48
АНТИУТОПИЈАТА ПРЕД ВРАТА
(ЏОРЏ ОРВЕЛ 1903-2003)
20.10.2003
Оваа година се
навршуваат сто години од раѓањето на Џорџ Орвел, една од
најинтересните фигури на 20-иот век, писателот кој ја доби
неблагодарната улога на цивилизациски пророк. Благодарејќи на своите
антиутописки прозни книги, на својата разгранета есеистика, но и на
сопствените понекогаш контроверзни политички ангажмани (еден негов
пријател вели дека тој бил конзервативен во сè, освен во политиката),
Орвел не само што стигна во речниците (велиме “орвелијански” за
застрашувачките тоталитарни светови како што велиме “хичкоковски” за
моментите на страв и напнатост), туку и стана еден од симболите на
векот што измина, веднаш тука покрај Ајнштајн, Фројд, Чаплин, Хичкок...
Неодамна, еден друг
голем современ британски левичар, Тери Иглтон, објави мошне
интересен текст по повод стогодишнината од раѓањето на Џорџ Орвел.
Иглтон, на пример, конзервативноста на декларативно левиот Орвел не
ја смета за толкав парадокс, ако се знае дека Орвел на социјализмот
гледал како на зачувување на традиционалните пристојности. Меѓу
другото, обидувајќи се да ги одбрани политичките, моралните и
литературните вредности коишто ги симболизира Орвел, Иглтон вели:
“Орвел не беше
навикнат на луксуз, а со херојски аскетизам дури успеваше и да ужива
во храната од кантината на Би-Би-Си. Успехот изгледа не му беше
важен, за разлика од сите оние современи книжевни авторитети кои се
гордеат што зборуваат отворено и што се непредвидливи дисиденти а
истовремено ги негуваат сите потребни општествени контакти.
Неуспехот беше она што му даваше сила, тој беше лајтмотив на
Орвеловата проза. За него, како и за Бекет, тоа беше она вистинското.
Сите негови книжевни ликови се понижени и поразени.
Освен тоа, Орвел
навистина до крај остана на левицата, и покрај неговото длабоко
гадење од нејзините посомнителни дела, и беше загрижен дека неговите
големи сатири на сталинизмот - Животинска фарма и 1984
- (заради кои некои социјалисти го нарекоа предавник) можат да им
послужат како оружје на ториевците и поборниците на Студената војна,
како што и се случи.”
Иако некои негови
критичари и биографи сметаат дека Орвел сепак не бил нити голем
политички мислител ниту голем писател во уметничката смисла на тој
збор (еден од неговите биографи, на пример, мисли дека Орвел е
далеку поимпресивен како морален критичар отколку како конструктивен
политички мислител), никој не го оспорува неговото неспоредливо
влијание. Влијанието на Орвел во еден момент беше толку големо што
стана контрапродуктивно; го присвојуваа и од лево и од десно, и
загрижените антикомунисти од времето на Студената војна, но и
искрените левичари (Орвел, на пример, учествуваше во Шпанската
граѓанска војна на страната на републиканците кои се бореа против
монархофашистичката диктатура).
Неговата култна
книга, 1984 (објавена 1949, неполна година пред тој да почине,
во јануари 1950) стана една од најпреведуваните и најпродаваните
книги на сите времиња; нејзиниот успех се должи на моментот на
појавувањето (штотуку се затркалуваше Студената војна), но и на
извонредно доловената атмосфера на едно грозоморно тоталитарно
општество во кое се контролираат дури и мислите на граѓаните. Како
мошне имагинативен раскажувач, создавајќи снажни реалистични ликови,
вешто и со неочекувани пресврти водејќи ја нарацијата, Орвел
навистина успеа да ги долови застрашувачките светови што демнат зад
аголот; тој слика едно - од некаде толку познато - општество во кое
со помош на војни и полициски терор човечките вредности стануваат
сосема деградирани, а владеат бедата, гладта и фалсификувањето на
историјата.
Успехот на романот
1984 ја надживеа и Студената војна и “судената” 1984 година и
распадот на железната завеса кога комунистите престанаа да бидат
закана за триумфалниот капиталистички свет. Се покажа дека
тоталитаризмот има стотици лица и дека токму незаузданиот развој на
капитализмот може многу побрзо да нè однесе во параноичните
општествени проекции на Орвел отколку Мао и Сталин.
Денес не само што е
реална опасноста еден светски центар да ги контролира податоците (што
значи, животите) на сите луѓе на планетава, туку тоа е дури и факт,
проект што е во зачеток и кој реално се одвива. Демократијата денес
е на исти такви искушенија (дури можеби и пострашни) како што беше
во почетокот на педесеттите години, кога на светот му се нудеа две
подеднакво лудачки опции: теророт на американскиот сенатор Макарти
во потрага по комунистички вештерки, од една страна, и теророт на
бескрупулозниот Сталин, од друга страна.
Како што велеше
Орвел, а ние сè уште живееме во таа атмосфера: “Цела една генерација
на недоветни обесена ни е околу вратот како ланец нанижан со трупови”.
“‘Реализмот’ (некогаш
тоа се нарекуваше нечесност) е дел од политичката атмосфера што
владее со нашето време.”
“Живееме во свет на
ситничари, попови и играчи на голф”, кои баш и не простуваат кога им
се зборува вистината.
Затоа многумина се
обидуваа да го отфрлат Орвел, но уште повеќе имаше такви кои го
фалсификуваа и злоупотребуваа, без притоа да го читаат, користејќи
го за свои дневни политички цели. Дотолку денес постојат повеќе
причини повнимателно и покритички да го читаме Орвел (но и неговите
претходници, “антиутописти”, Замјатин со романот Ние, и
Хаксли со Прекрасниот нов свет).
И денес, значи, сè
уште е валидна опасноста од тоталитаризмот, но радикално се
променети перспективите и насоките од каде би можела да дојде таа
опасност. Стариот проблем денес има поинаква поставеност: со
заедничкото дејствување на пазарот и бирократската држава доаѓа до
слабеење на демократските иницијативи. За таа опасност зборуваше
уште Токвил, за стравот дека одредени својства на модерното
општество ја загрозуваат дури и волјата за демократска контрола, за
стравот дека луѓето со леснотија ќе прифатат со нив да управува
“една огромна старателска власт”.
Но, за тоа повеќе во
некој од следните текстови. |