на
желатинот во кој се прпелкаме... Бездруго, описот сигурно допрва ќе
следи, по лумперајката, по урнебесниот и некрофилен карневал, но тоа
веќе нема да биде утешно, освен како уште една безвредна и
неупотреблива поука за игнорантите што ќе дојдат по нас...
Како да ни се
случуваат славните стихови на Јејтс: “Голата анархија е пуштена од
ланец / Најдобрите немаат уверувања / Додека најлошите се полни со
страсна жестина.”
Власта изгледа
немоќно не само да ги регулира работите туку и да ги именува; таа
нема кохерентен и логичен терминолошки пристап кон сериозните
проблеми, а тоа всушност значи дека нема ниту кохерентна и логична
политика. За некаква стратегија и визија не може да стане ни збор
бидејќи работите секојдневно се измолкнуваат од рацете...
Другиот дел од
естаблишментот, културниот и медиумскиот, изгледа уште
подезориентирано: се крева тензија околу сосема небитни работи, се
премолчуваат крупни закани, лицемерно се бранат одамна изумрени
каузи (“Нова Македонија”, на пример, или катастрофалниот начин на
кој функционира универзитетот “Кирил и Методиј” и низата други
државни установи), без какво било загледување во сопствениот мал
двор, во сопствената одговорност.
Јавноста (олицетворена
во влијателните дневни весници и ТВ станици) е приказна за себе, но
уште потажна: се добива впечаток дека уредниците сеират над пропаста
на сопствената земја, над стеснувањето на кредибилни политички опции,
и дека дури подбуцнуваат конфликти од најнизок вид:
криминализираните поединци од изминатата клептократска власт,
шумските бандити, нарко-дилерите маскирани во радикални
политичари-сецесионисти, нахушканите средношколци-шовинисти, вечните
и сосема испразнети од каква било содржина демагози добиваат третман
за каков не можат да се изборат дури ни ретките вредни, умни и
одговорни луѓе од општеството. Да не го ни спомнуваме давањето
неверојатно медиумско присуство на катастрофалната политика на
ВМРО-ДПМНЕ (дури и во опозиција зрачат со неодмереност,
неконструктивност, деструктивност и невкус; Никола Груевски, наместо
со сите екстремитети да се отргнува од мизеријата во која нè
вовлекува сивата еминенција Љубчо Георгиевски, тој, кутриот, се
труди во секоја запирка и мимика да наликува на својот
хипер-компромитиран - по најразноразни основи: политички, морални и
криминални - некогашен и многу веројатно сегашен шеф).
Македонската
ситуација, значи, делува бедно и понижувачки, речиси кој и ракурс да
го земете; но овојпат - можеби за среќа, можеби за жал, времето ќе
покаже - власта баш и не изгледа дека е главниот негативец; се
намножи такво количество на сосема ослободени од каква било
одговорност: егзибиционисти, урлатори, сеирџии, некрофили и
подбуцнувачи - што дури и инертната и нехаризматична власт делува
невино. Велам дека во сиов ужас можеби има и зрнце надеж затоа што е
тешко да се верува дека овој карневал на лудоста и глупоста може да
трае неограничено; ваквото себеамнестирање од одговорноста за
општествово директно и неповратно нè тера во амбис. (Кон
отфрлањето на одговорноста од себе сите прибегнуваме, повеќе или
помалку, но тој спорт стана толку преовладувачки, толку лесен и
масовен што се заканува сите да нè претвори во фриволни будалетинки
чија единствена забава се кавгите меѓу еден идиотски политички табор
и еден медиокритетски политички табор, а сè зачинето со петокласна
естрада, етно фанатизам, лажна религиозност и игри на среќа).
Значи, среде
какофонијата што ја произведуваат загрижените борци за Македонија (плус,
целата менажерија набројана во насловот), можно е да ја загубиме
државата (а какви сме - тоа нема да биде незаслужено).
Белки таа опасност е
доволно голема за да не се бара ангажман исклучиво од власта (но во
прв ред да се бара токму од неа) туку и од буквално секој одговорен
граѓанин. Ние веќе немаме време за сеир и за криење едни зад други.
Затоа, во
продолжение, ќе се обидам да нафрлам неколку важни современи
политички идеи врз кои би можеле да изградиме едно поинакво,
поквалитетно и поинтегративно општество.
Минатиот пат го
спомнав стравот на Токвил дека дури и во модерните општества луѓето
со леснотија ќе прифатат со нив да управува “една огромна
старателска власт”. Но, денешната реална опасност веќе не е толку во
деспотската контрола туку во фрагментацијата: граѓанството е сè
помалку во состојба да дефинира некоја заедничка цел и да ја оствари.
Да се дефинира заедничка демократска цел веројатно е најтешката
работа што треба да се оствари во еден фрагментиран демократски
систем. Република Македонија денес се наоѓа токму пред најтешкото
искушение; среде сета раздробеност и себичност витално е потребно да
дефинираме заедничка демократска цел. Елементи за тоа има во
промените на Уставот, но мошне важно за нас е конечно да излеземе од
етничките ровови.
Но, важно е да го
земеме предвид и следново:
она што требаше да
изумре заедно со комунизмот е верата дека со модерните општества
може да се управува врз основа на само едно начело, било да е тоа
планирање врз основа на волјата на мнозинството или дејствување на
слободниот пазар.
Во Македонија тоа е евидентно: еве, речиси 15 години изгубеното
идеолошко начело на социјалистичката држава која постоеше речиси
половина век се обидуваме да го замениме со етно-национализмот како
единствен конституциски принцип на државата.
Како што вели
американскиот филозоф Чарлс Тејлор,
пред нас се наоѓа
задачата да искомбинираме повеќе начини на дејствување кои сите
заедно му се потребни на слободното и просперитетното општество, а
кои инаку се обидуваат меѓусебно да се потиснат: пазарната економија,
државното планирање, колективното задоволување на потребите,
одбраната на индивидуалните права, ефикасната демократска
иницијатива и управа.
На пример, максимализацијата на пазарната ефикасност
може краткорочно да биде ограничена со кој било од другите четири
модели; а нивната, пак, маргинализација на долг рок може штетно да
влијае и на самиот економски развој, да не зборуваме за правдата и
слободата.
Како што вели Тејлор,
нашата ситуација бара сложена, повеќекратна борба, интелектуална,
духовна и политичка, во која полемиките во јавната арена се врзуваат
за полемиките во институционалните опкружувања...
“Но, за успешно да
се вклучиме во оваа дебата на повеќе полиња, мораме да согледаме што
е она големото во културата на модерното време, како и она што во
неа е плитко и опасно. Како што веќе за луѓето има речено Паскал,
модерноста ја карактеризираат и грандеур и мисере.
Само погледот кој ги опфаќа и двете може да ни даде неискривен увид
во нашето време, увид кој ни е неопходен за да одговориме на
најголемиот предизвик на современоста.” |