Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


47

Едвард Саид

1935-2003

06.10.2003


 

Пред десетина дена почина еден од навлијателните современи светски мислители, Едвард Саид. Можеби зборот “мислител” би можел да се замени со “интелектуалец”, бидејќи Саид цврсто веруваше дека улогата на интелектуалецот не е надмината во новите светски околности и дека негова примарна задача и понатаму останува: на моќниците вистината да им се сосипа директно в лице.

Тоа Саид и го правеше, целиот живот, дури особено засилено последниве десетина години, поточно од 1991-та, кога кај него дијагностицираа леукемија.

Саид потекнува од Палестина и со децении се бореше за палестинската кауза, но притоа не штедејќи ја ни честопати ужасно погрешната политика на Арафат и на другите палестински водачи. Поголемиот дел од животот го помина во САД, но неговите најразорни критики беа упатувани токму кон моќниците од американскиот естаблишмент, особено кон шовинистите, расистите и фанатиците од сите бои. Тие кон крајот на шеесеттите на Саид му ја запалија канцеларијата, но, се разбира, не го замолчаа гласно да зборува против белиот расизам.

Делото на Саид, но и неговиот живот, важни се и затоа што се извонреден пример за тоа како можат да се усогласат книжевните, филозофските и културолошките интереси со современите политички интереси. Речиси може да се каже дека Саид целиот живот го посвети на идејата да се надмине јазот помеѓу приватното и јавното, во смисла дека неговата книжевна критика секогаш била во согласие со неговите длабоки политички убедувања, но и со позицијата на постојан “маргиналец и изгнаник”.

Саид секогаш инсистираше дека повеќе го интересираат стратегиите на нарушувањата отколку стратегиите на следење или на поклоништво. Тој интелектуалецот го сметаше за одговорен и опозициски граѓанин кој секогаш настојува своите ставови да ги прошири надвор од областа на догмите и крутите партиски позиции.

Освен што ме научи дека главната задача на интелектуалецот е на моќниците да им се говори вистината, она што лично го научив од Саид и што на некој начин ме охрабри јавно да пишувам за политиката е неговата славна констатација: “Дојде времето носот на културата да се брцне во калта на политиката”.

Токму кај Саид налетав на еден значаен параграф во кој Салман Ружди се повикува на метафората за китот на Орвел, обидувајќи се да ја објасни моќта на политиката:

“Гледаме дека создавањето на еден измислен универзум ослободен од политиката би било погрешно колку и создавањето универзум во кој никој нема да мора да работи, јаде, мрази или сака, спие. Неопходно е вон утробата на китот неодложно, па дури и со радост, да се фатиме во костец со посебните проблеми кои настануваат кога во игра ќе ја воведеме политичката граѓа, бидејќи политиката е фарса и трагедија, а понекогаш (како во Пакистан на Зиа, на пример) и едното и другото. Вон утробата на китот, писателот е должен да биде дел од групата, дел од океанот и луњата, така што објективноста станува само голем сон, налик на совршенство, недостижна цел за која мораме да се бориме наспроти невозможноста да се успее. Вон китот лежи познатиот свет на Бекетовата формула: Не можам понатаму, одам понатаму.”

Пред неколку месеци на истово место го спомнував тврдењето на Саид дека фетишизираниот статус на жртва е главниот генератор за насилство над Другиот. Саид, се разбира, зборуваше за израелско-палестинскиот судир во кој и Евреите и Палестинците за себе си ја присвојуваат безгрешната улога на жртва. Не само заради оваа важна поука ние овде, во Македонија и на Балканот, навистина имаме доволно причини да го читаме Саид.

На едно друго место, зборувајќи за односот меѓу колонизаторот и колонизираниот, Саид Вели: “Но, само откако ќе го добие сопственото право на глас послабата страна ќе може да преземе дел од културниот идентитет на посилната и ќе може да стапи во продуктивен дијалог.”

Да бидам јасен: кога го спомнувам Саид како можен корисен толкувач и на македонските невесели состојби, воопшто не мислам дека е можно да се поистоветуваат позициите на, на пример, Македонците и Израелците или Албанците и Палестинците. Ниту геополитичкиот контекст е ист, ниту историјата, ниту Македонците се толку силни како Евреите, ниту Албанците се толку слаби како Палестинците (згора на сè, Палестинците немаат ни држава). Но, знаењето што го нуди постколонијалниот концепт на Едвард Саид за нас е важно затоа што светот денес е зачудувачки испреплетен и работите допрва одат во насока на поврзување; во согласност со тоа, само обрнувам внимание на важни културолошки начела, на важни мисловни и стратешки ресурси.

Читајќи го Саид, значи, согледувам дека мнозинските Македонци ќе мораат подлабоко да се соочат со својот културолошки гард кон Албанците или Ромите, на пример (гард кој понекогаш има примеси дури и на расизам, а посебно е опасен кога оди по религиски линии). Но, токму низ истиот еманципаторски ракурс на отворено прифаќање на Другиот, и малцинските Албанци во Македонија ќе треба да ги прифатат начелата на игра чија суштина е владеење на правото и законот, а не на крвта и племето.

Втора важна работа што на некој начин ја сугерира и Саид, е прашањето на довербата. Дури ни познанство (да не зборуваме за пријателство!) не може да се гради врз лицемерие и скриени намери. Камоли држава!

Но, верата во државата (би рекле, верата воопшто, вон нејзините исклучиво религиозни конотации) годиниве не ја разнебитија етничките тензии или “примитивниот” народ туку криминализираните политички елити кои почнаа законите да ги поистоветуваат со сопствените функции.

Едвард Саид, меѓу другото, е само еден моќен пример на разобличувач на моќниците - тој подеднакво жестоко удираше и по Арафат и по Шарон и по Буш.

И поради тоа сметам дека делото на Саид ќе опстои и по неговата смрт. Големиот борец за повеќе слобода, правда, рамноправност и достоинство, големиот критички толкувач на историјата (на литературата и на политиката, во прв ред, и на нивните интерференции) и со својот живот и со своето дело постави стандарди што неумоливо повикуваат на следење.